Политиката на опструкција што ја спроведуваат новите земји-членки на ЕУ против своите соседи целосно ја поткопа идејата за широко „прелевање“ на европеизацијата, која само до пред една деценија беше нашироко прокламирана
Како балканските ЕУ-членки го запираат процесот на европските интеграции
На 17 ноември 2020 година Бугарија го блокира отворањето на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ. Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека нејзината земја не може да го поддржи почетокот на преговори за својот западен сосед. Ова е трета блокада со која се соочува оваа мала балканска држава, по оние од Грција и од Франција. Последново вето се однесува на бугарските ставови за македонскиот јазик и неговото потекло.
Ветото на Софија е само потврда на „правилото“
Колку и да е вознемирувачко, ветото на Софија не е никаков исклучок од правилото. Всушност, тоа ја следи традицијата на скорашните земји-членки, кои активно ги блокираат пристапните преговори на своите најблиски соседи што не членуваат во Унијата. Во 2009 година Словенија ги блокира хрватските преговори со ЕУ. Причината лежеше во несогласувањата меѓу овие две поранешни југословенски републики во врска со границата на Пиранскиот Залив.
Во 2016 г. Србија ја обвини Хрватска дека ги блокира нејзините пристапни преговори за членство. Медиумите пренесуваа дека Хрватска го блокирала отворањето ново поглавје за Белград поради лошиот статус на хрватското малцинство во Србија.
Европеизацијата е реверзибилен процес
Некогаш навидум прифатливата идеја дека проширувањето на ЕУ води кон европеизација на новите земји-членки и ефект на нејзино „прелевање“ во нивното соседство, сега е тргната настрана и ставена во состојба на мирување. Нетолерантниот пристап што се „изроди“ кај многу земји-членки што влегоа во ЕУ од 2004 година наваму јасно покажа дека европеизацијата е реверзибилен процес. Политиката на опструкција што ја спроведуваат новите земји-членки на ЕУ против своите соседи целосно ја поткопа идејата за широко „прелевање“ на европеизацијата, која само до пред една деценија беше нашироко прокламирана.
Пристапот наречен „блокирај го својот сосед сега, додека можеш“ го извади на виделина не само лажното ветување за регионална европеизација туку и сѐ понеправедниот третман на другите балкански земји. Едноставно кажано, новите членки на ЕУ го злоупотребуваат своето членство во клубот за да извлечат отстапки од своите први соседи. Ова не е исклучок, туку повторлив шаблон на однесување од страна на привилегираните, истакнува во својата анализа за турската државна новинска агенција „Анадолу ејџенси“ д-р Хамза Карчиќ, вонреден професор на сараевскиот Факултет за политички науки.
ЕУ-членките од Балканот само глумат добри Европејци
Типичен пример за ова е Босна и Херцеговина, дури и пред земјата да го добие статусот на кандидат за ЕУ. Во 2013 г., наскоро по пристапувањето во ЕУ, хрватските политички лидери почнаа да се раководат според еден комплетно неоправдан и нелогичен покровителски пристап кон Сараево. Директното мешање во внатрешните работи на БиХ се движеше од фаворизирање изборни кандидати до обиди за „плеткање“ во босанското законодавство. Случајот со хрватско-босанските односи од 2013 година досега покажува дека последната примена членка ги става во пакет своите национални и националистички интереси, обидувајќи се притоа да ги прикаже како „европски вредности“. Преземајќи ја улогата на „чувари“ на тие вредности – колку и да е неубедлива – хрватските политички лидери се обидуваа што повеќе да го „набилдаат“ и искористат своето членство во ЕУ. Ваквиот шаблон еднакво го следат и националистите и социјалдемократите.
Овој пристап со „глумење Европејци“ во Босна накратко беше применет дури и од најголемата хрватска националистичка партија, ХДЗ.
Таа накратко се нафати да се претстави како чувар на „европските вредности“, по теркот на соседните политичари во Хрватска, но наскоро ја сфати неубедливоста на својот сопствен спин и се повлече од намерата.
Сега, кога Хрватска е членка на Унијата, а Србија е далеку пред Босна, со 18 отворени преговарачки поглавја, логична е претпоставката дека таа ќе влезе во ЕУ пред Босна. Доколку се случи тоа, таа би ја користела својата новостекната надмоќ против Босна, исто како што Словенија го направи тоа против Хрватска. Со Хрватска и Србија во ЕУ, Босна би била „заглавена“ со две соседни држави и нивните потенцијални вета.
Покрај тоа, босанските Хрвати веќе имаат право на хрватски пасош и низа други погодности. Доколку Србија стане земја-членка, истите привилегии ќе ги добијат и босанските Срби. Во Босна, токму националистичките политичари од редовите на босанските Срби и босанските Хрвати се претворија во голема пречка на патот на земјата кон членството во ЕУ. Генералниот заклучок е едноставен: најтешкиот удар поради заостанувањето на Босна во интеграциските процеси ќе го почувствуваат само Бошњаците. За жал, ова сценарио не е само теоретско. Напротив, неговата реализација е сѐ поверојатна и работите одат во таа насока.
Ветата не се никакво скршнување од нормалата, туку воспоставена практика
Овој модел на блокада би можел многу лесно да се примени и кај други балкански држави. Србија, чии пристапни преговори почнаа во 2014 година, веќе е далеку пред Косово на патот кон полноправно членство во ЕУ. Доколку нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина не се финализира пред да се случи српскиот влез во Унијата, тоа ќе значи дека – следејќи ја досегашната логика на блокирање – Србија ќе го искористи своето ЕУ-членство да постави пречки на европскиот пат на Косово. Ваквата блокада, впрочем како и сите досега наведени, ќе биде презентирана под маската на „европски стандарди“, кон кои Косово би требало да се придржува.
Во случај Србија и Албанија да влезат во ЕУ „во пакет“ (истовремено), тогаш Албанија би можела да ги неутрализира српските блокади за Косово со своите „противудари“ во форма на некакво вето за Белград.
Меѓутоа, да не заборавиме дека Албанија (како најголем сојузник на Косово) заостанува зад Србија во однос на преговорите со ЕУ. Како земја-кандидат, таа успеа да добие отворање на пристапните преговори со ЕУ дури во 2020 година. Ова значи само едно – доколку Србија влезе во ЕУ пред да го стори тоа Албанија, тогаш Белград ќе дојде во позиција да ја води играта наречена „вето“.
Она што ни го покажа овој краток преглед на досегашните соседски блокади е дека ветата не се никакво скршнување од нормалата, туку една веќе воспоставена практика. Членството во ЕУ служи како средство за присила – го терате вашиот сосед да прави работи што во нормална ситуација не би ги правел. Згора на тоа, го користите членството да ги прикажете вашите длабоко националистички интереси како некакви важни „европски вредности“. Имајќи ги предвид подемот на екстремно десничарската политика и напливот на нетолеранција кај последно примените членки на ЕУ, ветата што беа применети кон аспирантите за членство не влеваат никаква доверба во ефикасноста на пристапниот процес. Конечно, политичката импликација од ваквиот тренд гласи: наместо вредно да работат на зајакнување на добрососедските односи, аспирантите за членство во ЕУ ќе бидат советувани да градат посилни врски со клучните европски метрополи (особено со Берлин), доколку сакаат да ги „амортизираат“ очекуваните бариери што им претстојат.
(Од анализата на Хамза Карчиќ за „Анадолу ејџенси“)