Алијансата за Албанците бара разрешување на техничката министерка за труд и социјална плитика, Рашела Мизрахи, за, како што велат од партијата, кршење на законот и поттикнување говор на омраза.
– Нејзиното однесување е непристојно и навредливо, така што за таквото однесување треба да сноси одговорност. Зборот министер значи слуга и со оглед на тоа што секој министер доаѓа во таа позиција да му служи на народот, тој мора да се однесува во согласност со обврската што ја преземаат од моментот на нивното назначување – велат од партијата.
Од таму потсетуваат дека дека албанскиот јазик е јазик чија употреба е загарантирана со законот и Уставот, кој исто така го зборуваат повеќе од 1/3 од вкупното население во земјата со домородни и историски права.
– Алијансата за Албанците остро реагира на однесувањето на техничката министерка, која директно го крши законот, а од друга страна, е подготвена да ја плати казната со парите на Министерството заборавајќи дека буџетот на тоа министерство го исполнуваат албанските даночни обврзници, чиј јазик министерката се обидува да го негира – велат од оваа партија.
Реакцијата следува кога Мизрахи ја смени таблата пред која држи прес-конференции во Министерството, на која пишува Република Македонија и името на државата е испишано само на македонски и на англиски јазик.