Кога ќе се споредат буџетот, овластувањата, бројноста, кадровската екипираност, но и севкупната логистика на телата што треба да се грижат за македонскиот јазик и за албанскиот јазик, веднаш паѓаат во очи предимензионираноста и зголемените ресурси на телото што треба да се грижи за спроведување на двојазичноста, односно за употреба на албанскиот јазик
Можно ли е со Законот за употребата на јазиците, да се создаде клима во државата каде што македонскиот јазик со неговото кирилско писмо, кој е официјален јазик на земјата, ќе биде ставен во подредена позиција во споредба со албанскиот јазик, како втор службен јазик што го говори одредена малцинска заедница.
Вакви предупредувања и укажувања пристигнуваат деновиве од различни доброупатени извори што, секако, го засилува и интересот во јавноста.
Имено, употребата на македонскиот јазик и неговото спроведување е регулирано од државата со Законот за употребата на македонскиот јазик донесен во 1998 год. („Службен весник“ бр. 5, 30.1.1998). Дополнително, за сите прашања поврзани со спроведувањето на јазикот се грижи владино советодавно тело наречено Совет за македонски јазик, кое е составено од осум члена и еден претседател. Ова владино тело се состанува најмалку еднаш месечно, а неговите членови не се вработени туку за нивната дејност добиваат хонорарен надоместок. Прекршоците на овој закон ги утврдуваат инспектори од Министерството за култура, а казните за прекршување на Законот за македонски јазик се одредуваат по Законот за прекршоци.
Од друга страна, според Законот за употреба на јазиците е предвидено да се основа агенција за примена на јазикот, а директорот на агенцијата го избира Владата. Мандатот на директорот е 4 години. Во агенцијата ќе бидат вработени и лингвисти, филолози и лектори.
Во буџетот за 2019-та за агенцијата за спроведување на Законот за јазиците се предвидени 8,4 милиони денари, односно 137 илјади евра. Агенцијата ќе им даде поддршка на институциите со превод и лекторирање документи, лекторирање на актите што ќе се објавуваат во „Службен весник“. Во описот и целите за ова институција во буџетот за 2019-та пишува дека агенцијата ќе промовира и ќе презема мерки за унапредување на употребата на јазикот, кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија. Натаму, законот предвидува да има и инспекторат за употреба на јазиците, кој ќе биде дел од Министерството за правда, и кој ќе врши надзор над спроведувањето на одредбите од законот. За инспекторатот во државниот буџет се предвидени 7,4 милиони денари, односно 120 илјади евра. Инспекторатот за употреба на јазиците е орган во состав на Министерство за правда со својство на правно лице и врши инспекциски надзор над целосно и доследно спроведување на употребата на јазиците. Во однос на вработувањата, во законот пишува дека некои ќе бидат реализирани преку преземање од други државни институции, пред сè, од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор.
Дополнително за институциите, јавните претпријатија, агенциите и за установите, кои нема да го почитуваат законот, се предвидени казни од 4.000 до 5.000 евра.
И сега кога ќе се споредат буџетот, овластувањата, бројноста, кадровска екипираност, но и севкупната логистика на телата што треба да се грижат македонскиот јазик и за албанскиот јазик, веднаш паѓаат во очи предимензионираноста и зголемените ресурси на телото што треба да се грижи за спроведување на двојазичноста, односно за употреба на албанскиот јазик.
Во контекст на актуелните случувања, универзитетските професорки д-р Симона Груевска-Маџоска и д-р Александра Ѓуркова од институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ – Скопје, во јавноста неколкупати приговараа, пред и по носењето на Законот за употреба на јазиците.
Во своите обемни писмени обраќања до Владата преку медиумите, професорките во сублимиран заклучок неколкупати истакнуваа дека со членовите 18 и 19 од Законот за јазиците, албанскиот јазик практично се издигнува над сите други јазици во РМ, вклучувајќи го и македонскиот, бидејќи сите други немаат посебна агенција и инспекторат со одредени надлежности за нивно спроведување.
Во меѓувреме, претседателот на советот за македонски јазик, универзитетскиот професор Људмил Спасов, вели дека донекаде е точно оти во моментов албанскиот јазик има надредена поставеност, но тоа многу бргу ќе се промени бидејќи во тек се измени и дополнувања на актуелниот закон за употреба на македонски јазик, со кој ќе се изедначи состојбата како за официјалниот македонски јазик така и за јазиците што во одредени општини, градови и населени места ги зборуваат 20 проценти од населението.
– Со овие предвидени измени и дополнувања на Законот за употребата на македонскиот јазик, кој е донесен уште во 1998 година, се коригира една новонастаната состојба, а законските корекции ќе ги избалансираат состојбите и ќе ги приспособат официјалниот македонски јазик на целата територија и неговото кирилско писмо со ново настанатите случувања – вели професорот Спасов.
Според него, измените наскоро треба да се најдат во Собрание, но пред да се случи тоа, уште на наредната седница на Советот за македонски јазик, која треба да се одржи на 25-ти овој месец, ќе се разговара за фактичката состојба и правната регулатива поврзана со спроведување на официјалниот македонски јазик во државата.
Според лингвистите, ова наскоро треба да се промени, бидејќи во тек се измени и дополнувања на актуелниот закон за употреба на македонски јазик, со кој ќе се изедначи состојбата како за официјалниот македонски јазик така и за јазиците што во одредени општини, градови и населени места ги зборуваат 20 проценти од населението
Професорот истакнува дека по овој состанок, откога ќе се приберат сите неопходни информации, материјалот ќе биде предаден во Владата и во Собранието, кои треба да ги извршат неопходните промени со кои ќе се анулира новонастаната ситуација.
Спасов подвлекува дека со промените на актуелниот закон се предвидува изедначување на казнените политики за неспроведување на македонскиот јазик со оние што ги има во Законот за јазиците.
– Па со промените сега симболичните казни за неспроведување на официјалниот јазик на целата држава ќе бидат издигнати на едно посериозно ново и тие ќе се изедначат со висината на казните пропишани со Законот за употреба на јазиците, кои ги зборуваат народите што се повеќебројни од 20 проценти – вели Спасов.
Професорот истакнува дека со промените во Законот за употребата на македонскиот јазик и со носењето на Законот за јазиците, не се менува состојбата во државата, бидејќи и натаму македонскиот јазик е државен и официјален јазик за сите граѓани на Република Македонија.
– На овој начин едноставно се врши афирмација на законите врз граѓаните од разните заедници, кои ги зборуваат помалобројните јазици, се спречува дискриминацијата и се унапредува дејствувањето на државните институции и локалните власти – вели тој.