Македонија официјално стана членка на НАТО во времето кога започна светската пандемија на ковид-19. Во овие една и пол година полноправно членство во Алијансата, државава сѐ уште ни е во кризна состојба по однос на состојбата со пандемијата, со мигрантите, а летово се соочивме со голем број пожари, кои исто така беа причина за воведување едномесечна кризна состојба. Низата кризни ситуации и справувањето со нив, што се совпадна со почетокот на полноправното членство во НАТО, во македонската јавност отворија простор за дилеми и прашања. Најпосле, кога посилно ќе ја почувствуваме сигурноста, сега кога сме веќе под безбедносниот чадор на Алијансата?
Како да се справи Македонија со цехот за членството во НАТО
Во текот на претстојната седмица, од 20 до 24 септември, во Охрид и во Струга ќе се одржи голема вежба во рамките на Агендата на НАТО 2023 за цивилна подготвеност на земјите-членки на Алијансата. Сценариото на вежбата е подготвено во насока на соочувањето на државата со можноста на катастрофален земјотрес, што евентуално би го зафатил Охридско-струшкиот Регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постојни капацитети за справување со кризата. Главни цели на вежбата ќе бидат тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, проверка на подготвеноста на т.н. (НИЦС) – Напреден систем за централно следење и управување со кризи со команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи. Тоа ќе биде првпат во Македонија да се одржи хибридна вежба, со теренски и командно-штабни активности, но и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка во кризни ситуации и улогата на армијата во случај на криза, имајќи предвид дека ангажманот на воените сили е последниот ресурс што треба да се ангажира во какви било околности.
Главниот координатор на вежбата од НАТО, Вим Ванхаме, нагласи дека се работи за цивилна, а не воена вежба, односно дека „безбедноста не се остварува само преку воени средства. Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите-членки во воени, но и во услови на кризи и природни несреќи.
За цената (за членството во НАТО): Висока за оној што плаќа, ниска на оној што наплаќа…
Македонија официјално стана членка на НАТО во време кога започна светската пандемија на ковид-19. Во овие една и пол година полноправно членство во Алијансата, државава сѐ уште ни е во кризна состојба по однос на состојбата со пандемијата, со мигрантите, а летово се соочивме со голем број пожари, кои исто така беа причина за воведување едномесечна кризна состојба. Низата кризни ситуации и справувањето со нив, што се совпадна со почетокот на полноправното членство во НАТО, во македонската јавност отворија простор за дилеми и прашања. Најпосле, кога посилно ќе ја почувствуваме сигурноста, сега кога сме веќе под безбедносниот чадор на алијансата? И колку членството во НАТО (досега) ја чини Македонија?
Според искусниот македонски генерал, Митре Арсовски, приемот на Македонија во НАТО, истовремено ја отвори македонската политичка Пандорина кутија, а на некој начин е и почеток на пропаѓањето на идејата за независна (неутрална) безбедносна политика.
– Главните чинители во македонската политика сметаа дека со членството во НАТО ќе се решат сите безбедносни и политички проблеми во и на Македонија. Без да се размислува дека секоја понудена заштита си има своја цена. Првиот предизвик со кој ќе се соочиме е како ќе ја обезбедиме војската што ќе ја бара НАТО! Сигурно сега Владата се чуди како ќе го плати оружјето што треба да се купува за модернизација на вооружувањето според НАТО-стандардите. Неодамна беа купени транспортери, а вооружување постојано треба да се обновува, односно за тоа да се издвојува до 2 отсто од БДП. Кога во 2000 година беа купени два воени авиони од Украина, плаќањето беше договорено да биде според бартер-принципот (да се плати со размена на стока и производи). Во НАТО не постои таква можност, а и да постои, прашање е колку е нашата економија подготвена да го плати тоа. Членството во НАТО ја отвори Пандорината кутија во македонската политика. Сепак, не може да се одрече дека тоа што имаме некакви гаранции за безбедноста е голема придобивка – смета генералот Митре Арсовски.
„Членството во НАТО е скапо, но да се биде надвор од НАТО е уште поскапо“…
За разлика од генералот Арсовски, процената за цената што досега ја платила Македонија за членството во НАТО, на универзитетскиот професор од областа на безбедноста (придружен професор на Универзитетот во Аризона, САД), Методи Хаџи Јанев, е малку поразлична. Односно, професорот проценува дека „членството во НАТО е скапо, но да се биде надвор од НАТО е уште поскапо“.
– Апсолутно НЕ и апсолутно ДА. Фактот дека сме во друштво со најмоќниот сојуз само по себе е олеснување за она што треба да го правиме доколку не сме надвор од него за да бидеме безбедни. Фактот дека најдобро се браните и опстојувате во колектив (е егзистенционален или човекот се здружувал историски за да егзистира). И тука какви било калкулации секогаш ќе бидат во насока дека членството од НАТО е чиста добивка. Во однос на тоа дали е скапо членството во НАТО кога одговорот би бил да, имам два одговора. Прво, мирот е скапа работа. Тоа што ние, па и целото општество навикнавме да го земаме мирот здраво за готово е наш пропуст, ама, пред сѐ, на сите политички и академски (секако припадниците на невладиниот сектор) елити, кои наивно живеат во деведесеттите години од минатиот век. Второ, НАТО е демократска творба. Во демократијата е дозволено ако е во согласност со тоа што е регулирано и пропишано, но колку од тоа ќе земете ќе зависи од вас. Шведска на пример не е членка на НАТО, но знае како да поентира и да го искористи партнерството, па преку проекти и активна соработка скапото да го направи евтино дури и исплатливо. Во таа насока ако само пасивно чекаме некој нешто да ни подари, а мораме да испорачуваме тогаш тоа ќе чини. Оттука, членството во НАТО гледано од оваа перспектива е скапо, ама уште поскапо е да сте надвор од НАТО, во тоа бидете убедени! – вели професорот Методи Хаџи Јанев.
Сигурен партнер со несигурни „први детски чекори“
Фактот дека членството во НАТО и во ЕУ се стратегиска цел на Македонија, речиси од нејзината независност и потпирањето на македонските политичари на уверувањето дека членството во НАТО значи автоматски и членство (или барем почеток на преговори) во ЕУ, создаде чувство на огорченост во македонската јавност поради потфрлувањето на таквиот „врзан во крпче“ принцип на корелација. Во случајот со Македонија, членството во НАТО сѐ уште ни оддалеку не навестува дека ќе започнат преговорите за членство во ЕУ. Партнерите во НАТО (како Бугарија) и понатаму прават опструкции за македонските евроинтеграции. Таквата состојба го предизвикува прашањето дали и колку НАТО се покажа како партнер, на кој за круцијални работи може да се потпреме.
– Штом НАТО ни се меша во внатрешното политичко уредување, поради НАТО го сменивме името на државата, го менувавме Уставот…, а не го добивме тоа што ни беше политички ветувано, сериозно го става на преиспитување партнерскиот однос на Алијансата. Претходно, нѐ уценуваше Грција за членство во НАТО и во ЕУ, а сега ситуацијата е уште побизарна во однос на партнерството, зашто и понатаму нѐ уценува Бугарија за членство во ЕУ, која ни е партнер во НАТО. Иако сме партнери во Алијансата, Македонија и понатаму е под политички притисок од партнерите во НАТО – вели генералот Митре Арсовски.
Сепак, професорот Хаџи Јанев од друг аспект ја согледува сигурноста во партнерските односи во НАТО. Тој смета дека колку ќе добиеме од НАТО, зависи од нас.
– Па, не гледам како НАТО би бил несигурен партнер. Дури и како партнери успеавме да добиеме многу од Алијансата. Дали знаете на пример колку чини да изградите човечки капацитет. Може да го имате целиот хардвер и софтвер (опрема и технологии), ако ги немате вистинските луѓе што се врвно обучени (а тоа НАТО ни го даваше бесплатно, да бидеме искрени, и ќе продолжи да ни го дава). Пак ќе повторам, колку ќе знаеме да искористиме од НАТО зависи од нас. Еве на пример, Воената академија е еклатантен пример за она што НАТО го заговара како паметна одбрана. На име на школување на питомците од земјите-членки на НАТО (Ц.Гора) и партнери (БиХ), нашите пилоти, а и питомците добиваат бесплатна обука. Како резултат на таа соработка оваа година ѝ го понудивме Криволак на Црногорската артилерија. Дали е тоа доволно. Тоа е минорно од она што можеме да го постигнеме од НАТО. Овде пред сѐ мислам на бизнис-заедницата и ако сме паметни да ја освежиме или обновиме наменската индустрија. Таму се големите придобивки – вели професорот Хаџи Јанев.
Пораз или победа на Алијансата
Актуелните настани во Авганистан, со повлекувањето на дваесетгодишната мисија на НАТО, предводена од САД, во таа земја, и понатаму на глобален план предизвикува дебати дали се работи за пораз на Алијансата, или само за рационална одлука. Пренесено на македонска политичка проекција, прашањето би се поставило во формата: дали повлекувањето од Авганистан е пораз на НАТО, а со тоа и прв пораз на Македонија како најмлада членка на Алијансата?
– Воено-тактички гледано, поразот е очигледен. Кога со толкава воена сила и по толку долг временски период нема да успеете да ги постигнете целите поради кои сте ја презеле воената интервенција – логично е дека на тоа се гледа како на пораз. А НАТО, односно сите учесници во мисијата во Авганистан не ја постигнаа целта за која беа таму. Во животинскиот свет, кога сте дел од глутницата, мора да работите за интересот на глутницата, за да ги споделите придобивките од нејзините акции. Факт е дека ние, како Македонија, бевме дел од мисијата во Авганистан. Не може да се каже дека Македонија не била дел од мисијата, а со тоа ги сноси сите крајни резултати од неа: и поразот, исто колку и да беше случај на победа – вели генералот Митре Арсовски.
Професорот Хаџи Јанев, прашањето го разгледува во друг ракурс, но сепак заклучува дека во повлекувањето од Авганистан „има генерална загуба“.
– Ако ја гледате оригиналната идеја, која беше да се смени режимот во Авганистан и да се воспостави функционална демократија – ДА. Но ако гледате од аспект на скратување на просторот за омасовување на тероризмот, тогаш – НЕ. Преку Авганистан најпрвин се задуши Ал каеда, а потоа Авганистан стана значителна бафер-зона и за Исламската држава. Денес талибанците, кои беа во коалиција со Ал каеда, не се во коалиција со Исламска држава. Тоа од перспектива на учинок е добивка. Или многу слично, како што Советите излегоа како победници од Авганистан (велам ако ги читате нивните учебници – што е сосема коректно и точно). Тие – Советите, ја сменија крајната цел во Авганистан и повлекувањето го прикажаа како успех. Иако, да не се лажеме, и во едниот, и во другиот случај – има генерална загуба. Тука нема дилема – проценува универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев.