Фото: Маја Јаневска-Илиева

Логиката на образложението во предлогот за измена на Законот за надворешни работи, односно тоа што предлагачите сметаат дека условот за имање само едно државјанство за амбасадорите „го ограничува уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето јавни функции“, дипломатите сметаат дека е неиздржана. Според таквата логика, не би можело да се донесе ниту еден закон, зашто секој закон во принцип некого и нешто лимитира, што всушност е и суштината на постоењето на законите – регулирање на односите и однесувањето во едно општество, секако, во согласност со стандардите на меѓународното право

Меѓународно воспоставените стандарди што треба да ги исполнат амбасадорите (припадниците на дипломатскиот кор, за всушност да бидат припадници на таа фела) деновиве е предмет на жолчна дискусија меѓу пратениците. Додека едни сметаат дека тие востановени стандарди како меѓународна практика, принципи за етичност и професионализам се добри и имаат долга историја на употреба, друга група пратеници сметаат дека тие востановени стандарди што треба да ги исполнат идните амбасадори се ригидни и застарени. Имено, вториве бараат „да им се овозможи и на лица со двојни државјанства да бидат именувани за амбасадори“! Овој предлог е „ставен и на хартија“, во името на група пратеници до македонското собрание.
Предлог-измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи што треба да овозможат спроведување на оваа идеја веќе влегоа во Собранието, по скратена постапка. Со постојното законско решение, кое предвидува дека лицето именувано за амбасадор треба да е државјанин само на Република Македонија, според предлагачите, се ограничувало уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето јавни функции. Со предложената измена треба да се избрише зборот „само“, а да се додаде член со кој лицето што има двојно државјанство да не може да биде именувано во онаа држава чиј пасош го поседува.
Прашањето се актуализира откако минатата година на списокот со предлози на МНР за нови амбасадори осамнаа имиња на лица со двојни државјанства, за кои претседателот Стево Пендаровски категорично одби да даде согласност за нивно именување сѐ додека постојниот закон не го овозможува тоа.
Искуствата на докажаните македонски дипломати од кариера упатуваат дека ваквиот предлог е невообичаен и во многу нешта несоодветен, како во класичната (некогашната) така и во актуелната дипломатска практика во светот. Според поранешните (но и не толку дамнешни) стандарди, на дипломатите, особено на амбасадорите, во многу држави дури и не им било дозволено да стапуваат во брак со државјани на други земји. Сепак, во актуелниов предлог за измена на Законот за надворешни работи дипломатите препознаваат потег со кој државата треба да се приспособи на интересите на одредени поединци.

– Дипломатите се во служба на државата и вршат меѓу најдоверливите работи, што подразбира и користење тајни документи, шифри и слично. Тоа покажува дека не може секој да биде дипломат и дека двојното државјанство отвора простор за сериозен ризик. Тоа особено важи за амбасадорите, кои треба да бидат носители и реализатори на државните политики. Во конкретниот случај, фундаменталниот проблем со кој се соочува Македонија од нејзината самостојност е од дипломатски карактер и тоа значи политики и стратегии што мора да се спроведуваат со крајно доверливи постапки. Носителите на двојно државјанство не се никаква гаранција дека ќе се почитува тоа. Носењето на измената на Законот за надворешни работи во насока на овозможување лица со двојно државјанство да бидат амбасадори е само нова девалвација на македонската дипломатија, која, за жал, и сега во голема мера е составена од партиски војници, роднини и пријатели. Фактот што партиите во добар дел ги одредуваат амбасадорите покажува дека државата не функционира – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Логиката на образложението во предлогот за измена на Законот дека предлагачите сметаат дека условот за едно државјанство за амбасадорите „го ограничува уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето јавни функции“, Никовски смета дека е неиздржана. Амбасадорот наведува дека според таквата логика не би можело да се донесе ниту еден закон, зашто секој закон во принцип некого и нешто лимитира, што всушност е и суштината на постоењето на законите – регулирање на односите и однесувањето во едно општество, секако, во согласност со стандардите на меѓународното право. Како споредба, Никовски наведува дека постојат закони според кои само одредена група граѓани може да бидат корисници на социјална помош, иако можеби сите граѓани имаат потреба од дополнителни средства од државата за егзистенцијални потреби.

Во слична насока размислува и амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој наведува дека во земјите каде што тој бил македонски дипломатски претставник, стандардите и практиката за двојни државјанства се особено строги, не само за амбасадорите и дипломатите туку и за сите политичари, па и оние странски државјани што претендираат на државјанството на тие земји, дури мораат и да се откажат од сите други државјанства.
– Во Германија и во Австрија и понатаму строго функционира принципот на едно државјанство, особено за дипломати, амбасадори и високи државни претставници, иако се водечки членки на ЕУ. Оваа практика се применува и за државјани од други земји на ЕУ, не само за оние што доаѓаат надвор од Унијата. Слично е и во Словачка, а уште построго е во Јапонија. Сите оние што директно ја претставуваат државата, во принцип, треба да имаат едно државјанство. Тоа подразбира дека она што го говорат амбасадорите значи дека говори државата што ја претставуваат – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој оценува дека предлогот поднесен во македонското собрание за амбасадори со двојни државјанства е надвор од дипломатските стандарди и етика.


Со двајца сведоци до македонско државјанство?!

Додека предлогот за измена на Законот за надворешни работи со кој треба да се овозможи избор за амбасадори на лица со двојни државјанства е влезен во собраниска процедура, пратеници од помалите партии во Собранието (некои и коалициски партнери во Владата) предупредуваат за уште еден пратенички предлог поврзан со добивањето македонско државјанство. Пратеникот Димитар Апасиев од партијата Левица деновиве обелодени дека седум пратеници од опозициските албански партии Алијанса за Албанците и Алтернатива предложиле измена на Законот за државјанство.
Според предложените измени на Законот, се предвидува по брза постапка, без детална анализа од страна на Владата и јавна расправа, 70 илјади луѓе да добијат македонско државјанство и пасош. Предложените измени се особено контроверзни поради тоа што доаѓаат во пресрет на пописот на населението, а првиот човек на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, ова го поврзува со „вештачки етноинженеринг“.

И пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, укажува дека предложената измена на Законот за државјанство е таа да се спроведе „по скратена постапка, без претходна анализа, со цел на над 70.000 граѓани со постојан престој (овој податок никој не го проверил и потврдил) во Македонија да им се признае македонско државјанство.“ Трајанов наведува и дека „интересна е идејата да може, покрај другото, да се докаже и со двајца сведоци дека до 8 септември 1991 година живееле (имале постојан престој) во Македонија“. Лидерот на Демократски сојуз смета дека ваков закон, прво, треба да се носи во редовна постапка, со детална анализа од страна на Владата и да има јавна расправа.
– Треба да се проценат ефектите од една таква операција и, што е најважно, дали навистина има 70.000 граѓани што се без државјанство, а кои пред осми септември 1991 година престојувале најмалку осум години во Македонија и сл. Во Законот има и други решенија што се спротивни на меѓународните стандарди, да се стекнува со двојно државјанство итн. – вели Трајанов.


Замрзнато второ државјанство

Дипломатите потсетуваат на преседанот што бил направен во однос на принципот амбасадори само со македонско државјанство. Тоа е случајот со првата амбасадорка на Македонија во САД, Љубица Ачовска, која кога била именувана на оваа функција имала и македонско и американско државјанство. Сепак, поради почитување на македонскиот закон, таа привремено се откажала од американското државјанство, т.е. го „замрзнала“ додека ѝ траел македонскиот амбасадорски мандат.