ДАЛИ ПОЛИТИЧКИТЕ КОНСУЛТАЦИИ И БАРАЊЕТО ОДОБРУВАЊЕ
ЗА СЀ И СЕШТО ОДНАДВОР ГО ПОТКОПУВААТ НАШИОТ СУВЕРЕНИТЕТ
Впечатокот е дека и досега сите македонски влади, од независноста, големите одлуки ги носеле под големо влијание и менторство од меѓународниот фактор. Но последниот пример дека и за предлог-амандманите треба да се консултираме и да бараме одобрување од Грција, повторно ја актуализира старата македонска болка, односно нашата зависност од странска нега. Зошто е тоа така?
По донесувањето на одлуката во македонското собрание за пристапување кон уставни измени (со двотретинско мнозинство) за имплементација на спогодбата со Грција, повеќе од десетина дена тече рокот за подготовка на амандманите со кои треба да се спроведе преминот кон новоименуваната уставна дефиниција на Република Македонија.
Потребното двотретинско мнозинство владејачката коалиција го доби откако осуммина пратеници од опозицијата го дадоа својот глас за пристапување кон уставните измени, но својата поддршка ја условија со четири барања, кои, според нив, треба да прецизираат одредени недоречености во спогодбата. Од понеделникот, 29 октомври, тие осум опозициски пратеници (кои во меѓувреме беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ) во Собранието дејствуваат како независна пратеничка група, и веќе остварија средба со премиерот Заев и со министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Тренеска-Дескоска, на кои им ги доставија своите конкретни барања, кои би требало да бидат инкорпорирани во амандманите.
– Сметам дека предлозите за амандманите се во духот на договорот. Кога ќе испланираме сѐ и ќе го почнеме целиот овој процес, логично е да се исконсултираме и со грчката влада, за да знаеме дека сме точно во рамките на тоа што договорот го предвидува и од тој аспект продолжуваме со консумациите. Овие денови буквално ќе се работи максимално на тоа да се состават самите текстови на нацрт-амандманите. Мене ми е драго, што покрај парламентарното мнозинство и овој дел од опозицијата е целосно свесен за тој аспект и ќе ја реши дури и дилемата дали е загрозен националниот идентитет. Немаме проблем со ова прашање, така што верувам дека ќе ги најдеме најдобрите механизми за тоа да го преточиме во текстови, кои би биле реално спроведливи, а да бидат исполнување на барањата на оваа пратеничка група, а истовремено да не бидат проблематични за грчката страна – изјави премиерот Заев по средбата со претставниците од нововоспоставената пратеничка група.
Покрај разговорите со пратениците од новоформираната пратеничка група, индикативен момент во изјавата на премиерот е оној во кој вели дека за соодветноста на амандманските предлози треба да се „консултира и грчката влада“.
Според експертите, една ваква изјава меѓу другото сериозно наведува дека уште во процесот на имплементација на спогодбата од Мала Преспа, првенствено е нарушен суверенитетот на македонскиот парламент, односно независноста и сувереноста на одлучување на македонските народни избраници, што логично ја става под прашалник и сувереноста на македонската држава.
– Оваа изјава на премиерот е уште еден индикатор дека македонската држава работи под насоки на друга држава. Тоа е индиректно признание дека Македонија е во подредена положба штом премиерот Заев за секоја одлука мора да се консултира со грчкиот премиер Ципрас. Се сомневам дека таквата подреденост во билатералните односи ќе престане со имплементација на спогодбата од Мала Преспа, зашто договорот е така конципиран, што Грција секогаш може да се меша во внатрешните работи на Македонија. Поразително е што Македонија не ја губи сувереноста поради членството во Европската Унија, туку поради спогодбата со Грција – смета политичкиот аналитичар Жидас Даскаловски.
Една од пратеничките од „осумката“, која поднесе амандмански предлози, Нола Исмајлоска-Старова, не гледа редуцирање во сувереноста на парламентот во фактот што за нивните предлози премиерот треба да ја консултира грчката Влада.
– Штом е одлучено, односно штом е потпишан договорот, логично е да постои координираност во неговото спроведување. Односно нашите амандмани треба да се артикулираат во духот на спогодбата. Мојот впечаток по средбата е дека нашите предлог-амандмани ќе бидат прифатени – вели Нола Исмајлоска-Старова.
Во поглед на искажаната поддршка за уставните измени, Исмајлоска-Старова во свое име вели дека ако не бидат прифатени нивните предлози во амандманите, таа нема да гласа „за“ во понатамошната собраниска процедура.
Но тоа е нејзин став и не зборува во името на целата новоформирана пратеничка група. Сепак, таа верува дека нивните предлози ќе бидат вградени во амандманите, зашто се сосема во духот на спогодбата, па дури и прецизираат некои недоречености во неа.
– Нашите предлози не само што прецизираат одредени недоречености во спогодбата, туку пополнуваат и некои недостатоци во општеството. Некогаш работите треба да бидат попластично претставени за да бидат прифатени – смета Нола Исмајлоска-Старова.
Од друга страна, во македонскиот устав јасно е запишано дека суверенитетот на државата Македонија извира само и единствено од нејзините граѓани
Сепак, изјавата на премиерот за консултациите со грчката влада во чекорите во спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа, во експертската јавност предизвикува сомневање во зачуваниот суверенитет. Впечатокот е дека и досега сите македонски влади, од независноста, големите одлуки ги носеле под големо влијание и менторство од меѓународниот фактор, но со спогодбата од Мала Преспа тоа влијание е сосема експлицитно и речиси неприкриено.
Од друга страна, запишано е во Уставот дека суверенитетот на државата Македонија, извира од нејзините граѓани, а со спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа, се пренебрегнува нивната волја изразена на референдумот од 30 септември, на кој воопшто не беше постигнат цензус за прифаќање на договорот.
– Македонскиот суверенитет е нарушен од повеќе аспекти. Едниот е тој што премиерот со леснотија кажува дека одлуките ги носи во консултација со грчката влада. Суверенитетот на Република Македонија извира од македонски граѓани, а не од грчките политичари. Вториот аспект е содржан во прашањето – во кое својство премиерот ги прави сите тие преговори и договори со пратеници во Собранието.
Навистина, Владата е предлагач на уставните измени, но процесот е веќе во Собранието, по донесувањето на одлуката за пристапување кон измени. Со своето дејствување и преговарање со пратеници во Собранието, премиерот директно ја прекршува поделбата на власта. А со предлогот за помирување, тој како да ги обединува сите три функции и се става на чело и на извршната, законодавната и на судската власт. Помирување не може да има онаму каде што се прекршуваат законите, Уставот, па и самото тоа помирување е во функција на одредена политичка цел. Наместо амандманите да му се праќаат на грчкиот премиер, македонската влада прво требаше спогодбата од Мала Преспа и амандманите да ги испратат до Венецијанската комисија, која е меѓународно консултативно тело за спроведување на демократија преку правото, а не преку политиката – смета професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова.