Доколку се прифати грчкиот предлог за име за севкупна употреба, тогаш МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите туку ќе треба да се прекрсти во „Академија на науките и уметностите на Република Горна Македонија“, на пример, објасни првиот човек на академијата, Таки Фити. Од оваа произлегува дека, освен МАНУ, ќе бидат прекрстени и НБРМ, АРМ, ДПМ, ФФМ… што, според првиот човек на МАНУ, е апсурдно
Стручната и академска јавност во земјава и надвор од неа сѐ повеќе се вклучува со свои размисли, анализи, предвидувања базирани на стручни согледувања, проекции и препораки во однос на насоките каде што „се движат“ обидите за решавање на наметнатиот спор за името од страна на Грција. Таквите анализи, синтези, проекции и предвидувања од споменатата стручна фела се сочинети со користење научнофундирани, историски и меѓународноправно поткрепени факти, кои се недвосмислено во полза на македонската страна, а со тоа сакале да признаат или не и грчката страна, па и посредникот, тие и де факто и де јуре сами по себе стојат во одбрана на македонските национални интереси, уставното име, јазикот и идентитетот на македонската држава и народ.
Тоа е всушност легитимен и многу оправдан обид на научната и академска јавност, не само на националната, туку и на меѓународната експертска јавност, да им се стави во прв план како критериум објективната научна вистина, а со тоа и правото и правдата, пред политикантството, пред калкулантството и пред „аргументите на силата“, а не „силата на аргументите“ да игра главна улога во преговарачкиот процес. Со тоа експертите, професорите и академиците од својата објективна и научна диоптрија прават обид долгогодишниот спор постепено да се извлече од канџите на политиката и да се постави на друг колосек, каде што аргументите ќе се црпат пред сѐ од науката и од меѓународното право. Изминатиот период имаше многу вакви иницијативи, натписи и отворени писма во насока на заштита на македонските национални интереси низ призмата на науката и правото. Поттикнати од споменатите мотиви, како и од динамиката, начинот, но и опсегот на преговорите, последен во низата на оние што отворено, непристрасно, без политички предрасуди предупредуваат на тешките последици што грчката преговарачка страна ги наметнува доколку некритички се прифатат нивните предлози, е првиот човек на највисоката научна институција во земјава, претседателот на МАНУ, Таки Фити.
Тој смета дека менувањето на Уставот и прифаќање име за севкупна употреба, ерга омнес, на кое тврдо инсистира Атина, може да доведе до крајно опасна ситуација по нас и дека тоа по никоја цена не смее да се прифати во преговорите со Грција.
– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација – рече Фити.
Тој објасни дека доколку се прифати име за севкупна употреба тогаш МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти во „Академија на науките и уметностите на Република Горна Македонија, на пример.
Понатаму Фити објасни дека тоа би важело и за другите институции што во своето име ги содржат термините македонски, македонска, Македонија. Од оваа произлегува дека освен МАНУ ќе бидат прекрстени и НБРМ, АРМ, ДПМ, ФФМ… што, според првиот човек на МАНУ, е апсурдно.
Во оваа насока проф. Билјана Ванковска, во однос на името/идентитетот посочува дека постои опасност на народот да му се случи колективно преименување и голем срам во иднина за општеството.
– Денес имаме капитулантска, марионетска власт и опозиција. Народот е сам! Оставени сме си сами на себе и сега од нас и нашето однесување зависи дали ќе дозволиме, овој пат, колективно да нѐ преименуваат. Наместо трет или четврти Илинден, политичарите се сложија да ги избришат сите илиндени во нашата историја! Поголемо колективно предавство не доживеале ни нашите предци, иако предавството велат ни е составен дел од историјата – наведува Ванковска.
Во меѓувреме, предлогот за промена на уставното име и понатаму е предмет на спорење помеѓу Скопје и Атина. Грчкото барање за промена на уставното име и 17 мај како датум за средба помеѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас што може да биде клучна за евентуално решение доколку се одржи состанокот во Софија, се двете точки што ги споменуваат грчките весници „То вима“ и „Катимерини“ во анализите за преговорите меѓу Македонија и Грција.
– Грција и поранешната југословенска Република Македонија остануваат заглавени во прашањето за промена на уставното име на соседната земја, бидејќи во овој момент нивните ставови се движат во различни насоки. Според информациите, Атина инсистира на тоа дека ерга омнес имплементација на новото име (кое како што произлегува од веродостојни извори ќе биде „Горна Македонија“, на словенски, но не и непреведено) треба да се обезбеди со промена на Уставот – пишува „То вима“. „Искусниот“ новинар додава дека кај македонската страна се создава мислење дека може во Уставот да се додаде еден параграф што ќе гарантира дека името ќе се однесува на секаква меѓународна употреба (мултилатерална или билатерална).
Весникот „Катимерини“, пак, пишува дека Македонија има два аргумента против уставна ревизија. Едниот е чисто политички, поради тоа што Владата нема комплетно мнозинство во Собранието, а вториот е правен аргумент, затоа што „највисокиот суд на соседната земја, никогаш не пресудил дека меѓународните договори се подредени на Уставот“.
Инаку, можен конечен договор за решавање на овој „проблем“ се очекува да биде изнесен по средбата меѓу премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас, на 17 мај, на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Како што објавуваат грчките медиуми, Заев и Ципрас имаат „отворена телефонска линија“, иако разговорите и контактите не се објавуваат. Како резултат на краткото време што преостанува за наоѓање компромис меѓу двете страни е и новата средба најавена за в петок, помеѓу шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас во Сунио во близината на Атина, во рамките на министерскиот состанок. Веднаш потоа, за в сабота е закажана и средба со посредникот Метју Нимиц во Виена.
Грчката дијаспора бара од Коѕијас прекин на преговорите
Грчките „Семакедонски сојузи од светот“, во допис до министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, бараат прекин на преговорите за името.
Како што јави МИА, станува збор за грчките организации што беа дел од организаторите на протестите во Солун и во Атина за „одбрана на името Македонија“.
– Веднаш треба да се прекинат преговорите и да запрете да го понижувате достоинството на Грците во целиот свет, со отстапливоста и со вашето инсистирање да им го подарите името Македонија на робовите од Скопје – му пишуваат на Коѕијас и велат дека тој има обврска да ја земе предвид одлуката од лидерската средба во 1992-та и несогласувањето на грчкиот народ со постоење на името Македонија во името на „соседната централнобалканска држава“.
Во дописот пишуваат дека, според објавените информации, „јасно е дека преговорите се стигнати до ќор-сокак“ поради неприфаќањето на ерга омнес име и уставна промена од македонска страна.
– Не постои никаква причина вие, претставувајќи ја грчката страна, понижувачки да молите да продолжат преговорите кога веќе направивте болни и историски неточни отстапки, прифаќајќи сложено име што го содржи терминот Македонија – му пишуваат на Коѕијас од „Семакедонските сојузи од светот“.
Писмото го потпишуваат организациите од САД, Австралија, Канада, Африка и од Грција.