Нова вакцина против ковид-19 произведена по најнова технологија
Канадската биотехнолошка компанија „Медикаго“ само што не почнала да произведува нова вакцина против ковид-19, користејќи притоа нова технологија. Оваа вакцина, во основа, е посебна поради фактот што се добива од растенија.
Билките како природни
фабрики за производство на вакцини
Класичните вакцини се произведуваат во комплицирани биореактори, каде што во стерилни и строго контролирани услови, одбрани животински клетки се инфицираат со вирусот или со делови од неговиот генетички код, за да се натераат да произведат копии од вирусот или антигенот. Инкубацијата во овие биореактори трае со недели, по што клетките поминуваат низ сложен процес на прочистување, пред да бидат конечно спакувани за употреба.
Биореакторите се скапи, бараат високообучен персонал и имаат висок ризик од контаминација на примероците – ова е една од причините за големиот недостиг од вакцината „Астра Зенека“, со кој на почетокот на годината се соочи цела Европа. Повеќенеделното производство за еден миг може да биде компромитирано, а потоа целата контаминирана резерва мора да биде отстранета.
Од друга страна, производството на вакцини од растенија ги користи билките како природни реактори, а конечниот производ се честички слични на вируси, кои нашиот имунолошки систем ги препознава како потенцијална закана, па затоа создава соодветни антитела, кои би дејствувале и против вистинските вируси.
Самата технологија постои веќе околу три децении, а научниците досега експериментираа со разни растенија како потенцијални природни биореактори – компир, ориз, пченка и зелена салата – но ниту една од овие вакцини до овој момент не е одобрена за користење кај луѓе.
Досега ниту една од експерименталните вакцини не стигна до финалната фаза на клинички тестирања.
Вакцината не е во финална фаза поради небезбедност, туку поради недостиг од регулаторна рамка
Кетлин Хеферон, професорка по микробиологија на универзитетот „Корнел“, за „Нешнал џиографик“ изјави дека тоа се случило не поради помалата ефикасност или небезбедност на вакцините туку поради недостигот од регулаторна рамка за нови технологии во производството на вакцини, како и поради досегашната неподготвеност за вложување во биотехнологијата.
Новата вакцина на „Медикаг“ досега е тестирана во Канада, САД, Обединетото Кралство, Бразил и во Аргентина, а нејзините креатори се уверени дека во блиска иднина таа ќе добие одобрение од канадските и јапонските регулатори.
Голем инвеститор во „Медикаго“ е и тутунскиот гигант „Филип Морис“, кој има 25 отсто удел во компанијата, па, оттука, не е никакво изненадување што таа како биореактори за вакцината ја користи билката од родот на тутуни Nicotiana Benthamiana (бентамов тутун). Станува збор за автохтона австралиска сорта, блиска роднина на тутунот што се користи за производство на цигари, а која австралиските домородци ја консумирале како стимуланс.
Во фабриката „Медикаго“ во американската сојузна држава Северна Каролина, роботски раце собираат млади листови од бентамов тутун, ги превртуваат наопаку и ги потопуваат во сад со течност, во која има милиони агробактерии. Се работи за бактерии што природно ги инфицираат растенијата, а тука се модифицирани така што содржат мал дел од генетичкиот материјал на САРС КоВ-2. Малечок вакуум ја повлекува течноста од коренот за да се соберат листовите, потоа ја испушта, а листовите ја впиваат течноста полна со бактерии, која се шири низ целото растение.
Во суштина, со тоа е завршен најголемиот дел од работата. Младите билки се претворени во биореактори, а бактериите веќе ја имаат пренесено вирусната ДНК во клетките на билките. Додека билката расте, нејзините клетки ќе произведуваат големи количества антигени, честички слични на вируси што сами по себе не се заразни, но ја стимулираат имунолошката реакција кај луѓето.
Целиот овој процес трае од пет до шест дена, а потоа лисјата се берат, се сечат на парчиња и се потопуваат во ензимска смеса, која ослободува антитела. Следниот чекор е антителата да се изолираат од другите делови на растението и тогаш се подготвени за производство на вакцината.