Иако во илјадниците поднесени амандмани веднаш се препознава и идентификува нивниот карактер како техничко-опструктивни, во сендвичот од филибастерингот е вметнат еден многу специфичен предлог, и тоа со различна умисла. Тоа е еден партиско-политички „анаболички стероид“ на ДУИ што се однесува на „загарантирани пратенички места според етничката бројност на населението“. Имено, идејата на ДУИ што ја изнесе лидерот на партијата Али Ахмети е пратеничките мандати да се врзат за последниот попис на населението од 2002 година, а идејата на ваквиот потенцијален амандман е да се гарантираат сигурни пратенички места според етничката бројност на населението
И покрај сите партиски несогласувања и технички опструкции, се очекува во Собранието да започне амандманската расправа за измените на Изборниот законик, првично во комисијата за политички систем. Во јавноста е создадена перцепцијата дека пратениците од помалите партии (кои се носители на иницијативата за една изборна единица), како и од владејачката СДСМ, се залагаат изменетиот изборен модел да се примени уште на претстојните вонредни парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април. Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со идејата моделот една изборна единица да се примени на најавените избори, а коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, пак воопшто не сака да се носат измени на Изборниот законик во насока на менување на изборниот модел.
Секоја од партиите има аргументи зошто (не) сака промена на Изборниот законик, а противниците на идејата настојуваат својот став да го операционализираат со филибастеринг, односно доставување илјадници амандмани на предлог-законот, за да не може да се изгласа во овој пратенички состав. Иако илјадниците амандмани главно се препознаваат и идентификуваат со атрибутот техничко-опструктивен карактер, во сендвичот од филибастерингот е вметнат еден предлог како партиско-политички „анаболички стероид“ на ДУИ, а имено за загарантирани пратенички места според етничката бројност на населението. Имено, идејата на ДУИ што ја изнесе лидерот на партијата Али Ахмети е пратеничките мандати да се врзат за последниот попис на населението од 2002 година. Основната идеја на ваквиот потенцијален амандман е да се гарантираат пратенички места според етничката бројност на насeлението.
Суштината на овој предлог е ако пратеничките мандати се поделат според последниот попис од 2002 година, во услови ако Македонија биде една изборна единица е да има загарантирани места, за да се обезбеди правична застапеност. Според пресметките на партијата на Али Ахмети, 77 пратенички мандати ќе бидат загарантирани за Македонците, Албанците ќе имаат 30 пратеници, додека пет места ќе бидат загарантирани за Турците, Ромите ќе имаат тројца пратеници, Србите – двајца, додека Власите, Бошњаците и другите би имале по еден пратеник. ДУИ предлага и изборниот праг да биде од 3 до 5 отсто.
– Прво, сметам дека таквиот предлог за гарантирање пратенички места според начелото за групни права е само дел од стратегијата на ДУИ да не се донесе закон, за кој сметаат дека не им одговара и се надевам дека нема сериозно да биде разгледуван. Но со оглед на несериозноста во политиката во последниве години, каде што одредени политички цели се постигнуваат со сила и со газење уставни одредби, треба да се биде внимателен и со вакви „стратегиски контрапредлози“. Ако се примени овој предлог на ДУИ за етнички гарантирани пратенички места, тоа ќе значи погазување на основниот принцип на демократијата, каде што еден глас вреди еднакво. Со гарантирани пратенички места, некој глас ќе вреди повеќе. И сега, со шест изборни единици, понекогаш сме на работ гласовите во шестата изборна единица да вредат повеќе.. Навистина, во некои држави има загарантирани 1-2 пратенички места за помалите етнички заедници, но тоа се практикува за да бидат застапени и нивните интереси во парламентите, со оглед на реалноста дека не можат да го поминат изборниот праг. Дополнителна несериозност на овој предлог му додава и фактот што речиси дваесет години во Македонија нема спроведено попис – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Политикологот Петар Арсовски исто така смета дека оваа амандманска идеја на ДУИ, за загарантирани пратенички места, е политички маневар за да не се реализира иницијативата за една изборна единица.
– Без разлика дали е сериозен или е само политички маневар, предлогот на ДУИ за загарантирани пратенички места не е добра идеја. Основниот демократскиот принцип е бројот на пратеници да се врзува за бројот на гласови, односно пратеничките мандати да вредат еднаков број на гласови. Пропорционалниот модел со една изборна единица најдобро ги преведува гласовите во пратенички мандати. Според сегашниов изборен модел со шест изборни единици, имаме ситуации во различни изборни единици пратеничкиот мандат да вреди различен број освоени гласови. Во една изборна единица за пратенички мандат треба да се освојат 10.000 гласа, додека во друга 5.000, што создава ситуација еден глас да не вреди еднакво. Тоа го знаат сите политички чинители во Македонија, односно знаат дека пропорционалниот модел со шест изборни единици прави грешка во преведувањето на гласовите во пратенички мандати. Но кога таа грешка е во нивна полза, политичките партии не сакаат да се откажат од „грешката“ – вели Петар Арсовски.
Аналитичарите укажуваат дека во изборниот модел со една изборна единица е неопходно да се воведе и изборен праг, од најмалку 3 отсто, за да се спречи раситнување до атомизација на политичката сцена, но и да се оневозможи одредени екстремни политички движења да добијат собраниски легитимитет.