Моментално во Собранието постојат две паралелни иницијативи како да се спроведе амнестија. Едната е предлог-законот на групата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со кој се бара целосна амнестија за сите обвинети, осомничени и осудени за настаните од 27 април, а пред десетина дена, по предлог на новата независна пратеничка група што произлезе од , беше формирано и собраниско тело за помирување
Поради динамиката на политичките процеси во Македонија во последниве месеци, сѐ почесто се случува едни настани да ги стават во втор план некои други, кои имаат еднаква важност за стабилноста на земјата. Еден од тие важни политичкоправни процеси претставуваат и иницијативите за помилување на учесниците во насилните настани во Собранието, на 27 април минатата година.
Имено, моментално во Собранието постојат две паралелни иницијативи како да се спроведе оваа амнестија. Едната е предлог-законот на групата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бара целосна амнестија за сите обвинети, осомничени и осудени за настаните од 27 април. Покрај овој предлог-закон, пред десетина дена беше формирано и собраниско тело за помирување, по предлог од новата независна пратеничка група од осумтемина исклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Во ова тело, под водство на пратеничките Емилија Александрова и Фросина Ременски, се подготвува нацрт-законот за амнестија на пратеници, а треба да биде поднесен некаде околу средината на декември.
Но на завчерашната седница Владата не го прифати предлогот за амнестија на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
– Владата донесе негативно мислење за предлог-законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година, кој беше доставен од група пратеници во Собранието на Република Македонија – информираа од владината прес-служба по завршувањето на седницата.
Сепак, во Собранието е закажана пленарна седница за 26 ноември, на која една од точките на дневниот ред е предлог-законот за целосна амнестија, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, а за кој сега веќе има негативно мислење од Владата.
Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, вчера ја образложи одлуката за негативното мислење на предлог-законот за амнестија од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, квалификувајќи го како „пресеопфатен“.
– Законот што е во собраниска процедура по предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е закон што е пресеопфатен, дава секаква амнестија, и сметаме дека тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање. Амнестијата што беше опфатена во тој закон беше преширока, така што ставот беше дека евентуална амнестија и други прашања од тој тип треба да се решаваат во рамките на телото за помирување во Собранието – изјави Рената Треневска-Дескоска.
Негативното мислење на Владата, во однос на нивниот предлог-закон за амнестија, во ВМРО-ДПМНЕ го ценат како намера на власта да изврши селективност и пазар со правдата и правдината.
– Ова негативно мислење на Владата за нашиот предлог-закон претставува само продолжување во нивната игра со селективната правда, како и игра со судбините на луѓето обвинети за настаните на 27 април, кои се користат за правење политички пазар. Преку тоа собраниско тело за помирување продолжува да се прави политичкиот пазар. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на тоа тело, но за помирувањето може да има поддршка само ако се залага за правда за сите засегнати со обвиненија за настаните од 27 април. Сепак, останува впечатокот дека главната игра на власта е селективност и пазар со правдата и правдината – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во поглед на правната поткрепеност на законот за амнестија, на кој работи собраниското тело за помирување, правниците сметаат дека Собранието не може да утврдува факти и да поставува степени на одговорност.
– Ако Собранието реши да даде амнестија, по природата на оваа правна мерка, таа се дава за целиот настан и за сите. Значи Собранието ќе мора да одлучи, или да им даде на сите амнестија за настанот од политички причини, но не може да влезе во ваков хибрид да одлучи кој каква улога имал. Бидејќи Собранието не утврдува факти и не може да постави друг степен на одговорност, како што може тоа да го прават судот и обвинителството. Тие може да постигнат политички ефект, што изгледа дека им е приоритет, со тоа што ќе добијат некои пратеници за гласање. Објективно, можат политички да го изведат тоа, но нема да биде коректно во смисла на правниот поредок – вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев.
Од друга страна, за политичката мотивираност или неопходност за власта од донесување закон за амнестија, поради одржување на двотретинското парламентарно мнозинство, политичкиот аналитичар Сашо Клековски смета дека владејачката СДСМ со тоа влегува во двојна контроверзност.
– Неприфатливоста (на амнестијата) е уште поголема меѓу симпатизерите на СДСМ и изнесува над 80 проценти. СДСМ дојде на власт меѓу другото и со ветување правда („Нема правда, нема мир“). Поради тоа политичкиот ризик мораше да го преземе лично премиерот Зоран Заев, кој јавно потврди дека ќе има амнестија. Наспроти јавното и партиското мислење, Зоран Заев ја има обврската за спроведување на спогодбата со Грција, за што се потребни гласови од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои, стана јасно, може да се обезбедат само на „балкански начин“ (според комесарот Хан), а тоа е со планот „амнестија за име“. Колку и да даваат спротивни изјави осумтемина пратеници, јасно е дека клучната мотивација за нивните одлуки се ветувањата за амнестија. Контроверзноста на амнестијата е двојна: од една страна е спротивна на заложбите на СДСМ за крај на неказнивоста, а од друга страна ја јакне перцепцијата кај опозицијата дека повеќето случаи се намерно креирани да се врши притисок врз опозицијата и нивните пратеници и дека станува збор за политички прогон – вели аналитичарот Сашо Клековски.