Ангажираноста „од петни жили“ на бугарската политика и наука на сите можни и неможни начини да придонесе кон кампањата за докажување на „бугарските корени на македонскиот јазик“ пред ЕУ, се чини дека македонската официјална политика не ја сфаќа толку сериозно. Најавената бугарска „бела книга“ е уште еден пример во низата. Научните истражувачи и професори со кои се консултиравме кај нас, сметаат дека токму научните институции треба да извршат влијание врз нашите политичари посериозно да ја сфатат загрозеноста со која се соочуваме. Науката конечно треба да се постави над политиката, а не само некритички да ѝ аплаудира и да ја поддржува…
Бугарската „бела книга за јазичниот спор
со Македонија“ како повод
Лежерноста на македонската официјална политика во ситуацијата додека Бугарија систематски си конструираше формалноправни аргументи на внатрешнополитички план за да ги блокира македонските евроинтеграции, повторно е ставена пред ново искушение, со најавата од Софија дека на 15 февруари ќе ја објави т.н. „Бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“. Според најавата во бугарските медиуми, во книгата ќе бидат презентирани примери за наводна „кражба на бугарската историја“, а македонскиот јазик ќе биде претставен како „скопска пишана норма“.
Штанцање документи со конструкции и произволни заклучоци
Издавањето на оваа книга веќе може да се гледа како одржување на континуитетот за „штанцање“ документи со кои Бугарија пред ЕУ настојува да го докаже бугарскиот карактер на македонскиот народ, македонскиот јазик и историја, како што веќе беа: Декларацијата на бугарскиот парламент, односно рамковната позиција на Бугарија за македонските евроинтеграции, ставовите на БАН со кои се негира автохтоноста на македонскиот јазик, дури и објаснувачкиот меморандум до земјите-членки на ЕУ, каде што беа изнесени цела низа небулози за Македонија и македонизмот како политички конструкт. И покрај општиот впечаток, дури и во Бугарија, дека другите земји-членки не ги разбираат бугарските аргументи, наместо обесхрабрување за продуцирање негаторски изданија за постоењето на македонскиот народ со сите национални атрибути, се чини дека „неразбирањето“ од страна на ЕУ, дополнително ја мотивира бугарската упорност за нови докажувања. Рецензентката на т.н. „бела книга“, бугарската професорка Ана Конова, веќе порача дека целта е „да даде примери за кражбата на бугарското наследство и кршење на човековите права во Северна Македонија“, признавајќи дека позицијата на Бугарија за европската интеграција на Скопје не е доволно јасно артикулирана за да им биде јасна на европските партнери, па затоа ќе биде издадена на повеќе европски јазици, нагласувајќи го португалскиот јазик, поради актуелното претседателство на Португалија со ЕУ.
Белата книга е само нова корица на старата бугарска државна болшевичка и фашистичка пропаганда
– Пред повеќе од четириесетина години, во 1978 г., Бугарската академија на науките, преку Институтот за бугарски јазик издаде меморандум за „Единството на бугарскиот јазик во минатото и денес“, каде што најостро беше нападната посебноста на постоењето на македонскиот јазик. Претпоставувам дека оваа најавена „бела книга“ ќе биде всушност преобјавување на тој меморандум на БАН од 1978 година, веројатно проширен и надграден со актуелните состојби. Тогаш кога беше објавен меморандумот на БАН, кај нас, во Македонија, во издание на Ректоратот на УКИМ беа објавени два тома со историски документи за македонскиот јазик, кои беа преведени на англиски, руски, германски јазик. Уредник на тоа издание беше историчарот Христо Андонов-Полјански. Логично би било, како одговор на објавувањето на таа бугарска „бела книга“, ние да го преобјавиме изданието на Андонов-Полјански, дополнето со новооткриени документи и тоа да се дистрибуира во институциите на ЕУ. Од научен аспект, ниту Бугарите можат да измислат нови аргументи за своите негаторски тези за македонскиот јазик ниту ние можеме да им „излеземе во пресрет“ и да се откажеме од нашето постоење и посебноста на македонскиот јазик низ историјата. Треба од двете страни, и од бугарска и од наша, македонска, да се почне со една разумна комуникација. Конечно, луѓето со своите меѓусебни односи ја прават историјата и, секако, подобро е во иднина да имаме историја на пријателски односи, отколку историја на одбивност – вели универзитетскиот професор Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.
Во однос на изјавите дека т.н. „Бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“ е приватно издание, професорот Спасов цени дека тоа е само „сменета облека на државната комунистичка пропаганда“ во Бугарија, односно дека книгата ќе биде издадена со поддршка на бугарската државна владејачка гарнитура.
Да не се спие на увото декасветот сам ќе изведе заклучок дека официјална Софија измислува аргументи
За разлика од ангажираната и испреплетена поддршка на бугарската политика и наука во интерес на кампањата за докажување на „бугарските корени на македонскиот јазик“ пред ЕУ, се чини дека македонската официјална политика не ја сфаќа толку сериозно упорноста на соседите во оспорувањето на автохтоноста на македонскиот јазик со научно неприфатени аргументи надвор од Бугарија. Македонската политика во евроинтеграциите како премногу да се потпира на административните факти за признавање на македонскиот јазик на листата на јазици на ОН и на ситуациите во кои еднаш или двапати на прес-конференции во Брисел имало преводи на македонски јазик… Македонија, како земја-кандидатка за членка на ЕУ, како премногу да се потпира на декларативната принципиелност на Унијата, изразена во Конвенцијата за регионални и малцински јазици, знаејќи притоа дека Бугарија ја нема потпишано и избегнува спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права, произлезени токму од непочитувањето на малцинските јазични права кај себе. Политичарите што го водат процесот на македонските евроинтеграции како да ги игнорираат искуствата дека со упорно презентирање и на политички конструирани „(не)научни“ позиции може политички да се загрози релевантноста на македонскиот јазик, како нераскинлив атрибут на македонското национално постоење.
– Лингвистите т.е. научниците македонисти како индивидуалци многу малку можат да влијаат, т.е. да предупредат на политичката загрозеност на македонскиот јазик што се наметнува од Бугарија во однос на евроинтеграциите. Како научници интелектуалци реагираме на сите начини во јавноста. Но за еден поофицијален одговор во оваа ситуација на континуирано оспорување на македонскиот јазик од страна на Бугарија, најповикани и најодговорни се националните институции – МАНУ, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја на македонскиот народ… Овие институции треба да извршат влијание врз политичарите посериозно да ја сфатат загрозеноста со која се соочува македонскиот јазик. Науката конечно треба да се постави над политиката, а не само некритички да ѝ аплаудира и да ја поддржува – вели професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик.