Упатените во темите на безбедносните прашања сметаат дека изјавата на бугарскиот претседател Радев во јавноста, во која ги повикува безбедносните служби на координација за преземање мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, по самата природа, форма и облик на неговата иницијатива од позиција на највисоката државна функција, проследена со конкретни барања до службите, слободно може да се толкува и како отворена закана, во случајов спрема Македонија
По политичкиот, обид и за безбедносен упад на Бугарија во Македонија
Набојот од приближувањето на парламентарните избори во Бугарија, бугарската политичка елита сѐ повеќе настојува да го пренесе и во Македонија, со нови форми на притисок врз македонско-бугарските билатерални односи, особено сензибилизирани по ветото за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. На постојаните провокации од министрите во бугарската влада, Каракачанов и Захариева, на мошне драматичните потези се придружи и претседателот на државата, Румен Радев. Овој пат, бугарскиот претседател, веднаш по завршувањето на неговата ковид-изолација, итно ги повикал на средба шефовите на бугарските специјални служби, поради „писмото до неговиот кабинет упатено од културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола и од други граѓани на Македонија што се определуваат како локални Бугари“. Причината за мобилизација и „активирање“ на бугарските безбедносни служби од страна на претседателот (како што се наведува во соопштението) се „зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари“(!?) Радев побарал од своите служби да „преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест“.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски ваквиот потег на неговиот бугарски колега го оцени како „спротивен и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“.
Упатените во темите на безбедносните прашања сметаат дека јавната изјава на Радев за преземање мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија може да се толкува и како отворена закана, во случајов спрема Македонија.
– Најпрвин, правата на оние што се чувствуваат Бугари во Македонија, не се никако загрозени и нема релевантни докази за такво нешто, дури ни во писмото на здружението од Битола. Од друга страна, со барањето на здружението (и опцијата за угодување) за забрзана постапка за бугарско државјанство на сите што на пописот во Македонија ќе се изјаснат за Бугари, се врши стратегиски упад во пописот на друга држава. Секако се поставува и прашањето како и со какви средства бугарските безбедносни служби ќе штитат некого на територијата на Македонија. Преку соработка со македонските безбедносни служби или со разузнавачки методи? Активирањето на своите безбедносни служби од страна на бугарскиот претседател Радев за прашања што засегаат во внатрешните односи на друга држава е невообичаено, иако сметам дека ваквата закана нема да има поголеми последици врз безбедносната стабилност на Македонија. Во секој случај, македонските разузнавачки служби треба да го следат развојот на настаните. Конечно, со оглед дека Македонија и Бугарија се членки на НАТО, крајно неодговорно е претседател на држава, како Радев, да излегува со такви изјави што ги дезавуираат основните принципи на меѓународната политика – вели пратеникот Павле Трајанов, кој е професионално запознаен и ги следи безбедносните прашања.
Според неофицијални сознанија, причина за писмото на здружението од Битола до бугарскиот претседател била што им биле одземени работните простории, односно приватниот наемодавач им наложил да ги напуштат, поради одредни свои причини. Во специфично затегнатиот амбиент на македонско-бугарските односи и приближувањето на изборите во Бугарија, се чини дека секоја банална ситуација се користи од бугарската страна за манифестирање национализам или „заштита на бугарските национални интереси“, дури и на туѓа државна територија.
– Потегот на бугарскиот претседател Румен Радев со свикување на неговиот Совет за безбедност, поради писмото на здружението на оние што се чувствуваат Бугари во Битола, преставува манифестација на задоцнет бугарски национализам во однос на неговите политички конкуренти во Бугарија. Со ваквиот ангажман, за наводна заштита на правата на Бугарите во Македонија, Радев се обидува да фати приклучок на национализмот на Каракачанов, Захариева, па и на Борисов, пред претстојните избори. Потегот е апсурден и несоодветен за претседател на држава, а имплицира и загрозување на безбедноста на друга држава и мешање во внатрешните работи на Македонија. Притоа, сѐ оди во прилог на создавање нездрава атмосфера во билатералните односи на Македонија и Бугарија. Впечатокот е дека бугарската страна намерно ги продлабочува разликите, наместо да бара решение за надминување на банални прашања. Доколку се работи за проблем со отстранување на здружението од приватни простории под наем во Битола, многу подобар пристап ќе беше Бугарија да побараше од македонската влада на здружението да му се дадат на користење некои простории од имотот на државата Македонија. Речиси сум сигурен дека ќе се излезеше во пресрет на таквото барање, како израз на развивање пријателство и добрососедство. Наместо пријателски пристап, Бугарија и во овој случај провоцира со „безбедносна интервенција“ во Македонија, што оди во прилог на зголемување на меѓусебниот анимозитет – вели универзитетскиот професор по безбедност Оливер Андонов.
Професорот Андонов додава дека намерата на бугарскиот претседател за преземање мерки на бугарските безбедносни служби во Македонија, најблаго кажано, предизвикува недоумица од каков вид би можеле да бидат тие, а да не се нарушат суверенитетот на Македонија и безбедносните принципи на НАТО, на која и двете земји се членки.
– Единствено соодветно што би можеле да сторат во случајов бугарските безбедносни служби е да пратат допис до македонската АНБ да го испита случајот – размислува Андонов.
Кого ќе боцне бугарскиот чадор во Македонија
Како и сите други безбедносно-разузнавачки служби во светот и бугарските разузнавачки служби се „познати“ по своите специфични и „оригинални“ методи на дејствување: од субверзивни активности, па до ликвидации. Од тие причини, повикувањето и активирањето на своите безбедносни служби за „заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија“, од страна на бугарскиот претседател Радев, во нашата јавност предизвикува особена загриженост. Кај институциите, пак, или кај домашните безбедносни служби, потегот на Радев предизвикува повисок степен на претпазливост во Македонија, а некои го толкуваат и како сериозна закана. Дека тоа не се празни приказни потврдува случајот, познат во светски размери, на кој се должи „славата“ на бугарските тајни служби, а тоа е ликвидацијата на бугарскиот дисидент Георги Марков, во Лондон, 1978 година, за време на Студената војна. Новинарот, писател и драматург Марков, жесток противник на режимот на Тодор Живков, бил убиен со бодеж на чадор, на автобуска станица во Лондон. Додека чекал автобус, писателот почувствувал остар бодеж во бутината на ногата и забележал само дека некој човек зад него го подигнал чадорот.
Стигнал дома, но вечерта развил температура од 40 степени. Со итна помош бил пренесен во болница и на лекарите им ја раскажал чудната приказна. Сепак, при прегледот на целото тело, лекарите со лупа во бутината откриле ситно метално топче со пречник од 1,7 милиметар. Со анализа е утврдено дека топчето е направено од легура на платина и иридиум, а имало и две мајсторски направени дупчиња од 0,35 мм. Во тие празнини бил пронајдени траги од рицин, нуспроизвод од процесот на екстракција на масло од рицинусова билка, кој бил двојно поотровен од отровот на змијата кобра. Во времето кога бил извршен нападот врз Марков, не постоел противотров. Марков бил во агонија четири дена пред да почине. По падот на комунизмот, во 1991 година, агентите на тајните служби од Источниот блок, во свои мемоари откриле дека наредбата за ликвидацијата на Марков на тајните бугарски служби им ја дал лично првиот човек на Бугарската работничка партија, Тодор Живков. Во ваквиот контекст и со последниот потег на бугарскиот претседател Радев, безбедносните експерти ја отвораат дилемата „дали треба да очекуваме бугарската државна политика да поприми други облици и форми онаму каде што не поминуваат нивните хегемонистички амбиции?“
Реакција на претседателот Пендаровски на изјавата на Радев
– Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО – се наведува во реакцијата на претседателот Стево Пендаровски, на прашање од македонските медиуми за најавата на бугарскиот претседател за „преземање безбедносни мерки за заштита на Бугарите надвор од Бугарија“.
Од неговиот кабинет велат дека претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.
– Како држава-кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи – се додава во реакцијата на Пендаровски.