Фото: Маја Јаневска-Илиева

Посебна програма и софтвер во Белгија ги ловат пратениците колку време дремат на своите телефони за време на седниците, играат игри и слично, наместо активно да се вклучат во работата. И додека оваа неактивност и неработење се своевиден новитет во Белгија, кај нас тоа е веќе добро позната и одамна востановена практика

(НЕ)АКТИВНОСТА НА НАРОДНИТЕ ИЗБРАНИЦИ ВО ФОКУСОТ НА ЈАВНОСТА

Неaктивноста и незаинтересираноста на пратениците за време на парламентарните дебати добива популарност во Белгија, но овој феномен е добро познат и во Македонија.
Деновиве, американскиот интернет-портал „Машабал“ информира дека во Белгија е актуелна програмата за детекција на неработењето на пратениците насловена „Фламанските скролачи“. Оваа програма, која е изработена од дигиталниот уметник Драјс Депуртер, со специјализиран софтвер го следи телевизискиот пренос од фламанскиот парламент и со кодови ги лови пратениците колку време дремат на своите телефони за време на седниците.
Софтверот, кој го следи парламентариот пренос на Јутјуб, потоа ги идентификува народните избраници што не внимаваат на дебатата, а потоа со видео се пренесува како не работат пратениците на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер.
Весникот „Браселс тајмс“ информира дека благодарејќи на интернет-програмата, фламанскиот министер Жан Жамбон е „фатен“ на дело како ја игра играта „Енгри бридс“ на својот мобилен телефон во моменти кога во парламентот трае важна дебата за измена на државните политики кон јавната администрација.
Во контекст на актуелните случувања во Белгија, за нотирање се информациите дека ништо подобри од тамошните пратеници не се ниту народните избраници во Собранието на Македонија. Така на пример, најновата анкета и испитување на јавното мислење на Институтот за демократија извлече генерална оцена дека впечатокот на граѓаните е многу низок за тоа колку пратениците ја извршиле квалитетно работата за кои се ангажирани.
Во меѓувреме, политиколозите и аналитичарите со кои се консултиравме велат дека македонските пратеници можат да ги „шијат“ во неработење оние од Белгија. Според познавачите на случувањата во македонскиот парламент, видеокамерите честопати ги фаќаа нашите народни избраници како играат игри на мобилни телефони, па дури и како спијат на работното место.

Златко Димитриоски од „Мост“, во своја опсервација на темата објаснува дека голем број невладини организации и политички аналитички центри извршиле истражувања за работата на македонските пратеници и во најголем дел нивните заклучоци се слични.
– Иако не може да се генерализира, дека правилото за слабо работење во парламентот важи за сите пратеници, анализите на организациите покажуваат дека најголем дел од нашите парламентарци не ја извршуваат својата задача на нивото за кое се платени и кое го очекуваат гласачите – вели Димитриоски.
Тој додава дека токму затоа кај граѓаните е ниска довербата во капацитетот и работата на народните избраници, а за тоа сведочат големиот број видеоснимки од пленарните седници во кои пратениците спијат и гледаат во мобилните телефони, наместо да дискутираат на седниците.
Аналитичарот Љупчо Зиков на слична тема вели дека парламентот е донесен до гротеска, откако има пратеници што зафаќаат столчиња, трошат државни ресурси и „го минуваат мандатот во спиење“.

[email protected]