Зошто амнестијата стана клучно оружје за политичка пресметка или за политичко пазарење, кога е повеќе од јасно дека за какви било индиции или наводи за сторен криминал не може и не смее да има ниту пазар ниту тоа да биде дел од политички калкулации. И од друга страна, можно ли е амнестијата да се користи повеќе во манипулативни и пропагандистички цели за замајување на јавноста од вистинските проблеми

Добива ли амнестијата димензии на политичка алатка што се користи во секоја можност и ситуација од страна на политичарите и од власта и од опозицијата, во период кога земјава се сooчува со редица исклучително битни политички настани што го засегаат целокупното општество. Последниве денови зборот амнестија стана најчесто употребуваниот збор од страна на политичарите со примарна цел да му се наштети на политичкиот противник. Работата стигна дотаму што дури и како причина за (не)донесување на законот за медиуми се посочува наводното барање за амнестија на поранешни политичари. Истовремено опозицијата постојано негира дека условува или бара амнестија за свои поранешни функционери. Која е вистината и зошто амнестијата стана клучно оружје за политичка пресметка или за политичко пазарење, кога е повеќе од јасно дека за какви било индиции или наводи за сторен криминал не може и не смее да има ниту пазар ниту тоа да биде дел од политички калкулации. И од друга страна, можно ли е амнестијата да се користи повеќе во манипулативни и пропагандистички цели за замајување на јавноста од вистинските проблеми.

Една ваква ситуација на политичко-партиски калкулации и жонглирање со чувствителни термини и изрази како што е амнестијата веќе трае предолго, и станува исцрпувачка и мачна за граѓаните, кои очекуваат институциите да дејствуваат и правдата и законите да важат еднакво за сите.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вчера изјави дека амнестија за судските постапки што се водат, а кои произлегоа по објавувањето на прислушуваните разговори, нема да има.

– Не постои никаква можност за амнестија, директна или индиректна, за случаите за кои се води постапка, а кои произлегоа од објавените „бомби“ – рече Бошњаковски.
Истиот ден во јавноста се огласи и лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој предлага решение што ќе ги деблокира процесите.

– За да успее претстојниот референдум поврзан со интеграциите во НАТО и во ЕУ, предлагам да се прифати предлогот на опозицијата за амнестија на криминалот, со ново дополнително референдумско прашање: „Дали сте за амнестија на функционерите, кои ја ограбија Македонија?“ Со вакво прашање се гарантираат и одзив и успешност на референдумот – иронизира Трајанов во своето обраќање.

Еден ден претходно министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, изјави дека сите реформи во Македонија, вклучувајќи ги и медиумските, се предмет на заложништво заради лични интереси на поединци со партиска заднина и заради барање за амнестија. Тој во своја изјава во Собранието за време на седницата на Комисијата за транспорт врски и екологија, каде што се разгледуваа амандманите за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, истакна дека опозицијата сака да го блокира процесот на носење на овој закон, а медиумските реформи и сите други реформи во Македонија се предмет на заложништво заради лични интереси на поединци со партиска заднина и заради барање за амнестија. Зборувајќи за амандманската расправа за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тој ги повика програмскиот совет на МРТ и првите луѓе на Агенцијата за медиуми да поднесат оставки за да дозволат да се случат реформите во медиумите. Претходно амнестијата како тема беше експлоатирана во овонеделните соопштенија на двете најголеми партии.
Владејачката СДСМ преку соопштение истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се интересира само за амнестија.

– ВМРО-ДПМНЕ се грижи само за личен интерес и амнестија и затоа се труди да ја лаже јавноста. Постигнатиот договор за 25-годишниот спор со Грција ги гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската посебност – стои во соопштението на СДСМ.

Скоро истовремено следуваше и реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која во соопштение истакна дека партијата негира дека бара и преговара за амнестија и додава дека тоа е само манипулација на власта.

– Апсолутно е неточно дека ВМРО-ДПМНЕ бара и преговара некаква амнестија. Ваквите неточни брифирања од СДСМ се само обид да се дефокусира вниманието на јавноста од актуелните случувања поврзани со штетниот договор со Грција, кој ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа. Треба да знаат и Заев и Шекеринска дека со ваквата оркестрирана кампања, заснована на невистини и шпекулации, на трикови, и двосмислени потези само ја оддалечуваат државата од каков било успешен исход од разговорите, кои се започнати – тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме стручната јавност, коментирајќи ги актуелните настани во политиката, е на мислење дека амнестијата станува алатка за расправии меѓу власта и опозицијата и како таква е само една од долгата редица теми на кои од времето на почетокот на плурализмот се натегаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Аналитичарот Милан Стефаноски вели дека е точно дека во моментов главно политичко оружје на партиите за борба е дилемата околу амнестијата за случувањата од 27 април. Според него, оваа терминологија како болно прашање партиите сега го искористуваат како орудие во меѓусебните обвинувања.

Стефаноски потсетува дека како што е сега амнестијата, во минатото тоа биле други теми како на пример скандалите во деведесеттите поврзани со штедилницата ТАТ, пропаѓањето на можноста „Ауди“ да отвори фабрика во Македонија, проблемите со бегалските кампови за време на кризата во 2001 година, издавањето на личните карти на Косовците, па сѐ до случувањата поврзани со поновата историја, кои се во тесна корелација со политичката криза што неколку години владееше во нашата држава.

Професорот Гордан Калајџиев тврди дека секоја одговорна политичка партија треба да го протежира мотото: фер судење за секое прекршување на законот, а барањето некаква амнестија со политички притисоци е штетно и за самата партија и тоа нѐ оддалечува од заложбите за правна држава. 


Каде е ДУИ во целата приказна?

Во однос на прашањето за амнестијата добро информирани извори тврдат дека од тоа добивка може да извлечат и од ДУИ, која тактизираа и не се изјаснува по ова прашање. Иако прстот на власта е постојано вперен кон опозицијата, која се напаѓа поради наводните барања за амнестија, во заднина останува нејасно што точно стои зад актуелната битка на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ околу наводните барањата за амнестија на структурите од поранешната власт.

Добро упатените познавачи на политичките околности сѐ уште имаат дилема дали можеби власта овој момент го користи преку обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за, всушност, во ист пакет да протурка и помилување на владините функционери од редовите на ДУИ, за кои исто така постојат снимени материјали како оние на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но за кои, пак, не се водат судски или истражни постапки. Ова дотолку повеќе што токму останувањето на ДУИ во власта е клучно за опстанување на владината коалиција.