Бугарија најмногу од сите сакаше нашиот сосед Република Северна Македонија, како и нашите пријатели од целиот Западен Балкан, да влезат во ЕУ, рече премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, за време на денешниот состанок на владата, објави „Бгнес“.
„Нашата позиција не е позиција на тврдоглавост или позиција да ги запреме нашите најблиски пријатели“, рече Борисов.
Според него, бугарската позиција е принципиелна и ги одразува очекувањата на сите бугарски граѓани.
„Подготвени сме да ги продолжиме разговорите“, додаде Борисов.
Тој вели дека токму Бугарија ја поддржала Македонија за членство во НАТО.
„Бевме исклучително добронамерни и загрижени и во разговорите што ги водевме со нив многу внимателно им објаснивме до каде можат да одат нашите компромиси“, рече премиерот, потсетувајќи дека е формирана заедничка комисија за решавање на историските прашања со прецизни аргументи.
Борисов, исто така, рече дека биле водени десетици разговори, вклучително и со учество на вицепремиерите Захариева и Каракачанов, во потрага по компромиси, за Бугарија да не биде земја што ќе каже „не“ за почеток на преговорите.
Борисов изрази жалење што Скопје не покажало, како што рече, посветеност сметајќи дека со притисок и лобирање може да ја натераат Бугарија да ја смени својата позиција.