Владата смета дека одвојувањето на Албанија и Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелност од страна на Европската Унија може да има безбедносни последици за целиот регион. Двете земји треба да одат заедно низ процесот на интеграција на Западен Балкан и да си помагаат, изјави на денешната прес конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.
Според него, друга алтернатива освен европската иднина на Македонија и на цел Западен Балкан не постои.
– Нашата аспирација е да стане Северна Македонија земја -членка во Европската Унија. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел, Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина. Премиерот Заев на средбите во Брисел беше јасен-идентитетот и јазикот не смеат во ниту случај да бидат предмет на преговори – потенцира Арсовски.
Македонија ги спроведе сите реформи, додаде владиниот портпарол и дообјасни дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома.
Според Арсовски, исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.
– Северна Македонија заслужува како никој досега да биде членка на Унијата и има покажано европско однесување и вредности и дома и во регионот, но и со самата Унија и оваа Влада ќе опстои на тоа – беше речено на редовната прес-конференција на владините портпароли во врска со актуелниот статус на нашата земја во однос на исполнувањето на условите за формалниот почеток на преговорите со ЕУ.