Не е одреден краен рок за носење на законот за амнестија, но со оглед дека овој закон претставува услов за обезбедување двотретинско мнозинство при конечното гласање за уставните измени, на средината на јануари наредната година, претпоставка е дека сѐ уште постои временски простор за усогласување

Фамозниот закон за амнестија, со кој е условено формирањето на двотретинското мнозинство во парламентот на 19 октомври, се чини дека сѐ уште не може да се состави во вистинската формулација што ќе ги опфати сите предизвици на обвиненијата на учесниците во настаните во Собранието од 27 април и црвените линии на влијание врз правосудниот систем.

Иако беше најавувано дека нацрт-законот е подготвен од групата за помирување во Собранието и дека во текот на вчерашниот ден ќе биде поднесен на разгледување до интерпартиското парламентарно тело за помирување, интеграција и реформи, чиј дел е, тоа сепак не се случи. Според информациите што беа пласирани во јавноста пред одржувањето на состанокот на телото за помирување, интеграција и реформи, со одредбите од нацрт-законот за амнестија се предлагало обвинетите да имаат можност да се изјаснат дали ја прифаќаат амнестијата или сакаат врз основа на принципот на пресумција на невиност да продолжи нивното кривично гонење. Дополнително, нацрт-текстот предвидувал дека насилниците, нарачателите и организаторите на насилството нема да бидат опфатени со амнестијата. За да не се дојде до ситуација делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ да треба да се преквалификува, подгрупата за помирување планирала преку законски механизми да понуди амнестија за постапките, а не конкретно за кривични дела.

Сепак, на вчерашниот состанок на телото за помирување во Собранието, а по реакциите во јавноста за решението да им се остави избор на обвинетите дали да бидат судени, или амнестирани, било констатирано дека законот за амнестија не ги совладал сите правни предизвици. Прагот на сопнување кон договор за помирување биле забелешки за правните квалификации на предвидената амнестија за дел од учесниците во настаните од 27 април. Најавено е дека дилемите треба да се разгледаат во пратеничките групи за потоа, во текот на денешниот ден, да се одржи нов состанок на телото за помирување.

Не е одреден краен рок за носење на законот за амнестија, но со оглед дека овој закон претставува услов за обезбедување двотретинско мнозинство при конечното гласање за уставните измени, на средината на јануари наредната година, претпоставка е дека сѐ уште постои временски простор за усогласување.

За решението што циркулираше во јавноста, да им се остави можност на обвинетите да се изјаснат дали ја прифаќаат амнестијата за своето учество во настаните од 27 април, или ќе продолжат со судско докажување на својата невиност, правниците сметаат дека и тоа може да влезе во серијата правни преседани, кои се прават за политички потреби.

– Нашето општество постојано е во некои нови правни ситуации, кои бараат нови преседани. Според законот, кога се бара помилување, се поднесува барање за помилување кога веќе е завршен судскиот процес и е изречена санкција. Амнестијата се изрекува пред да биде започната судската постапка. Ставот на „Транспаренси интернешнл – Македонија“ е дека амнестирање, пред институциите да ги завршат законските постапки, води кон нов преседан. Сметаме дека судовите треба да си ја завршат постапката, да биде утврдена вината (или невиноста) на обвинетите, да бидат изречени казни, па потоа да се види дали постои потреба од амнестија. На овој начин постои опасност за воведување практика на неказнување, а тоа води кон беззаконие. Со секој преседан се остава простор понатаму за секое прекршување на законот да се бара политичко решение – вели Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл – Македонија“.

Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека има политичка волја за помирување, но предупреди дека црвените линии не смеат да се поминуваат за да не се поттикне влијание врз правосудниот систем. Премиерот потсети дека реформите и независноста на судството се императив во евроатлантските интеграции на земјата и затоа препорача внимателно да се пристапи кон процесот.


Затворениците гладуваат за амнестија

Затворениците што одлежуваат казна во затворот „Идризово“ од вчера штрајкуваат со глад, бидејќи не се опфатени со законот за амнестија што се подготвува, а со кој ќе се ослободат од вина само осомничените, обвинетите, осудените лица за упадот во Собранието на 27 април. Затворениците со писмо ја известиле и управата на затворот „Идризово“, а велат дека ќе бидат поригорозни доколку Владата не одговори на нивното барање за општа амнестија. На ист начин постапиле и затворениците во затворот во Прилеп.

Парламентарно тело за помирување, интеграција и реформи