До унгарското Министерство за правда деновиве ќе биде доставено барањето со целокупната документација за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
На прес-конференција во Владата, Бошњаковски рече дека се работи за обемна документација од околу 400 страници која ќе биде соодветно преведена и доставена до унгарските надлежни власти.
– Министерството за правда од надлежните судови ја собира севкупната документација во однос на случајот. Таа ќе биде преведена и доставена до унгарските надлежни органи односно до Министерството за правда на Унгарија. Во документацијата меѓудругото ќе има и образложение зошто Никола Груевски треба да биде екстрадиран во Македонија. Се работи за обемна документација околу 400 страници, но без разлика на бројот на страниците, барањето ќе биде официјално доставено до Унгарија во текот на овие денови – рече Бошњаковски.
Паралелно со ова, се спроведуваат и две постапки во МВР со цел да се утврди начинот на којшто Груевски побегнал од Македонија. Одделот на внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници дека му помогнале, а дополнително Секторот за внатрешни работи Скопје го утврдува начинот на бегство, како и евентуално надворешни лица кои му помогнале.
– По завршување на овие две постапки, МВР ќе излезе во јавност со целосна слика како се организирало бегството на Груевски – истакна Бошњаковски.