Мнозинството македонски граѓани би се изјасниле против предлогот Република Илинденска Македонија, доколку тој би бил ставен на референдум како опција за промена на уставното име на државата, а со цел влез во ЕУ и НАТО.
Испитувањето на јавното мислење е спроведено со телефонска анкета во периодот 23 мај – 26 мај 2018 г. на национален репрезентативен примерок од 1.047 испитаници.
Споредено со резултатите на теренската анкета спроведена во април 2018, за граѓаните додавката Илинденска е помалку прифатлива од додавката Горна – 41,5% би прифатиле промена во Горна, споредено со 27,2% кои би прифатиле Илинденска.
Со “Не” би гласале мнозинството од етничките Македонци (70,5%). Големо мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ исто така не би го подржале овој предлог (92,7%). Етничките Албанци во 52,8% од случаите одговориле дека Република Илинденска Македонија за нив е прифатливо решение. За симпатизерите на СДСМ овој предлог е прифатлив во 56,4% од случаите додека за симпатизерите на ДУИ во 62,5% од случаите.
Понатаму, граѓаните беа запрашани дали би се согласиле со „промена на името во Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ“ .
Нешто повеќе од една третина од испитаниците 38,9% би гласале „за“ на референдум за Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ.
Споредено со резултатите на теренската анкета спроведена во април 2018, многу е поприфатлива опцијата Република Горна Македонија, кога земјата би влегла во ЕУ (47,6%).
Речиси две третини од етничките Македонци (63,8%) би гласале со “Не”. Големо мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ исто така не би го поддржале овој предлог (89,5%). Етничките Албанци во речиси три четвртини (72,1%) од случаите одговориле дека Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ за нив е прифатливо решение. За симпатизерите на СДСМ овој предлог е прифатлив во 71,8% од случаите додека за симпатизерите на ДУИ во 88,8% од случаите.