Трилатерален меморандум за соработка во услови на ковид-19
Граѓаните на Македонија, Србија и на Албанија ќе ги минуваат границите без ПЦР-тестови, a доколку граѓанин поради ковид-19 се најде во болница во овие земји, државата ќе го преземе трошокот за лекување. Ова се предвидува со меморандумот за соработка во услови на ковид-19 што вчера го потпиша премиерот Зоран Заев, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерите на Србија и на Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама, во присуство на министрите за здравство.
– Со денешниот меморандум го поставивме патот за уште подобра соработка на нашите соседни земји, сакаме да им го олесниме животот на граѓаните и да поставиме основи за економско закрепнување. Почнувајќи веднаш, работиме на координација за обезбедување вакцина за ковид-19 – истакна Заев.
Нагласи дека граѓаните ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР-тестови, односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар.
Албанија и Србија во рамките на овој настан потпишаа и билатерален договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.
– Важно е со тоа да создаваме поголема блискост и доверба, да можеме и на најконкретен начин да им помогнеме на нашите луѓе. Со овој меморандум ќе може нашите болници да ги примат на лекување луѓето од Македонија и од Албанија што се заразени со вирусот и на тој начин ќе постигнеме поголема меѓусебна сигурност – рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ истакна дека е многу важно тоа што земјите меѓу себе не ги затвораат границите, оставајќи простор заедно да се борат со вирусот бидејќи тој не познава националности.
– ММФ предвидува дека нашите три земји во следниот период од три години ќе имаат најголема стапка на развој во овој дел од Европа и верувам дека со дополнително поедноставување на процедурите и со зголемување на капиталот и луѓе можеме да постигнеме многу кога формално ги решивме сите пречки. Ќе имаме многу повеќе Албанци во Ниш што сакаат да ја посетат Србија, но и многу Срби што сакаат да ги видат Драч, Тирана и Валона и сите други места во Албанија, како што сакаат да ги видат Скопје, Охрид и Велес во Македонија – рече Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, потпишувањето на меморандумот и меѓудржавниот договор за слободно движење на српските и албанските граѓани со лични карти го оцени како историски чекор напред за трите земји.
– Среќен сум што од утрешниот самит во Софија почнува една нова фаза на нашата тесна соработка и Косово ќе се придружи на иницијативата. Многу е важно таму да ја повториме нашата посветеност за интеграција на балканските земји во ЕУ и зелениот договор што сите го прифаќаме. Цврсто сум уверен дека оваа иницијатива ќе расте и ќе ни помогне на сите – рече албанскиот премиер.
Рама додаде дека за земјите не постои друг пат, ниту можност од меѓусебна соработка и комуникација за подобра иднина, тој исто така упати благодарност за вчерашната иницијатива и организацијата на македонската влада.