Фото: Игор Бансколиев

Неодамнешната средба на нашиот актуелен вицепремиер Артан Груби со поранешниот албански премиер Пандели Мајко, според политиколозите, многу јасно искристализира ставови што во крајна линија се сведуваат на тоа дека не само де факто туку и де јуре се бараат конкретни начини за промена на унитарниот карактер на државава. Притоа, неодминлив е впечатокот дека „се работи за истиот старо-нов големоалбански проект, кој се координира од еден центар“. Овој пат „начин за рециклирање на сепаратизмот е пронајден преку пописот“. Имено, преку фингирање на резултатите од пописот да се направи нов исчекор кон дисолуција на Македонија, претставена со двојство на државните симболи, односно две државни знамиња!?

Менување на унитарниот карактер на државава на агендата на билатералната средба Мајко – Груби

Невообичаената засилена политичка активност и лобирање генерирани од албанскиот политички блок, како и последните изјави на албанските политичари во земјава и регионот, со повици до албанската дијаспора масовно да се попишува на претстојниот попис во Македонија, сѐ повеќе ја нагласуваат политичката димензија на пописот. Тенденцијата за вештачко кревање на процентот на албанската етничка заедница во земјава не можеше да ги скрие заднината и мотивите да се стори тоа. Имено, неодамнешната средба на нашиот актуелен вицепремиер Артан Груби со поранешниот албански премиер Пандели Мајко многу јасно искристализира ставови што во крајна линија се сведуваат на тоа дека не само де факто туку и де јуре се бараат конкретни начини за промена на унитарниот карактер на државава. Притоа, неодминлив е впечатокот дека се работи за истиот старо-нов големоалбански проект, кој се координира од еден центар. Овој пат таков начин е пронајден преку пописот. Имено, преку фингирање на резултатите од пописот да се направи нов исчекор кон дисолуција на Македонија, претставена со поделба или двојство на државните симболи, односно две државни знамиња!?

Употреба на албанското национално знаме како македонско – државно?!

Потврда дека токму пописот ќе се користи за остварување одредени политички цели е изјавата на поранешниот албански премиер Пандели Мајко, по неодамнешната средба со вицепремиерот Артан Груби, кој најави дека високиот процент на попишани Албанци може да го легитимира и нивното право на употреба на албанското национално знаме како државно.
– Кампањата за попис на населението во Северна Македонија е најважна за идниот статус на Албанците. Во заедницата каде што бројот на регистрирани Албанци надминува 20 отсто, се стекнува законско право да се користи албанскиот јазик како службен јазик. Кога бројот на Албанци надминува 50 отсто, се добива законско право на употреба и на националното знаме – напиша Мајко на својот фејсбук-профил.
Аналитичарите и политиколозите се вчудовидени и згрозени од ваквите апсурдни тези и предлози на албанските политичари.
Тие велат дека вакви апсурдни ситуации нема никаде во светот, па дури и држави што се составени од повеќе федерални единици имаат едно државно знаме и една химна, како што беше примерот со поранешна Југославија.

Таму шесте федерални единици имаа сопствено знаме и сопствени химни, но едно државно знаме и една химна кога стануваше збор за надворешните односи. Идентична е ситуацијата и со Соединетите Американски Држави, Бразил, Германија, Шпанија, Швајцарија и многу други држави.
Сето ова го наметнува прашањето што ќе се случи со Македонија како унитарна држава ако веќе се употребуваат два службени јазика, а сега се цели и кон користење две државни знамиња. Ништо чудно следно барање да биде и воведување две химни, дводомно собрание и двојство и на други државни институции. Сите овие елементи се индикатори за создавање федерална држава во некој следен период, која како федерација ќе мора да ги промени државното знаме, химната и грбот, бидејќи тие ќе мора да ги отсликуваат желбите на, условно, двете федерални единици, како што веројатно замислуваат или сонуваат некои од креаторите и идеолозите на ваквото погубно сценарио за Македонија.

Нов и конкретен обид за промена на фактичката состојба во земјава

За Александар Тортевски, адвокат и познавач на политичките состојби во земјава, преку пописот се прави обид за промена на фактичката состојба во земјава.
– Изјавите на албанските политичари од соседството се класично мешање во внатрешните работи, и тоа со непријателски гест, а со цел да се фингираат бројки за да се промени фактичката ситуација во земјава. Тука се фингира мнозинство дека тие имаат поголема бројка – вели Тортевски.
Тој не ја исклучува можноста во рамките на некаков долгорочен план да станува збор и за процес на федерализација на државата.
– Некаков долгорочен план е веројатно и федерализација на државата – вели Тортевски.
Аналитичарите се согласни дека не смее да се дозволи какво било загрозување или поигрување со симболите на државата, како што се знамето и химната на државата, и во таа насока се неопходни силна осуда и отфрлање на сите вакви небулозни идеи, од каде и да доаѓаат.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека ваквите барања се целосно непотребни, нелогични и дека повеќе се во функција на политички маркетинг од страна на албанските етнички партии во пресрет на локалните избори.
– Во ситуација кога буквално сите етнички права се исполнети, тогаш се оди во барања што го надминуваат она што се нарекува разумни очекувања. Сега ветувањата на албанските етнички партии, кои повеќе нема што да им понудат на своите гласачи, влегуваат во одредена фикција, во одредена зона на непотребност – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Според него, токму кампањата за попишување на албанската дијаспора е последица на тоа.
– Пописот во моментот се употребува како главна пропагандна алатка за локалните избори, кои треба да бидат во октомври. Каде има такво нешто со 50 отсто да се дозволува употреба на албанското знаме како државно во земјава? Во која земја има такво нешто? Тоа се нелогични работи – констатира Божиновски.
Коментирајќи ги изјавите на високите албански политичари од Албанија и од Косово во врска со пописот во земјава, тој вели дека тоа е така поради анемичниот однос на македонските власти. Токму во вакви моменти треба македонските власти да покажат бескомпромисност.
– Кога ќе им се дозволи, нормално е да даваат такви изјави. Истото тоа беше и со Бугарија. Имаше многу ситуации на напад на македонската држава, а немаше реакции. Нормално, кога нема реакција, сите ќе ни се мешаат во внатрешните работи, па и Курти и Рама во пописот – вели Божиновски.


Примери за паралелизам во нашата дипломатија на повеќе нивоа и случаи

Деновиве јавноста е сведок на уште една потврда за постоење паралелизам во државата со активностите на државниот функционер – првиот вицепремиер, чие однесувањето само покажува дека негов интерес е повеќе лобирање за Косово отколку за Македонија. Да биде политичката амбивалентност уште поочигледна, со идентична агенда како првиот вицепремиер се идентификува и неговиот сопартиец и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи. Тој во рамките на посетата на Шпанија се заложил оваа земја да го признае Косово!?
Дилемата што се поставува во јавноста е дали во Македонија веќе функционира паралелната дипломатија, која со последните потези прави директна штета врз македонските позиции.

Имено, инсистирањето на македонски политички претставници кај Шпанија да го признае Косово кога се знае дека токму таа земја има проблем со сепаратистичките планови на Каталонија би можело да се одрази врз идното однесување на Мадрид кога станува збор за интересите на Македонија.
Дека Шпанија силно се противи на какво било признавање на Косово покажува последната одлука да се истакнуваат државни симболи на квалификацискиот фудбалски меч меѓу Шпанија и Косово што треба утре да се игра во Севилја, па така мечот ќе биде претставен како средба меѓу Шпанија и Фудбалскиот сојуз на Косово, без да се признава земјата.