Фото: Игор Бансколиев

Во изминатите 30 години се најавуваа многу „решителни“ борби со корупцијата, но во реалноста не заживеа ниту една, туку, напротив, само дополнително се вкорени корупцијата во сите сфери. Кампањите за „Нула корупција“, „Решително против корупцијата“ и слични слогани брзо се забораваа, по само месец-два од промоцијата, а „розовите“ приказни за наводната борба со корупцијата редовно „ги оцрнуваше“ ЕК, со секој нов извештај за напредокот на земјава, како и организациите како „Транспаренси интернешенал“, Светска банка, „Фридом хаус“, кои постојано алармираат дека е потребна решителна борба со корупцијата

Попусто и дуплирањето на веќе постојните механизми на државата за борба со корупцијата ако нема политичка волја

Нов план именуван „Акција 21“ најави Владата, со намера конечно да започне вистинска борба со корупцијата, проблем што редовно се забележува во сите европски извештаи и во забелешките на разни други организации што ги проучуваат корупциските показатели во земјите, така што јавноста одново си го поставува прашањето дали и овој план е само обична бројка на хартија за замајување на граѓаните, кои постојано бараат решителна борба со корупцијата, или, пак, конечен почеток на борбата со оваа негативна појава.
Во изминатите 30 години се најавуваа многу „решителни“ борби со корупцијата, но во реалноста не заживеа ниту една, туку, напротив, само дополнително ја зголемија корупцијата во сите сфери.
Кампањите за „Нула корупција“, „Решително против корупцијата“ и слични слогани брзо се забораваа, по само месец-два од промоцијата, а „розовите“ приказни за наводната борба со корупцијата редовно „ги оцрнуваше“ ЕК, со секој нов извештај за напредокот на земјава, како и организациите како „Транспаренси интернешенал“, Светска банка, „Фридом хаус“, кои постојано алармираат дека е потребна решителна борба со корупцијата.

Своевремено една од најпознатите изјави за решително справување со корупцијата дојде од некогашниот премиер и претседател Бранко Црвенковски, кој преку емотивен говор во тогашното Собрание уште кон крајот на минатиот век најави дека „ќе ги пресече краците на октоподот“. Тогаш сите поверуваа дека конечно некој ќе расчисти со оваа појава, но во реалноста борбата против корупцијата никогаш не се случи.
Потврда за тоа се малиот број судски пресуди за корупција против високопрофилирани лица што ретко завршуваат зад решетки, а најчесто ѝ се измолкнуваат на правдата и завршуваат со бегство во странство.
Никој во земјава речиси и не памети дека некој висок политичар бил осуден за корупција, дека биле вратени некои пари, дека државата одзела нечиј имот стекнат на корупциски начин, така што скепсата и сега е голема.
Во фокусот на она што актуелната власт го најавува со планот „Акција 21“, меѓу другото, е дигитализација на Oбвинителството, за да се забрза процесирањето на пријавите, зајакнување на регулативата за укажувачите, за да се зголемат пријавите за противзаконски постапувања, а сите институции ќе мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени за постоење на евентуална корупција.
Во сите овие работи може да се види удвојување на веќе постојни механизми на државата за борба со корупцијата, кои и досега постоеја, но никој не ги применуваше.
Имено, во земјава долги години постои институцијата Државна комисија за спречување на корупцијата, која е еден вид „укажувач“ и која повремено изнесува предмети во кои посочува за корупциски дејности, но ниту една власт (Обвинителството воопшто и да не го спомнуваме) не постапуваше сериозно по нив. Потврда дека државата не води многу грижа за антикорупционерите е тоа што ниту им помага со опрема, чекаа долго на простории, а сега дополнително се натрупани со рамковни нестручни соработници, кои не им се потребни.
Понатаму, во „Акција 21“ се наведува дека Обвинителството ќе се дигитализира за да биде поефикасно, иако институцијата Народен правобранител и без дигитализација со години алармира за непостапување на Обвинителството по многу случаи, алармира за долгите судски процеси, натрупаните предмети што стојат во фиоките во судовите и за застарувањето на делата.

Ново решение со „Акција 21“ е во секоја институција да се именува посебно лице за прием на пријави за корупција, со што повторно се отвора можност за вработување нови партиски кадри, кои дополнително, врз принципот „нишај врата – земај плата“, ќе ја зголемат и онака големата администрација. Претходната власт тоа го решаваше и без човек, со сандаче во секоја институција на кое беше назначено „Пријави корупција“ и каде што граѓаните можеа да ги доставуваат своите поплаки и забелешки.
Несомнено, потребна е конечна пресметка со корупцијата ако земјава сака да тргне напред, но таа не зависи од никакви планови, акции, сандачиња, кампањи и слични иницијативи, туку од решителноста на надлежните институции да почнат совесно да си ја вршат својата работа и да ги применуваат законите што се европски, но никој не ги применува.
– Овој акциски план е едноставно збир на празни зборови и ништо друго. Најдобар начин за борба со корупцијата е зајакнување на независните механизми, Јавното обвинителство, судството, полицијата, Уставниот суд, антикорупциската комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, Државниот завод за ревизија. Трагично е што кај нас ревизорските извештаи во власта ги сметаат само за мислења, а не како основа на поведување постапки. Ова е замајување на луѓето и ништо друго – вели универзитетската професорка Мирјана Најческа.
Според неа, нема никакви резултати во борбата со корупцијата и никој не презема одговорност за тоа.
– Не е работата во законите, во плановите, во стратегиите, едноставно хартијата трпи сè. Нема никаков резултат, а и никој не одговара за немањето резултат. Сè се исцрпува со испишување или препишување одредени флоскули, декларации, декларативни тврдења, намери и слично, меѓутоа на крајот, кога нема да има никаква промена, едноставно нема одговорност за тој што ги дал тие тврдења – нагласува Најчевска.

За Солза Грчева од Глас за Македонија, планот „Акција 21“ за справување со корупцијата е неконзистентен и не содржи ефикасен сет од мерки насочени кон системско спречување на корупцијата, туку нешто познато, но преуредено.
– Ова е само една урнебес-салата, во која има надробено од сè по нешто, за на крајот да не се направи баш ништо. Програмата за борба со корупцијата треба да биде конзистентен сет од мерки, насочена кон системско спречување на корупцијата, уште пред таа да ни се случи. За тоа овде нема мерки, ниту цели, ниту решенија – вели Грчева.
Таа додава дека привилегираните остануваат недопирливи, не се вградени ниту јасни цели, решенија, ниту временски рамки, а во планот постои само „ќе“.


Западот без исклучоци се справува со корупцијата

За разлика од Македонија, во демократските земји нема никаква толеранција кон корупцијата, така што во затвор завршуваат претседатели на држави, премиери, министри, банкари и други високопрофилирани лица.
Последна потврда дека Западот решително се справува со корупцијата е затворската казна на поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој беше осуден поради корупциски активности.
Но не само Западот, дури и на Балканот во некои земји има решителна борба со корупцијата и затоа тие и со право се дел од ЕУ.
Имено, актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша своевремено беше осуден на две години затвор поради вмешаност во корупциската афера „Патриа“, а слична судбина го снајде и поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, кој доби осум и пол години затворска казна за корупциски активности.