Паралелно со судирот што во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ настана внатре, помеѓу носителите на највисоките државни функции во Македонија, исто така и во Албанија расте тензија помеѓу власта и опозицијата по ова прашање. Поранешниот премиер и претседател Сали Бериша повика на масовни протести против (за денеска и за утре) закажаната средба на главните актери на иницијативата во Тирана, помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и на Македонија, Еди Рама и Зоран Заев
ЕНТУЗИЈАСТИЧКИОТ ПРОЕКТ „ОТВОРЕН БАЛКАН“ ПРЕД ГОЛЕМ БРОЈ СЛОЖЕНИ ПРЕДИЗВИЦИ
Воздржаноста што претседателот Стево Пендаровски, завчера од Приштина, отворено ја изрази во однос на регионалната иницијатива, која со многу ентузијазам, пред две години, беше промовирана прво како „мал шенген“, а потоа летоска и преименувана во „Отворен Балкан“, не само што ја вжешти, па дури и ја спушти под дозволеното ниво комуникацијата помеѓу него и премиерот во заминување Зоран Заев туку ги доведе во прашање очекувањата на граѓаните и на стопанствениците во однос на најавените придобивки од иницијативата.
Случајно или не, паралелно со судирот што во однос на ова прашање настана помеѓу носителите на највисоките државни функции во Македонија, и во Албанија расте тензија помеѓу власта и опозицијата откога поранешниот премиер и претседател Сали Бериша повика на масовни протести против (за денеска и за утре) закажаната средба на главните актери на иницијативата, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и на Македонија, Еди Рама и Зоран Заев во Тирана.
И додека Бериша му замерува на Рама поради инволвирањето во, според него, српски хегемонистички проект, што е и една од причините поради кои властите во Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сѐ уште не се вклучени во него, Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, смета дека „тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата објективно го лимитира нејзиниот потенцијал“ и дека „доколку иницијативата има карактер на алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија“.
– Ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев по првичниот состанок во Нови Сад, кога беше промовирана иницијативата. На оваа тема, во кабинетот на претседателот Пендаровски како точка на дневен ред се разговараше и на првата лидерска средба во присуство на опозициските партии во 2019 година – соопштија од кабинетот на Пендаровски, откога Заев јавно изрази неразбирање за неговите ставови, па дури и му ја оспори надлежноста во областа што е опфатена со иницијативата.
– Видовме во минатото што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е кое било заговарање против „Отворен Балкан“. Особено неразбирливо е кога ваквата реакција доаѓа од претседателот на државата, кој нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи. Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа, пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот – посочи Заев.
По ова, јавноста е збунета не само во однос на натамошната судбина на иницијативата туку и во однос на неочекувано лошата комуникацијата помеѓу Пендаровски и Заев.
– Без оглед на доминантно економската, а во еден дел и социјалната димензија на проектите од оваа иницијатива, тука не можат тукутака да се отфрлат ниту ингеренциите на претседателот на државата. Станува збор за еден вид интеграција, регионална интеграција, како дел од надворешната политика и не би смеела да се игнорира или да се маргинализира улогата на претседателот – објасни експертот за политички систем Јове Кекеновски.
Што се однесува до можниот импактот на овој проблем врз граѓаните, прв на удар би можел да се најде планираниот договор за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, кој на граѓаните на Македонија, Албанија и на Србија би требало да им овозможи пристап до електронските услуги на националните портали на овие земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан“ и остварување на можноста за пристап до пазарот на трудот во трите земји.
Меѓу проектите што би можеле да бидат доведени во прашање, а кои се во различни фази на реализација, се и повеќе веќе договорени механизми за побрз и полесен проток на стоки и услуги помеѓу трите земји, поради што и повеќето стопанственици од регионот ја поддржаа иницијативата.
Еден од нив е и генералниот директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, кој пред некој ден за овдешните медиуми го изнесе својот став во однос на ова прашање.
– Ние сите како поединечни пазари сме толку мали и минорни од аспект на светските економски текови и доколку не најдеме едно хармонизирано функционирање, мислам дека само ќе стоиме во место. А доколку, сепак, тука се користат оној ЦЕФТА-договор и други поволности, доколку може да има проток, особен на работна сила, затоа што е очигледно дека добар дел од младите луѓе си одат во Германија, во Швајцарија, во некои други земји, многу е битно да може тој проток да го имаме тука за да може да учиме едни од други и за да може да напредуваме, затоа што таа размена на знаења и на искуства е многу важна – објасни Мукаетов.
Но како рекапитулација на конкретните придвижувања во рамките на „Отворен Балкан“, директорот на Институтот за европски работи во Белград, Лео Бешири, пред извесно време, за регионалните медиуми, меѓу другото, изјави дека проблем со оваа иницијатива настанува ако се анализираат конкретни нејзини плодови.
– Ако Српската напредна странка веќе десет години е на власт, веќе би требало да видиме некои значајни придвижувања и поинтензивна економска соработка, но тоа го нема. Фактот за промена на името од „мини шенген“ во „Отворен Балкан“ можеби зборува дека тоа не е најдобро осмислено, а се чини и дека нема некоја голема поддршка во самата ЕУ – рече тој.
Дали по сето ова „Отворен Балкан“ има перспектива или, како што заклучи Бешири, е „уште еден список на добри желби и добри намери“ што, сепак, не е доволно бидејќи, според него, наместо во преголемата медиумска промоција, енергијата би требало да се насочи кон вистински реформи и спроведување на законите во трите земји. Д.М.М.