Поради актуелните состојби, многу од планираните содржини за активно стареење беа запрени во интерес на здравјето на пензионерите. Сепак активизмот не престана, а токму овој месец во план се и неколку манифестации со кои ќе се одбележи големиот јубилеј 75 години постоење на СЗПМ
Пандемијата на ковид-19 им ги ускрати дружбите и манифестациите на пензионерите
Откако е актуелна пандемијата на коронавирусот, се затворија пензионерските клубови во земјава, замре работата на голем број секции, нема екскурзии и посета на манастири и цркви, стивна и меѓународната соработка, а поради стравот од заразата беше прекинато и одржувањето на сите спортски и забавни манифестации. Поради актуелните состојби, многу од планираните настани за активно стареење на членовите на здруженијата на пензионери им беа ускратени во интерес на зачувување на нивното здравје.
Во вакви околности, хуманитарно-социјалната активност и психолошката помош испливаа како најзастапени активности за пензионерите во периодов.
Пензионерските клубови не работат, а во нив двапати неделно се дежура, секциите исто така се во мирување, нема екскурзии и задолжително се држиме до пропишаните протоколи што ни се дадени од Комисијата за заразни болести. Мирува и меѓународната соработка и засега нема услови за масовни манифестации и екскурзии, освен за одржување на регионалните спортски игри, кои се закажани на 10 септември и ќе се одржат на стадионот во Лисиче. Ќе учествуваат девет здруженија од Скопје. Колку можеме, им даваме и психолошка подршка на нашите членови за да можат да го издржат овој период на изолација и намален број на активности – објаснува Димитрија Богатиноски, претседателот на здружението „Солидарност“ – Аеродром.
И во Битола пензионерските клубови не функционираат и сите рекреативни активности се замрени.
Неодамна имавме спортски игри со редуцирани дисциплини и со само 18 спортисти, со еден автобус, со заштитни маски и почитување на сите протоколи отпатувавме во Прилеп, каде што на отворено на Могилата на непобедените се одржаа игрите. Учествуваа претставници од Крушево, Ресен, Демир Хисар, Битола и Прилеп. Корона-кризата нѐ спречува во нормалното одвивање на меѓународните активности, иако комуникацијата е нормална. Збратимени сме со Врање и неодамна бевме повикани на едно нивно одбележување јубилеј, но поради коронавирусот и тоа што сме ризична група бевме спречени да отпатуваме. Периодов подготвуваме социјална карта на нашите членови, за што веќе имаме луѓе на терен, а во Битола имаме 19.300 членови пензионери. Ни се јавуваат некои и најчесто бараат помош во храна и финансиски средства. Имаме жени волонтери што најчесто им помагаат во снабдувањето со намирници и лекови или во домашните работи. Многу пензионери остануваат сами и бараат да се сместат во дом, но имаме само еден и нема место. Добиваме помош и од Општина Битола и неодамна преку програмата за социјална заштита ни беа одобрени 50 илјади денари – рече Даница Петличковска, претседателката на Здружението на пензионери од Битола.
Пензионерите велат дека сите претходни активности што ги имале пред пандемијата, излети, олимпијади, натпревари во готвење, вечери на поезија, музички настани, сега им се ускратени.
Во пензионерскиот клуб одвреме-навреме доаѓа понекој пензионер со строго почитување на мерките, заштитни маски на лицето, дезинфекција на просторот, малку дружба и толку. Екскурзиите воопшто и не ги организираме, а скратена ни е и меѓународната соработка. Иако сакавме есенва да одиме во Црна Гора, до манастирот „Острог“, да прошетаме и да се видиме со претставници од Здружението во Будва, со кои имаме соработка, и тоа го одложивме поради актуелните состојби со коронавирусот. Сега се подготвуваме за регионалните спортски игри, кои се одржуваат на 6 септември во Кичево, со редуцирани спортски дисциплини, бидејќи ќе се реализираат само атлетски натпревари и мал фудбал. Она што најтешко ни паѓа во овие времиња е што ни се ускрати дружбата – посочува Витомир Костојчиновски, претседател од Здружението на пензионери во Вевчани.
Од Сојузот на здруженијата на пензионери велат дека иако активизмот застанал, тој сепак не престанал и голем дел од активностите што се реализирале пред пандемијата сега биле заменети со нови содржини и приспособени на актуелните состојби.
Пандемијата ги погоди сите луѓе, не само пензионерите, но за нив е најопасна, бидејќи се ризична група. Токму поради тоа во 2020 година и од страна на здруженијата и од страна на Сојузот требаше да се преземат мерки за превенција, за да се заштити оваа возрасна група на граѓани. Активизмот застана, но не престана, едни активности беа заменети со други или постојните се одвиваа со редуцирани содржини.
На пример, ревијалните музички манифестации на песни и игри и регионалните и републичките беа приспособени на новите услови и наместо настап на хорови имаше соло-пеење, кажување гатанки, поговорки и слично. Сето тоа беше успешно завршено, што беше посебен поттик за нови слични активности. Во 2020-та не се одржаа регионалните и републичките спортски натпревари, но во оваа 2021година се направи исчекор и се одбраа пет дисциплини, а се избегнаа групните спортски игри. Спортскиот карван започна во Прилеп, со почитување на сите мерки за заштита. Од лицето на пензионерите се гледаше дека тоа е она што им треба за активно стареење. Сепак, пензионерите, и покрај пандемијата, одбраа живот и разонода. Од активностите на здруженијата произлегоа и хуманитарно социјалните активности, како делење пакети со храна и заштитни средства и дојде до израз идејата дека ваквите активности треба да продолжат и по пандемијата. И покрај целокупната состојба, вратите на Сојузот постојано се отворени за соработка, сѐ уште го издаваат весникот „Пензионер плус“, кој претставува една конекција помеѓу здруженијата, од него тие се информираа едни за други, за различните модалитети на работа. За жал клубовите мораше да бидат затворени, но функционираа таму каде што имаше услови на отворено, на тераси и слично – посочува Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
СЗПМ одбележува јубилејни 75 години постоење
Оваа година Сојузот на здруженија на пензионери одбележува 75 години постоење и на денот за прославата, кога се прави една ретроспектива и се сумираат резултатите, ќе има две поетски читања. Едното во Прилеп, на кое ќе учествуваат пензионери, настан, како што велат од Сојузот, што се совпаѓа со одбележувањето сто години од раѓањето на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист, нашиот Блаже Коневски, а другото ќе се одржи на 7 септември, во Радовиш. На 20 септември ќе има свечената седница, тоа е датумот кога се одбележува Денот на пензионерите, а се разбира ќе има и јубилејно издание на весникот. Од Сојузот велат здруженијата и во вакви услови имаат активности, а тие како сојуз работеле на проекти, поттикнувале иницијативи, а отвориле и телефонска линија за да им излезат во пресрет на сите оние на кои им е потребно во актуелниов психолошки момент.