Пред нашите очи, без да сме воопшто свесни за тоа во хаосот на современиот свет, преку конфронтацијата на поморските сили на Велика Британија и САД и целиот западен воено-политички блок со континенталните сили Русија и Кина, се одвива една голема битка за контрола врз централната светска копнена маса – Евроазија и нејзиниот европски центар, Источна Европа. Оваа, на прв поглед, тешко видлива поширока слика на целокупните тековни светски конфликти ќе ја одреди историјата на 21 век, на ист начин како што големите светски војни ја одредија онаа на 20 век. Прашање на време е кога конфликтот поттикнат од страна на геополитичките џинови – Западот и Русија на европска, и истовремено Запад и Кина на азиската страна на Евроазија, ќе прерасне во глобална воена пресметка – битка над сите битки

Анализа

Уште во дамнешната 1904 година, британскиот геополитичар сер Халфорд Мекиндер, еден од основачите на геополитиката, во својата книга „Географски стожер на историјата“, практично ги предвиде војните што ќе се водат за контрола на „срцето“ на Евроазија – нејзиното централно копно. Имено, тој тврдеше дека во центарот на Евроазија има стратегиски регион со огромни ресурси, кој, доколку би бил ставен под контрола на една или на група сили, би можел да биде темел на „новата светска империја“.

Оној што владее со светскиот остров, владее со светот

Професорот по стратегија на американскиот Колеџ за наутичка војна, Џејмс Курт, во својот напис за весникот „Форин аферс“ наведе дека „беа потребни две светски и една студена војна за да се спречи пророштвото на Мекиндер да стане реалност“:
– Оној што владее со Источна Европа, владее со срцето; оној што владее со срцето, владее со светскиот остров, а оној што владее со светскиот остров, владее со светот. А во средиштето на срцето, кое одредува кој владее со целиот евроазиски простор, е Источна Европа (под „срцето“ овде подразбираме централен географски регион, кој има витално стратегиско, политичко, економско и воено значење – имено, Мекиндер така го нарече централното копно на Евроазија). Тој беше далеку пред своето време и ги предвиде сите клучни стратегиски прашања што доминираа во 20 век.
Во Првата и во Втората светска војна, Германија привремено во Источна Европа и „срцето“ оствари огромни територијални добивки на штета на Руското Царство и подоцна на СССР. Првично, Руското Царство беше поразено од Германија, но откако таа ја изгуби војната, западните сили што го креираа Версајскиот договор, ја натераа Германија да се откаже од сите територијални придобивки што ги постигна врз основа на победата над Русија и германско-рускиот мировен договор од Брест-Литовск. Пред сите, САД и Велика Британија не сакаа да ѝ дозволат на Германија да ја контролира Источна Европа, а со неа и „срцето“ за кое зборуваше Мекиндер.

Од истите причини, во Втората светска војна САД и Велика Британија му дадоа воена и политичка поддршка на тоталитарниот советски режим, сакајќи повторно да ја спречат Германија во стекнувањето контрола врз териториите и ресурсите што би можеле да бидат основа за светска доминација. На самиот почеток на војната, пред САД да се вклучат во неа, во својот напис под наслов „Војна за Источна Европа“, објавен во „Форин аферс“ на 1 октомври 1941 година (значи само 13 недели по германскиот напад врз СССР), Брус Хопер недвосмислено ги изрази ставовите на американската политика во врска со можноста за германска контрола над „срцето“ на Мекиндер. Во текстот Хопер наведува: „Нацистичкиот напад врз болшевичка Русија затвора еден кошмар, но отвора друг. Опасната можност за сојузништво на двете крила на светската револуција (националсоцијалистичката и комунистичката), од која толку се плашеа западните политичари, беше уништена од тенковските дивизии на Хитлер. Меѓутоа, наместо претходните закани, се појави една нова опасност. Сега Германија може да ја преземе контролата врз материјалните и човечките ресурси од Чешка до Хималаите и Персискиот Залив, а со своите освојувачки походи да ја покори и цела Азија“.
Сходно на тоа, текстот од „Форин аферс“ во својот заклучок ја нагласува потребата од воена помош за СССР, заради спречување на ваквиот расплет во германско-рускиот судир.

Со распадот на СССР и завршувањето на Студената војна, Западот ја елиминирана заканата од Русија за контрола над „срцето“

Во завршната фаза на Втората светска војна, СССР успеа да се стекне со контрола врз Источна Европа, што предизвика реакција од САД, Велика Британија и новоформираната воено-политичка коалиција на западните сили. Почна Студената војна. Со распадот на СССР и завршувањето на Студената војна, беше елиминирана заканата од контрола над Источна Европа и „срцето“ од страна на една европска континентална сила (во овој случај Русија) и геополитичките поставки беа вратени на периодот пред почетокот на Првата светска војна, додека во однос на Русија, тие во голема мера беа вратени на ефектите од мировниот договор Брест-Литовск, со тоа што придобивките повторно не беа за Германија, туку за западниот блок како целина.
Натпреварот за стекнување контрола врз „срцето“ и Источна Европа претставуваше геополитичка основа за војните што се водеа на овие простори во текот на целиот 20 век и продолжуваат да се водат и во 21 век, токму како што предвиде сер Халфорд Мекиндер. Во основа, работата е многу едноставна и нема врска со идеолошките конфликти, кои се обична маска за голите економски и геополитички интереси.
Сѐ до распадот на СССР и Варшавскиот пакт, Русија ги контролираше Источна Европа и „срцето“, што ѝ донесе огромна геополитичка моќ, во голема мера непропорционална со нејзината реална економска и политичка моќ.

По падот на комунизмот и распадот на СССР, Русија го губи влијанието врз Источна Европа, па Западот, предводен од САД и Велика Британија, со помош на континенталните европски сојузници собрани во НАТО, се обиде со своето влијание да го пополни настанатиот празен простор и да оствари контрола врз ИЕ и „срцето“, на што Русија силно се спротивстави. Во тоа се содржи целата мудрост на навидум сложената содржина на односите на Западот и Русија.
Во суштина, продолжува огорчената борба за контрола над Источна Европа и „срцето“ на Мекиндер. Имено, денешната борба се води на европската страна на Евроазија – за Украина, Белорусија, Молдавија и државите околу Русија, чии делови од територијата влегуваат во геополитичката рамка на Источна Европа: Азербејџан, Грузија и Казахстан. Светските поморски сили САД и Велика Британија, заедно со своите континентално-европски сојузници, по две светски и една студена војна, повторно се судираат во уште една нова студена војна со копнените сили на Евроазија. Само што овој пат противник не е Германија или Советската Империја, туку Русија, а во азискиот централен дел – Кина. Влогот е од судбинско значење за спротивставените страни и нема место за какви било отстапки. Затоа, поради истите геополитички мотиви што досега предизвикаа три големи војни, воопшто не е невозможно оваа нова асиметрична студена војна да прерасне во нов светски воен судир.

Марио Стефанов,„Геополитика њуз“

(Продолжува)