Фото: Игор Бансколиев

Најновата анкета на институтот за демократија „Социетас цивилис“ покажува дека само 50 отсто од анкетираните сакаат да се вакцинираат. Слични се состојбите и во земјите од регионот. Кои се причините за ваквите појави

НОВ ФЕНОМЕН НА ОДБИВАЊЕ И ОТПОР КОН ВАКЦИНАЦИЈАТА

Околу 20 отсто од закажаните термини за вакцинација против ковид-19 изминатите денови, откако масовно е започната вакцинацијата во земјава, не се реализирани на пунктовите низ државата. Ова вчера за „Нова Македонија“ го потврдија од Министерството за здравство.
Најновата анкета на институтот за демократија „Социетас цивилис“ покажува дека само 50 отсто од анкетираните сакаат да се вакцинираат, а најголема доверба граѓаните имаат во вакцините на „Фајзер“ и „Спутник“.
И хрватските граѓани одбиваат вакцинирање против ковид-19. Ова го потврдил и директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Цапак, кој објавил поразителна статистика за хрватското население.
Бројката на оние што не прифаќаат каква било вакцина против коронавирусот е околу 25 отсто. Во соседна Србија, пак, веќе одамна е започнат процесот на масовна имунизација, а има и доволно вакцини. Таму и бројот на заболени и постојано расте. Тамошните експерти велат дека милион и 290 граѓани, колку што се пријавиле за вакцинација, не е доволен број што ќе овозможи победа над ковид-19 во Србија. И во Украина има вакцини против ковид-19, но дури и меѓу медицинскиот персонал има слаб интерес за вакцинирање.
Зошто луѓето не сакаат да се вакцинираат во услови кога заразата сѐ повеќе се шири, а расте и бројката на смртни случаи? Од каде е присутен тој феномен во нашето општество? Ако вакцинацијата е единствен спас од ковид-19, зошто меѓу граѓаните е присутен ваквиот отпор?

Венко Филипче, министерот за здравство, по повод Светскиот ден на здравјето, посочи дека негова најголема заложба е вакцинацијата да се заврши што побрзо.
– Имаме добро поставен и ефективен механизам за вакцинирање, кој започна да се спроведува. Искрено верувам дека малата достапност на вакцини во светот наскоро ќе биде минато, а потоа деноноќно ќе работиме за што пократко време да вакцинираме што поголем број граѓани. Барам трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период – нагласи тој.

И од вакцинацијата се потребни два месеца за заштита

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека со 50 отсто стапка на одбивање никогаш не можеме да сметаме сериозно на вакцинацијата во достигнување заштитно ниво на колективен имунитет од 80-85 отсто.
– Тоа постепено го постигнуваме на природен начин, односно со прележување. Процените велат дека речиси половина од населението го поминало вирусот. Повеќе од една година не ни беше доволно да научиме на полесниот начин – од туѓите искуства. Затоа, сега ќе учиме на потешкиот – по цена на многу мртви -објаснува тој.
Вели дека во Хрватска 25 проценти не сакале да се вакцинираат.
– А што да речеме ние? Кај нас не сакаат 50 отсто, според анкетата на институтот за демократија „Социетас цивилис“. Но дали тоа е воопшто важно во услови на оскудица на вакцини? Дефинитивно тоа може да послужи, можеби, само за социолошко-психолошки истражувања и дава можност да се видиме на кое ниво сме во однос на соседите и пошироко. Епидемиолошка релевантност, во моментов, нема. Едноставно е. Хипотетично, утре да имаме на располагање вакцини за целото население и (пак хипотетично), да успееме да вакцинираме 85 отсто за еден месец, пак тоа нема да има влијание врз актуелниов бран, затоа што се потребни близу два месеца да се развие полна заштита – нагласува епидемиологот Даниловски.

Притисокот е врз болниците

Социолозите и психолозите неколкупати досега посочуваат дека недовербата кај граѓаните во вакцините е последица на разните информации што ги добиваат, како и дека е легитимна нивната збунетост во одлуката, зашто се работи за осетлива тема, како што е здравјето.
Според податоците на сајтот ковид19вакцинација.мк, досега се вакцинирани 12.052 лица, а 134.501 лице се пријавиле како заинтересирани за вакцинација.
Во соседна Србија околу 10 илјади македонски граѓани се вакцинираа со вакцината на „Астра Зенека“.
Вкупно 4.022 лица починаа од коронавирус во земјава од почетокот на пандемијата, откако вчера беа потврдени нови 45 смртни случаи.
Според надлежните, здравствениот систем е под притисок на третиот бран на коронавирусот, а бројот на пациенти во болниците континуирано расте. Низ целата држава во моментот се хоспитализирани над 1.700 пациенти со компликации предизвикани од ковид-19, а здравствените власти предупредија дека неделава е критична за натамошното ширење на вирусот.

[email protected]