Прислушувањето, поточно незаконското следење на комуникациите, како да стана заштитен знак на државата, се разбира во негативна смисла на зборот. Она што веројатно најмногу загрижува е фактот што низ сите овие години од осамостојувањето на Р Македонија, во практиката не се етаблира соодветен ефикасен механизам што ја спречува или превенира оваа појава. Затоа, тоа во практиката ни се повторува одново и одново, а „навиката“ за незаконско прислушување има сериозни безбедносно-политички импликации, кои нѐ вовлекуваат сѐ подлабоко во спиралата на невладеењето на правото
Од независноста досега, во одредени временски интервали, и тоа најчесто во период кога државата се наоѓа пред значајни одлуки, крупни историски предизвици или исчекори во одредена насока, општествените текови и јавноста како по некое непишано правило се „во тежок стрес“, вознемирени од рециклирани силни афери со политичко-безбедносна заднина.
Прислушувањето, односно т.н. незаконско следење на комуникациите, како да стана заштитен знак на државата, во негативна смисла на зборот. Она што веројатно најмногу загрижува е фактот што низ сите овие години од осамостојувањето на Р Македонија не се етаблира соодветен ефикасен механизам против оваа појава. Затоа, таа во практиката ни се повторува одново и одново, а безбедносно-политичките импликации нѐ вовлекуваат сѐ подлабоко во спиралата на невладеењето на правото.
Република Македонија редовно, или како по традиција, политички и безбедносно е потресена од серија скандали поврзани со незаконско прислушување и следење на информациите, при што цел на овие снимања се политичките елити, претставниците на државните институции, дипломатите, новинарите и граѓаните.
Само за потсетување, најновиот случај, кој неодамна го обелодени државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и за кој е отворена и истрага, говори за прислушување, снимање и следење на комуникациите на сите фиксни броеви во Јавното обвинителство.
Опремата со кое се вршело прислушувањето била монтирана во рамките на телефонската централа на обвинителството и прислушувањето траело со години. ОЈО најави дека сега ќе истражува дали снимените материјали биле изнесувани од институцијата или злоупотребени на кој било начин, а сите снимени телефонски разговори на обвинителството биле сместени на два хард-диска, кои се наоѓале во просторијата каде што е телефонската централа. По објавата на инцидентот, и власта и опозицијата побараа одговорност за случајот и меѓусебно се обвинија за откриените системи за прислушување во ОЈО и судот. Но ова е само еден од низата слични примери претходно.
Првиот случај на незаконско прислушување беше регистриран на 17 јануари 2000 година, кога на прес-конференција во седиштето на партијата, тогашниот лидер на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, обелоденети стенограми од разговори на прислушувани македонски политичари, новинари и дипломати.
Во аферата, која во јавноста беше позната како „Големото уво“, први на листата на осомничени беа тогашната министерка за внатрешни работи, сега покојната Доста Димовска и началникот на управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков. Скопското обвинителство во својата истрага ги товарело Димовска и Цветков како нарачатели.
Обвинителот Марко Зврлевски во текот на спроведувањето на истрагата барал од Бранко Црвенковски да каже кој му ги дал транскриптите, но тој одбил да одговори. Медиумите тогаш публикуваа непотврдени шпекулации дека материјалите на Црвенковски му биле дадени од страна на Зоран Верушевски, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вештачењето што било направено во 2001 година, покажало дека Министерството за внатрешни работи и „Македонски телекомуникации“ имале соодветна опрема за прислушување. Аферата заврши кога претседателот Борис Трајковски ги аболицира Доста Димовска и Александар Цветков. Поради незадоволство од исходот, некои од новинарите што биле прислушувани ја тужеле Македонија и пред судот во Стразбур во 2006 година, а во 2013 година 17 новинари го добиле случајот против државата од судот во Стразбур, за што добија соодветно парично обесштетување.
Петнаесет години подоцна, во јавноста беше лансирана нова афера, а на прес-конференција од страна на лидерот на СДСМ, сегашен премиер, Зоран Заев беа презентирани информации и индикатори за незаконско прислушување на над 20.000 граѓани.
За истражување на таквите информации и индиции, поткрепени со снимени аудиоматеријали, беше формирано посебно тело – специјално јавно обвинителство (СЈО), кое отвори предмет со кодно име „Таргет-тврдина“. Во тој предмет, СЈО во рамките на своите законски надлежности собираше елементи со кои ќе поднесе обвинение против врвот на Управата за безбедност и контраразузнавање за незаконското прислушување.
Специјалното јавно обвинителство досега отвори десетици истраги поврзани со материјалите од прислушуваните разговори и поднесе над 20 обвиненија против повеќе од 100 лица.
Објавувањето на аудиоснимките и потврдувањето на нивната автентичност, заедно со фактот дека се нелегално следени комуникациите на граѓаните, предизвикаа долга и длабока политичка криза во Македонија. Во некоја рака, тоа беше и една од главните причини што доведоа и до смена на власта. Но, за жал, феноменот на вонпроцедурално и незаконско следење на комуникациите продолжува. Така барем се обелодени од еден од најрелевантните државни органи што ги гони сторителите на кривични дела – Јавното обвинителство. Самото тоа е јавна прозивка на своја адреса (ПИМ ги спроведува јавниот обвинител и се под негова контрола), прозивка за судовите, како и прозивка упатување на одговорност на адреса на безбедносните служби поради злоупотреба на законските овластувања. Дали е тоа потврда за потребата од темелно реструктурирање на судскиот и на безбедносниот систем?
Безбедносните експерти со кои се консултиравме велат дека доколку сакаме да имаме функционална држава, втемелена на принципот на владеењето на правото, ќе мора да се најде механизам за спречување на ваквите нелегални прислушувања. Тие додаваат дека овие прислушувања го рушат интегритетот на државата, иницираат недоверба за институциите кај народот и најчесто се користат за политички пресметки и изборување власт на одредени центри на моќ.
Магдалена Лембовска, истражувачка за безбедносни прашања на „Аналитика тинк-тенк“, која е дел од групата на граѓанскиот сектор за надзор на процесот за спроведување на реформите на УБК, вели дека изминатиот период ние слушавме убедувања од страна на премиерот, министерот за внатрешни работи, директорите на УБК и на ОТА, дека во Македонија веќе нема нелегално прислушување.
– Сепак, тој систем на прислушување што сега се спроведува со посредство на ОТА и на кој се повикуваат сите тие инстанци, не е единствениот метод што може да се злоупотреби за нелегално прислушување, а случајот со Јавното обвинителство покажа дека се вршело интерно нелегално снимање на разговори, односно директно преку телефонската централа набавена за потребите на самото Јавно обвинителство – објаснува Лембовска.
Според неа, современата технологија овозможува широк спектар методи за следење и снимање комуникации – од подвижни направи, кои фаќаат сигнали во одреден простор, па до софтверски решенија.
– Притоа, треба да се има предвид дека под комуникации спаѓаат и електронска пошта, социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер, апликациите за телефонски разговори и праќање пораки Вибер и Ватсап и сл. Затоа, најпрво потребно е да се утврди каков тип опрема била набавувана во минатото за потребите на разни институции (не само оние од областа на безбедноста), каде се наоѓа таа опрема во моментот, како се користела во минатото и како се користи денес. Истовремено, службите треба да работат на тоа да откријат дали можеби има други структури, надвор од државните институции, што би можеле да располагаат со вакви капацитети. Притоа мора да се утврди одговорност за минатите злоупотреби – вели таа.
Безбедносната експертка подвлекува дека, паралелно со случувањата, мора да се јакнат контролните и надзорните механизми на државата на ова поле.
– Со новиот закон за следење на комуникациите се воведоа такви одредби, но нивната имплементација засега оди многу бавно и телата сѐ уште се во фаза на доекипирање и консолидација, па во практиката не ги гледаме резултатите. Многу е важно како ќе се спроведе претстојната реформа на разузнавачките служби, односно издвојувањето на УБК од МВР, и тоа треба да биде шанса да се расчисти со влијанијата од претходните структури и изградба на професионална, транспарентна и отчетна служба. Притоа, повторно надзорот и контролата се од клучно значење, а голема улога во овој случај има и воспоставувањето внатрешна контрола – заклучува Лембовска.
Безбедносниот аналитичар, пак, Милан Стефаноски вели дека ако се анализираат сите афери поврзани со случаите за незаконското прислушување во земјата, ќе се заклучи дека тие се моќна алатка, преку која одредени гарнитури во Македонија доаѓаат на власт.
– Такви евидентни примери како сега со прислушувањето во ОЈО сме имале неколку во минатото, а она што е карактеристично по секој ваков скандал е дека тој создава политичка клима за да се изврши промена на власта во земјата – вели Стефаноски.
Аналитичарот истакнува дека, за жал, овие настани длабоко ја поткопуваат државата и фрлаат сенка на сомнеж во исправното дејствување на нејзиниот безбедносен систем.
Стефаноски советува дека овие настани мора итно да престанат, да се зголеми цивилната контрола над институциите, бидејќи кај народот се добива впечаток дека македонскиот безбедносен апарат не дејствува во правец на заштита на граѓаните туку тој функционира во корист на центрите на моќ што ги искористуваат неговите капацитети за политички цели.
Сите балкански случаи без разврска
Ни регионот не е имун на скандали со прислушувања. Еден од најголемите скандали на прислушување на Балканот датира од 2004 година во Грција. Тој е познат по името „Грчкиот случај на прислушување 2004-2005“, наречен и грчки вотергејт. Во случајот нелегално се прислушувани членови на грчката влада и највисоко рангирани државни службеници, односно повеќе од 100 мобилни телефони во мрежата на „Водафон Грција“. Прислушувањето почнало на почетокот на август 2004 година, а завршило во март 2005 година без откривање на идентитетот на сторителите. Кај северниот сосед, пак, ваков инцидент беше регистриран кон крајот на 2012 година, кога во медиумите беше публикуван скандалот за прислушување што резултира со конфликт помеѓу тогашниот претседател и премиерот на Србија. Разврската сѐ уште не е позната, а истрагата закочи во правните лавиринтите на судовите на Белград. Малку подоцна, во 2013 година и Бугарија беше потресена од сличен скандал, а тамошните власти поднесоа обвинение против поранешен министер за внатрешни работи вмешан во скандал со прислушување. Скандалот наречен „бугарски вотергејт“ имал за цел нелегално прислушување на политичари и бизнисмени. За жал, и овој случај не е решен и тој сѐ уште талка во бирократски лавиринти и нема разврска.