Иако изјавите се дадени по различни поводи од двајца високи претставници на власта во две различни држави, во нив, познавачите на политичките движења во регионот го препознаа реактивирањето на сеалбанските игри „без граници“ за обединување на гореспоменатиот етнички ентитет во еден државен ентитет, односно подготовка на политичкиот терен за тоа и во Македонија. Особено што сѐ повеќе е јасно дека механизмот воден од паролата „заедно и обединети во ЕУ“ е сѐ понеизвесен во скора иднина!
По отсуството на поддршката на ЕУ за проширување
Необична коинциденција на моменти и содржини при давање изјави од страна на албански политичари во врска со „реактивирање на идејата за сеалбанско обединување“ следуваа по јасните сигнали на ЕУ дека Унијата не е расположена за проширување со земјите од регионот. Последователни, усогласени и координирани ставови, или изјавите беа само стандарден политички (предизборен) пиар на премиерот на Албанија, Еди Рама, и лидерот на албанската партија ДУИ во Македонија, Али Ахмети?
Имено, само ден-два по самитот ЕУ – Западен Балкан во Словенија, од кој произлезе декларација со условена задршка на Унијата во посветеноста за проширување, премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека целта на неговата политичка кариера е „Албанија да се обедини со Косово“. Во едно гостување на косовската телевизија, Рама негираше дека работи за личен интерес.
– Јас да бидам претседател на Албанија и Косово? Тоа не е во моите планови. Но обединување на Албанија со Косово – да. Тоа е стремежот – изјавил Рама, додавајќи дека себеси, по 2030 година, се гледа во нешто друго и далеку од политиката.
Но тоа, како што посочил, не го спречува да има план за обединување на Албанија и Косово.
Сеалбански игри „без граници“
Во амбиент на предизборие, на митинг за локалните избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, даде ветување дека по освојувањето на сите важни државни институции, следната голема цел на неговата партија е Албанец претседател на Македонија.
Иако изјавите се дадени по различни поводи, од двајца високи претставници на власта во две различни држави, во нив познавачите на движењата во регионот го препознаа реактивирањето на сеалбанската игри „без граници“ за обединување на споменатиот етнички ентитет во еден државен ентитет, односно подготовка на политичкиот терен за тоа во Македонија. Особено што сѐ повеќе е јасно дека контролниот механизам на паролата „заедно и обединети во ЕУ“ е сѐ понеизвесен во скора иднина.
– Тој процес на политичко дејствување за реализирање на идејата „обединување на сите албански територии“, всушност, никогаш и не запрел. Порано тоа се претставуваше како илегално, или повеќе кулоарско дејствување, и ѝ се припишуваше на т.н. иредента, а сега тоа отворено го искажуваат највисоки чинители на власта, како од Албанија така и во Македонија. Реафирмирањето на идејата Албанец претседател на Македонија оди во насока на продолжување на планот за федерализација на македонската држава, и тоа сѐ поинтензивно и повидливо. На албанскиот фактор во регионот веќе му е јасно дека речиси е неизводливо во блиска иднина обединувањето во Европа без граници, што досега беше употребувано како наратив за смирување на националистичките страсти. Но сега се гледа дека ЕУ нема желба да ги регулира таквите процеси и страсти во регионот на Западен Балкан, а не дека не знае што се случува и што ќе се случува понатаму – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
На предизборното ветување за Албанец претседател на Македонија, премиерот Зоран Заев го потсети коалицискиот партнер во Владата дека „претседател се избира на непосредни избори, каде што гласаат граѓаните, и дека тоа не се договара партиски и политички“.
– Ќе го чекам моментот кога граѓаните, и Македонци, Албанци, Срби, Власи и Турци, ќе бидат подготвени да изберат граѓанин што не е Македонец. Ова е наша заедничка земја, овде сите сме родени, татковците и дедовците ни се родени, а тука ќе ни биде и заедничката иднина – одговори Заев на новинарско прашање поврзано со ветувањето на Ахмети за Албанец претседател на македонската држава.
Најверојатно уште едно отворање на „тефтерот“
Иако по изјавите и медиумските реплики на лидерот на ДУИ и премиерот, навидум, беше затворена темата за Албанец претседател на државата, сепак, тоа предизвика сомневања во јавноста дека тоа е најава за промена на начинот на избор на претседател, од непосредни избори, да се врати во Собранието, за што е потребна и промена на Уставот. Универзитетскиот професор филозоф Љубомир Цуцуловски, спроведувањето на „процедурата“ за лидерот на ДУИ да го исполни своето ветување, на нему својствен начин, го опишува во свој текст, насловен „Тефтерот е повторно на ред“.
– Целта е, најверојатно, уште едно отварање на тефтерот, познат и како Устав. Бидејќи досега (уставно!) претседателот на државата се избираше на непосредни граѓански избори, господата (најверојатно) се договориле тоа да се промени. Наместо на непосредни избори, претседателот да се избира посредно, во републичкото собрание. Потребниот број на пратеници за избор на претседател однапред би бил договорен и потоа Собранието ќе го одобри Уставот, бидејќи и така е во функција единствено на партиските интереси. Меѓутоа, што ако нема доволно пратеници што би гласеле за предложениот Устав? Можни се неколку ситуации. Прво, да се купат/уценат одреден број пратеници, практика што е веќе видена. Второ, ако не успеат во тоа, тогаш ќе го повторат сценариото од 27 април 2017 година. Тоа значи дека во Собранието ќе се предизвикаат смут, хаос и неред (еден вид пуч), во кои не ќе се знае кој сѐ гласал и колку од пратениците биле присутни. Односно, дали се исполнети законските услови. Потоа, новиот „демократски“ донесен Устав ќе се објави во „Службен весник“ (ирелевантно со чиј потпис), ќе стапи во сила и ќе се избере саканиот претседател.
Едноставно е, меѓутоа и застрашувачки е. Додуша, во Македонија одамна се живее во животно опасна и застрашувачка состојба, па ништо не може да изненади на овој план – пишува професорот Љубомир Цуцуловски.
Во секој случај, не останаа незабележани изјавите и амбициите на албанските лидери во регионот за ново потпалување на огнот со наративот за „сеалбанско обединување“. Без разлика дали ваквите изјави се координирани или се употребени за акутни актуелни политички потреби за анимација на албанското гласачко тело, македонските граѓани, но и сите во регионот, реагираат вознемирено на ваквите вербални дразби, кои имплицираат на национално-етнички сепаратизам. Особено што албанските лидери во регионот не дозволуваат да бидат барем подзаборавени искуствата и последиците од оружените судири предизвикани од идејата за албански сепаратизам. Дури и да е реакција на разочараност од неперспективноста на (не)проширувањето на ЕУ, или дел од предизборен маркетинг, вербалното поигрување со лајтмотивот на сеалбанското обединување и сепаратизам се доживува како провокација и безбедносна закана за регионот.
Меѓународни реакции: Изјавата на Рама отворена провокација
Изјавата на премиерот Еди Рама за обединување на Албанија со Косово е апсолутно неприфатлива, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
– Напредокот на плановите за формирање „голема Албанија“ е крајно спротивен на одредбите од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и ја поткопува стабилноста во регионот. Таквите изјави апсолутно не се вклопуваат во контекстот на заедничките напори Белград – Тирана за создавање единствен пазар, што тие го иницираа во рамките на регионалната иницијатива Отворен Балкан, заедно со Скопје – потенцира Захарова.
Според портпаролката на руското МНР, руската страна очекува соодветна реакција од „западните чувари“ на косовскиот проект за „државност“ во врска со отворената провокација.