По завршувањето на евроизборите и на само еден ден пред добивањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, стручната јавност, но и граѓаните очекуваат датум за почнување на преговорите, кој претходно ќе биде забележан врз основа на позитивниот извештај на ЕК. „Нова Македонија“ пред објавувањето на извештајот на ЕК ги сондира мислењата и очекувањата на странските дипломати во земјава, за кои мислат дека ќе бидат забележани во извештајот, но и за тоа дали земјава ќе добие датум за преговори во јуни, со оглед на резултатите од евроизборите што се одржаа викендов.
Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар на Твитер неодамна, пак, напиша дека го поздравува усвојувањето на реформските закони од областа на разузнавањето и безбедноста во парламентот.
– Конструктивниот дијалог резултира со напредок во една од клучните области на владеење на правото. Очекувам ефективна имплементација на реформите. Целото внимание треба да се фокусира на Законот за јавно обвинителство и специјалното јавно обвинителство. Нема време за губење – наведе Жбогар.
Од друга страна, амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, неодамна во однос на тоа кои се неговите очекувања земјава да добие датум за преговори во јуни, вели дека најпрво треба да го видиме извештајот што треба да го објави ЕК на 29 мај, а тој ќе биде своевиден патоказ што ќе треба да се исполни.
– Мислам дека е опасно да се фокусираме само на одреден датум во јуни, затоа што тоа може да ги зголеми очекувањата и да биде мотив за нешто што потоа ќе биде сфатено како заговор. Сите признаваат дека е почнат пат со голем напредок во повеќе области, но истовремено нам ни се случија нови проблеми, што се појавија пред две години, проблеми за кои не може брзо да се најде решение – рече амбасадорот на Франција во земјава Тимоние.
Од друга страна, во интервју за „Фајненшел тајмс“ шефот на дипломатијата Никола Димитров вели дека Северна Македонија очекува да добие зелено светло од ЕУ и годинава да ги почне преговорите за членство. Според него, ако Европа не може да направи разлика на Балканот, тогаш тешко е да се замисли како тоа ќе направи разлика на друго место.
– ЕУ ќе го изгуби влијанието на Западен Балкан и ќе ризикува да ги зајакне ривалите како што се Русија и Кина ако не го одобри „уверливиот случај“ на Северна Македонија и не донесе одлука да започне преговори за пристапување на земјата. Ќе биде тешко да разговараат со крената глава за трајни поблиски врски меѓу Брисел и регионот, ако земјите-членки на ЕУ не успеат да ја потврдат одлуката за започнување на процесот за пристапување – истакнува Димитров.