Фото: Архива

Повеќе влијателни извори од Запад и од Исток деновиве предупредуваат дека е вклучен алармот за избувнување војна во државите од Западен Балкан. Првично, американскиот магазин „Политико“ како потенцијални кризни жаришта ги посочи Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, по што се надоврза и руското МНР, кое посочи на опасноста на косовските екстремисти, со соучесништво или директно охрабрување од западните патрони

РЕГИОНОТ ПОВТОРНО ПОД СЕРИОЗНИ БЕЗБЕДНОСНИ ЗАКАНИ И ПРЕДИЗВИЦИ

Потпалувањето и разгорувањето на старо-новите безбедносни жаришта на Балканот, како во времето на 1990-тите години, повторно добиваат на актуелност деновиве во изјавите и извештаите на влијателни светски медиуми и некои политичари. Како потенцијални кризни жаришта се посочуваат Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, за кои има најава дека се места каде што е можно да се случат безбедносни превирања.

Се забавуваат разговорите со ЕУ, а се забрзуваат факторите за безбедносни кризи

Македонија, која е членка на НАТО, е во непосредна близина на посочените потенцијални кризни жаришта.
Во својата обемна анализа, реномираниот американски магазин „Политико“ информира дека е вклучен алармот за избувнување војна во државите од Западен Балкан.
– Како што се забавуваат разговорите со Европската Унија за проширување така се забрзуваат факторите што предизвикуваат можни кризи во Косово, Босна и Црна Гора – пишува „Политико“.
Магазинот како причини за ваквите случувања ги наведува руското присуство и поделеноста на ЕУ во процесот на проширување, како и слабостите во системот на НАТО за заштита на државите од Балканот.
Во делот што се однесува за нашата држава, медиумот анализира дека состојбите на теренот се загрижувачки, а тоа се должи поради бугарското вето за зачленување на Македонија, но и на Албанија.
„Политико“ во својата анализа поентира дека светот веќе не треба да се сомнева и дека конфликтот во регионот веќе не е незамислив.
Ако не дејствуваме сега, едноставно е прашање на време кога ќе се случи, а во отсуство на кредибилен евроатлантски ангажман, Балканот нема да биде единственото место што ќе настрада во состојбите – пишува „Политико“.

Западот го одобрува заострувањето на ситуацијата на Балканот?!

На оваа тема деновиве се огласи и Марија Захарова, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија.
Во својата изјава за „Телеграм“ таа соопшти дека Западот го одобрува заострувањето на ситуацијата на Балканот, поради што косовските екстремисти во секој момент може да предизвикаат конфликт во регионот.
– Ситуацијата на Балканот се влошува, фитиљот на балканското буре барут може да се запали во секое време поради дејствата на косовските екстремисти, со соучесништво или директно охрабрување на западните патрони – рече Захарова.
Според неа, изворот на проблемот во Косово се албанските ултранационалисти, кои ја презедоа власта таму и кои се особено активни да ги покажат своите мускули, а ним им помагаат некои западни земји, особено оние што во 1999 година започнаа агресија врз Југославија за да се оттргне Косово од Србија, без да се земат предвид големиот број човечки жртви.

Сепак, ЕУ сѐ уште има адути со кои може да ги држи работите под контрола

Универзитетските професори и воено-политички аналитичари со кои се консултиравме велат дека Балканот отсекогаш бил и ќе остане познато „буре со барут“, каде што во секој момент може да распламти оган на конфликт. Тие, сепак, посочуваат дека Македонија како членка на НАТО не треба да се грижи за својата безбедност, но безбедносните служби сега треба многу внимателно да го следат развојот на состојбите во нашиот регион.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев вели дека фактот оти Европската Унија е во криза е очигледен, а сето тоа се рефлектира и врз регионот.
– Фактот дека рамката во која менаџирањето со конфликтите на Балканот е значително променета особено поради промената на констелацијата на односите во контекст на геостратегискиот натпревар е исто така неоспорен. Сметам дека, сепак, Унијата сѐ уште има адути со кои може да ги држи под контрола работите во регионот, но и дека е далеку од моќта, па и кредибилитетот што ги имаше пред само неколку години – вели професорот.
Тој тврди дека иако најголем интерес за мир во регионот има самиот народ кој живее тука, сепак, гледано од перспективата на амбицијата за геостратегиската автономија што ја има Унијата, но и во суштинска безбедносна смисла, во најголем интерес на Брисел е да ги приоретизира работите во регионот и што поскоро да започне со посветена и инклузивна политика кон Западен Балкан.
– Во спротивно, сметам дека од асиметричните закани, преку хибридните закани, Унијата значително ќе биде потресена и од каскадните ефекти – последица на потенцијалните конфликти – поентира Хаџи-Јанев.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски изразува стравување дека потенцијалот за несакани случувања на Балканот во овој момент е многу висок, а тоа би можело да придонесе да избијат конфликти.
Тој смета дека причината за овие состојби е фактот што ниту еден проблем во балканските земји не е решен кога се говори за државите што се заглавени во процесот на зачленување на Унијата..
Аналитичарот посочи дека дополнителен проблем е што регионот веќе го привлекува вниманието и на силни центри надвор од оние во ЕУ и САД.
– Мислам дека во 1990-тите, ова место беше главното место во светот на кое се фокусираа со своите политики светските лидери, а сега по истиот тертип копјата за нашиот дел од Европа ги кршат од едната страна САД и ЕУ, а од другата Русија, Кина и Турција. Политичките чекори од сите големи глобални играчи се толку безбедносно раздвижени, што не гледам смирувачки тонови на состојбите – посочи Стефаноски.
Аналитичарот, сепак, се надева дека во Брисел ќе преовладее разумот и ќе се надминат пречките на земјите од регионот, како Македонија, кои неправедно се блокирани во патот за членство во Унијата, а тоа ќе резултира со смирување на овие тензични состојби на Балканот.

[email protected]