Во моментов непополнети се еден куп амбасадорски места на Македонија во најважните мисии во светот, меѓу кои и амбасадорското место на Македонија во Бугарија. Според дипломатите, оваа практика на неажурност и неодговорност ја карактеризира нашата дипломатија како несериозна и пред сѐ е сериозен хендикеп за самата земја. Може ли Македонија да си дозволи такво нешто, особено сега, во услови на заложби за влез во ЕУ
Вчера во својата прва посета во функција на специјален преставник што ќе ги затоплува односите со Софија замина поранешниот премиер Владо Бучковски. Тој ќе има мандат од една година да ги реализира поставените планови на Владата за одблокирање на ветото на Бугарија на нашиот пат кон ЕУ. Во моментов веќе неколку месеци е испразнето амбасадорското место на Македонија во Бугарија, а сето тоа се случува во период на интензивни меѓународни политички случувања поврзани токму со Бугарија, што пак негативно се одразува врз Македонија. Колку македонски амбасадор во Бугарија би можел да помогне во надминувањето на спорот со источниот сосед и дали вакуумот додека се чека нов македонски дипломат во Софија ја отежнува политичката битка се само дел од дилемите што се наметнуваат во јавноста.
Во меѓувреме, во Македонија, поради отежнатото функционирање на државата од пандемијата на коронавирусот, сѐ уште е активен процесот за пополнување на сите непополнети амбасадорски позиции во странство.
Според информациите на интернет-страницата на Министерството за надворешни работи, сѐ уште не се пополнети амбасадорските позиции во постојана мисија на Северна Македонија во ЕУ, Брисел, САД, Русија, Кина, Индија, Канада, Египет, Израел и Бразил и во европските земји Хрватска, Белгија, Италија, Полска, Словенија и Шпанија.
Според информациите од МНР, во таква ситуација е и амбасадорската позиција во Бугарија. Во меѓународната политика улогата на дипломатите и амбасадорите е од круцијална важност за државата.
Основна должност на нашите амбасадори е да ги следат состојбите во земјата домаќин и да го известуваат МНР за сѐ што може да биде важно и релевантно за нас. Во случај да има негативни конотации за Македонија, амбасадите мора да реагираат, сами да преземаат чекори за надминување на проблемите, или да предлагаат мерки што би ги реализирала државата. Тоа е минимумот што мора да го прави амбасадата. Македонија мора да го пополни дипломатскиот вакуум во сите држави и меѓународни организации, затоа што амбасадорот е најодговорната личност за односите со земјата каде што е акредитиран. Никој друг не е поупатен во сите елементи на соработката и подиректно поврзан со развојот на настаните. Тоа е личноста што треба да анализира и информира, да помага и стимулира, да иницира и насочува, да предлага и елаборира, да согледува и предвидува, да сугерира и планира, да следи и коригира, сѐ што е од интерес на неговата земја во однос на земјата домаќин. За жал, состојбите во македонската дипломатија ни оддалеку не се такви какви што треба да бидат.
Во сублимиран заклучок, дипломатите со кои се консултиравме велат дека Македонија треба да ја прекине својата долгогодишна практика со бавно поставување нови дипломати во странските држави, бидејќи сето тоа фрла еден негативен имиџ за нашата земја пред меѓународните партнери. Според нив, немањето амбасадори во дипломатски претставништва, прво, е сериозен хендикеп за самата земја и, второ, ако таа практика трае долго, е и порака за земјата домаќин дека не им се придава некаква важност на односите со неа.
Поранешниот македонски амбасадор Огнен Малевски вели дека немањето на новопоставен дипломат во Софија е нов акцент на проблематичните релации меѓу двете земји.
– Дипломатите се исклучително битни фигури во меѓудржавните релации меѓу земјите. За жал, Македонија практикува некоја практика речиси веќе 30 години на бавно поставување нови дипломати во оние амбасади во кои им е истечен мандатот на постојните амбасадори. Оваа практика на неажурност, која се засили од разбирливи причини, поради пандемијата, ја карактеризира нашата дипломатија како несериозна. Ако погледнете во спротивен правец, амбасадорските места во Македонија не остануваат празни повеќе од месец или два откога ќе истече мандатот на некој дипломат, а тоа покажува на кој начин сериозните меѓународни пријатели ја третираат и ценат нашата земја – резимира Малевски.
Поранешните дипломати велат дека тоа што со години се влече проблемот со испразнетите амбасадорски позиции остава лоша слика на несериозност кон меѓународната заедница.
Поранешниот македонски амбасадор во Атина, Љупчо Арсовски, вели дека сериозноста на една држава се познава по односот на нејзината влада, парламент и претседател врз домашниот дипломатски кор. Тој вели дека во овие тешки времиња, Македонија од јуни, кога си заминал доскорашниот амбасадор во Бугарија, е претставувана од дипломати на понизок рок.
– За да ги има неопходните информации една држава, треба да има не само свој амбасадор во странство туку и квалитетен кадар, кој е составен од економски конзул, политички советник на амбасадорот, па дури и од постојан дописник на медиумите. Само така во здружено дејствување Македонија може да се надева да има оперативни амбасади, а во овие околности тоа е тешко да се каже – резимира Арсовски.
Долгогодишниот дипломат Драган Јањатов вели дека е многу разочаран што со години, ако не и со децении, во Министерството за надворешни работи нема конзистентна стратегија кон дипломатијата.
– И сето тоа е рефлексија на меѓупартиските односи и политичките интереси на одредени структури, кои час влегуваат, час излегуваат од Министерството, а меѓународната политика е константна категорија и тука треба спроведување стратегиски определби на државата, концепт за односи со соседите.
Сето ова што ни се случува со Бугарија, со Грција, па и со Албанија, во крајна линија, е резултат на тоа што надворешната политика нема единствен став, а тоа се одразува преку лукративните интереси да се фати амбасадорско место, а кој ќе оди, зошто ќе оди, дали е способен и дали знае, никого не го интересира – вели Јањатов.
Инаку, Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати.