Во текот на вчерашниот ден (до 16 часот), вкупниот број поднесени барања за амнестија беше 57, иако за настаните од 27 април се обвинети 33 лица. Засега единствено Јане Ченто и оперскиот пејач Игор Дурловски се изјаснија дека нема да побараат амнестија и ќе продолжат да се борат за докажување на нивната невиност за делото за кое се товарат
Иако правните експерти велат дека Законот за амнестија за настаните на 27 април минатата година, не е поврзан со измените на Кривичниот законик во кои се воведуваат кривични дела од омраза, кој, пак, е ставен во контекст на националната стратегија за запирање на омразата во општеството (едно општество за сите), временското совпаѓање на нивната примена и промоција, ја отвора темата за условеност на процесите за простување и осуда во македонското општеството.
– Мене лично ми е несфатливо како на нашата заедница ѝ се протнаа злосторства од омраза. Таквите појави не ѝ прилегаат на нашата земја, на едно демократско општество. Треба да направиме сѐ за таквите инциденти да бидат изложени пред јавноста и осудени – изјави премиерот Зоран Заев на отворениот ден на Владата за консултација за изработка на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија. На истата пригода, министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска информира дека Министерството за правда веќе ги има изработено и доставено во собраниска процедура измените на Кривичниот законик, во кои се воведуваат кривични дела од омраза, без разлика дали таа е од етничка, религиозна или од каква било основа.
– Овој закон за кривично гонење на дела од омраза е подготвуван професионално уште пред повеќе месеци, кога воопшто и не постоеше идеја за Законот за амнестија. Законот против дела од омраза претставува усогласување со меѓународната законска регулатива, како стандардизирана форма за борба против омразата. Секако, мерките за сузбивањето на омразата се предуслов за градење култура на простување и толеранција – вели професорот по кривично право, Гордан Калајџиев.
Оваа законска и општествено-стратегиска иницијатива се случува речиси паралелно кога е во тек процедурата за спроведување на Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април, минатата година, кој предизвика многу правни, политички, па и општествени контроверзни толкувања. И тој закон во Собранието беше предложен и изгласан како дел од иницијативата за помирување и наминување на омразата, која ги предизвика настаните од 27 април, иако во јавноста отворено се зборува дека таа амнестија претставува своевиден политички поткуп за стабилизирање и окрупнување на двотретинското парламентарно мнозинство за изгласување на уставните измени. Една од контроверзиите на тој Закон за амнестија е што некои од обвинетите пратеници се најдоа во улога на предлагачи (и гласачи) за негово донесување, а истовремено веќе се водат судски постапки за истите кривични дела. Втората контроверзија е во моментот што обвинетите самите треба да се изјаснат дали ќе побараат амнестија (со што имплицитно ја признаваат вината за делото), или својата невиност ќе ја докажуваат во продолжението на судската постапка. Освен тоа, дали ќе им биде одобрена амнестија ќе одлучува повторно судот и обвинителството.
Сепак, и покрај сите контроверзии на законот, критиките од стручната јавност, па дури и од инволвираните во судските процеси, Законот за амнестија се спроведува и веќе истече рокот за поднесување барање за амнестија. До крајот на работното време на судот во текот на вчерашниот ден (16 часот), за предметот за 27 април, барање за амнестија поднеле вкупно 27 од 33 лица. Дополнително, барања поднеле и 30 лица од одделот за кривично полнолетни. Со тоа вкупниот број на барања е 57 за настаните од 27 април. Рокот за барање амнестија истекува на полноќ, меѓу 25 и 26 декември, по што судот и обвинителството имаат рок од пет дена да одлучуваат по барањата. Само водачот на патриотското движење од Прилеп, Јане Ченто, доставил до судот изјава дека нема да бара амнестија, а оперскиот пејач Игор Дурловски, на социјалните мрежи објави дека ќе продолжи да се бори за докажување на неговата невиност за делото за кое му се суди. Во целиот случај, повторно збунувачки момент за јавноста се поднесените 57 барања за амнестија, иако се обвинети 33 лица за настаните од 27 април, кој го отвора прашањето за опсегот на амнестијата, која е креирана да биде селективна, односно им ја одзема можноста за помилување на организаторите на настаните и на оние што извршиле насилство.
– Овој Закон за амнестија е грешка на законодавната власт, односно на Собранието, без разлика дали го гласале пртениците од владејачкото мнозинство или од опозицијата. Со овој закон се врши директен притисок на правосудството и се уништува самостојноста на судот. Иако 33 лица се обвинети, а 57 поднеле барање за амнестија, сметам дека и таа бројка е мала, зашто според правните принципи, кога се дава амнестија секој што е осуден има право да побара помилување. Овој закон претставува некакво политичко решение. Но политичко решение се носи откако ќе имаме правно потврдена ситуација (пресуди за делото), а не во момент додека се водат судските постапки – смета адвокатот Јован Јоанидис.
Бројот од 57 барања за амнестија и покрај 33-та обвинети за настаните од 27 април 2017 г., адвокатот Звонко Давидовиќ ја објаснува со фактот дека Законот за амнестија ги опфаќа сите осомничени, обвинети и осудени. Тоа го објаснува и моментот што и осудените за нападот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, кои веќе се на издржување на казната, поднеле барање за амнестија.
– Законот не ограничува кој од учесниците во настанот може да побара амнестија, меѓутоа дали ќе ја добие ќе одлучуваат обвинителството и судот. Односно, обвинителството дава мислење, а судот носи одлука – појаснува адвокатот Давидовиќ.