Рокот за доставување на предлог-амандманите е 15 дена од изгласувањето за пристапување кон уставни измени, што значи дека тие треба да се најдат на увид на пратениците најдоцна до сабота, на 3 ноември. Владата претходно вети дека постапката ќе се забрза и тие до 26 октомври ќе се најдат пред пратениците, но тоа не се случи
Одложувањето со доставување на нацрт-текстот на амандманите во Собранието може да се толкува и како стивнување на ентузијазмот на Владата за најбрзо можно спроведување на процедурите за имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот на Република Македонија, но и како олабавеност што ја дозволува обезбеденото мнозинство за гласањата што претстојат. Првично, веднаш по изгласувањето за пристапување кон уставни измени, премиерот Зоран Заев најавуваше дека Владата ќе настојува колку што е можно побрзо да ги подготви предлог-амандманите, во интерес на забрзување на собраниската постапка, за променетиот устав за промена на уставното име на државата, побрзо да се најде на одобрување во грчкиот парламент. Рокот што си го зададе Заев на 19 октомври за доставување на амандманите до Собранието беше петок, 26 октомври, но и вчера, на 29 октомври, предлог-текстот не беше доставен во парламентот.
Добиениот временски простор за маневрирање со роковите се користи за престројување во Собранието и позиционирање на новата пратеничка група, составена од осумтемина „пребегнати“ пратеници од опозицијата, кои на 19 октомври гласаа за започнување со уставните измени и на тој начин го обезбедија, дотогаш, критичното двотретинско мнозинство. Вчера, осумтемина исклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го информираа претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека во иднина ќе дејствуваат како нова пратеничка група, која ќе се нарекува Независна пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Во оваа пратеничка група ќе членуваат: Елизабета Канческа-Милевска, Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов. Координатор на Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка Елизабета Канческа-Милевска. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на редовната понеделничка координативна средба ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова пратеничка група.
Веднаш по официјализирањето како пратеничка група, осумтемина одметнати пратеници имаа закажано средба во Собранието со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за правда Рената Дескоска, за консултација за уставните амандмани. Владината тројка и осумтемина пратеници ќе се координираат околу условите што ги поставија пратениците за да гласаат за отворање на Уставот. Тие бараат амандмански да се зајакне заштитата на идентитетот, македонскиот јазик, како и употребата на терминот Северна Македонија за внатрешна употреба да биде врзано за членството во ЕУ. Врз основа на четвртата точка од барањето со кое ја условија својата поддршка на уставните измени, се очекуваше да се разговара и за таканареченото тело за помирување за настаните од 27 април минатата година.
Во рамките на очекувањата од оваа средба во Собранието беше пратениците да ги достават на хартија своите конкретни предлози што би требало да се вградат во амандманите, на премиерот Заев и на министрите. На состанокот се очекуваше и присуството на тројцата обвинети пратеници за настаните на 27 април.
Се чини дека очекувањето амандманските предлози да бидат доставени во Собранието е некако ставено во сенка на престројувањата на пратениците во Собранието и внатрешните преструктурирање, исклучувања и меѓусебно обвинувачка кореспонденција во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, пак, се очекува ВМРО-ДПМНЕ да формира една пратеничка група, бидејќи сегашните 10 не ги исполнуваат условите, според собранискиот деловник.
Поради заминувањето на пратениците Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани со парламентарното мнозинство и исклучувањата на осумтемина пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и заминувањето на пратеникот на ГРОМ, Панчо Минов, десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ сега немаат по минимум пет пратеници што се потребни да се формира една пратеничка група.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието од 51, сега за сега има 39 пратеници. Но независно од бројот на пратенички групи, од партијата велат дека нивниот став во однос на гласањето за отворање на Уставот нема да се смени и досега не учествувале во консултации за амандманските предлози, но сѐ уште е во најава дека до Собранието ќе поднесат предлог-закон за амнестија. Во меѓувреме, досегашниот координатор на пратеничката група Драган Данев, на прес- конференција рече дека „тој најверојатно нема да биде повеќе координатор на пратеничката група“. Рокот за доставување на предлог-амандманите е 15 дена од изгласувањето за пристапување кон уставни измени, што значи дека тие треба да се најдат на увид на пратениците, најдоцна до сабота, на 3 ноември.