Секојдневно модераторите на содржини во Берлин, најмени од надворешна фирма и кои работат ексклузивно на Фејсбук, „прошетуваат“ низ илјадници постови што се означени од корисниците како вознемирувачки или илегални, носејќи притоа одлука: игнорирање, бришење или препраќање до глобалниот адвокатски тим на Фејсбук
Безбедноста е на високо ниво во зградата од тули на западната периферија на Берлин. Внатре има натпис што предупредува: „Сите што немаат значка се потенцијални шпиони!“. Распоредени на пет ката, стотици мажи и жени седат во редови од по шест луѓе и работат на компјутери. Сите имаат потпишано договори за доверливост. Четворица специјалисти за трауми им стојат на располагање седум дена во неделата.
Тоа се агентите на Фејсбук. И имаат овластување да решат што е говор на омраза, а што слобода на говор. Ова е центар за бришење – еден од најголемите во сопственост на Фејсбук – со повеќе од 1.200 модератори на содржина. Тие бришат содржини (од терористичка пропаганда до нацистички симболи и малтретирање деца) што ги кршат законите или социјалните стандарди.
Германија, во која е во сила многу строг закон за онлајн-говор на омраза, стана лабораторија за едно од најитните прашања со кое се занимаваат владите во денешно време: дали и како да се регулира најголемата социјална мрежа во светот. Низ целиот свет, Фејсбук и другите платформи се соочуваат со критики заради дезинформации, говори на омраза и неефикасна политика за заштита на податоци.
Во Индија, седум луѓе беа претепани до смрт по една лажна вирална порака на фејсбуковата мрежа за комуникација Ватсап. Во Мјанмар, насилствата против малцинските групи Рохинџи беа делумно поттикнати и со дезинформациите што се шират на Фејсбук. Во САД, Конгресот го повика Марк Закерберг, извршниот директор на Фејсбук, да сведочи во врска со неспособноста на компанијата да ја заштити приватноста на податоците.
Европа, особено Германија, се истакнаа де факто како регулатори на индустријата, со влијание што се проширува и надвор од нивните граници. Атаката на Берлин врз говорот на омраза, олицетворена во законот што стапи во сила од 1 јануари, внимателно ја следат и другите држави. А германските функционери играат голема улога во еден од најагресивните потези на Европа за контролирање на технолошките компании. Тука се и построгите правила за заштита на приватноста што во ЕУ стапија во сила на 25 мај, поттикнувајќи глобални промени.
На 22 мај Закерберг се појави пред Европскиот парламент и се извини за штетата што ја нанесе Фејсбук.
– Без разлика дали се работеше за лажни вести, странско вмешување во изворите или за дизајнери што ги злоупотребуваат податоците на корисниците, не ја согледавме доволно широко нашата одговорност – изјави тој.
Во земјата на холокаустот, посветеноста во борбата против говорот на омраза е еднакво голема како посветеноста на слободата на говор. Хитлеровата „Мојата борба“ е достапна само во цензурирана верзија. Свастиката како симбол е забранета. Поттикнувањето омраза се казнува со затвор и до пет години. Сепак, забранетите постови, слики и видеа рутински опстануваат на Фејсбук и на другите социјални мрежи. Денес оние компании што не успеваат систематски да ги отстранат „очигледно илегалните“ содржини во рок од 24 часа се соочуваат со казни и до 50 милиони евра.
Центарот за бришење е претходник на законот, но неговата работа доби и една нова димензија на итност и неодложност. Секојдневно, модераторите на содржини во Берлин, најмени од надворешна фирма и кои работат ексклузивно на Фејсбук, „прошетуваат“ низ илјадници постови што се означени од корисниците како вознемирувачки или илегални, носејќи притоа одлука: игнорирање, бришење или препраќање до глобалниот адвокатски тим на Фејсбук.
Некои одлуки за бришење постови се лесни. Постовите за демантирање на холокаустот и геноцидните војни против одредени групи какви што се бегалците едноставно и очигледно се отстрануваат. Но некои други постови и не се толку очигледни. Само еден ден пред стапување во сила на законот, на 31 декември, еден десничарски политичар реагираше на арапски твит за Нова година, кој беше поставен од полицијата во Келн, обвинувајќи ги за умилкување кон „варварската, муслиманска банда на групни силувачи“. Барањето за блокада на „скриншотот“ од постот на политичарот стигна до Нилс, 35-годишен агент во берлинскиот центар за бришење. Тој процени дека постот може да остане. Неговиот колега сметаше дека постот треба да се тргне. На крајот, постот им беше испратен на адвокати во Даблин, Лондон, Силиконската долина и Хамбург. Подоцна истото попладне беше избришан, предизвикувајќи лавина критики во врска со новиот закон, познат и како „законот на Фејсбук“.
– Многу од одлуките се јасни – вели Нилс. Фејсбук, кој е загрижен за неговата безбедност, не му дозволува да си го објави јавно презимето. Но постојат и содржини што се на самата граница.
Комплицираните случаи предизвикуваат загриженост дека заканата за високи казни и 24-часовниот императив да се донесе одлука го охрабрија „претераното блокирање“ на компаниите. Ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија, гласен и вешт корисник на социјалните медиуми, експресно соопшти дека ова е „крај на слободата на говор“. Организациите за заштита на човековите права дадоа предупредување дека овој закон може да им послужи како инспирација на авторитарните влади.
Други, пак, тврдат дека законот едноставно ѝ дава преголеми овластувања на една приватна компанија да одлучува самата што е тоа што припаѓа во дефиницијата за нелегален говор на омраза во демократија, аргумент што Фејсбук – кој ги сака волонтерските правци – го смета за незаконски.
– За германската влада е совршено соодветно да постави стандарди. Ние сметаме дека е лоша идејата владата целосно да носи одлуки за тоа дали нешто е незаконско или не – вели Елиот Шраг, потпретседател за комуникации и јавна политика на Фејсбук.
Ричард Алан, потпретседател на Фејсбук за социјална политика во Европа, дава уште поедноставно објаснување.
– Не сакаме да бидеме арбитри за слободата на говор. Германските официјални лица тврдат дека социјалните медиуми се арбитри во секој случај. Сѐ се сведува на едно прашање – вели Герд Билен, државен секретар во германското министерство за правда и заштита на потрошувачите. Кој ја има власта? Парламентот или Фејсбук?
Кога Нил аплицирал за работа во центарот, првото прашање што му го поставиле било дали знаете што ќе видите тука. Нилс има видено сѐ. Мачење деца, касапење, самоубиства, па дури и убиство. Еднаш видел снимка на човек што му го вади срцето на друг човек. А тука е, секако, и омразата.
– Овде ја гледате целата светска гадост. Секој е против секого. Сите се жалат на другите. И сите кажуваат некои ужасни работи – вели Нилс.
Тој го сфаќа ова многу лично. Има четиригодишна ќерка и вели дека го прави ова и за неа.
Центарот го води Арвато, провајдер на услуги во сопственост на конгломератот Бертелсман. Агентите прегледуваат содржини од неколку држави.
– Двајца агенти што гледаат ист пост би требало да донесат иста одлука – вели Карстен Кениг, менаџер во партнерството помеѓу Фејсбук и Арвато.
Центарот во Берлин е отворен во 2015 година, со почетна бројка од 200 вработени, во моментите кога Германија ги отвораше своите врати за бегалците.
– Постовите што ги нарекуваа бегалците насилници, неандарталци и отпадници опстануваа со недели – наведуваат од judgeschutz.net, јавно финансирана организација што се занимава со безбедноста на Интернет.
Многу од тие постови никогаш не се ни отстранија.
Билен беше вознемирен. Во септември 2015 ги собра извршните директори на Фејсбук и други компании. Се формира екипа што ќе се бори против говорот на омраза. Неколку месеци подоцна, компаниите потпишаа заедничка декларација, ветувајќи дека ќе ги истражат проблематичните содржини и ќе ги блокираат или избришат повеќето илегални постови во рок од 24 часа.
Се роди „Мрежата за спроведување закони“, која утврди 21 тип илегални содржини, поради кои платформите мораат да реагираат многу брзо.
Ефикасноста на Фејсбук, кога се работи за отстранување говори на омраза во Германија, отскокна до 100 проценти во текот на минатата година, покажа најновата контрола на ЕУ. Во берлинската канцеларија на Фејсбук, Алан признава дека врз основа на поранешниот доброволен договор, компанијата не реагирала доволно брзо.
– Причина за подобрената ефикасност не е германскиот закон, туку кодексот на однесување на ЕУ. Резултатите на Фејсбук се подобрени во сите европски држави, а не само во Германија – вели Алан.
Тврдиот пристап на Германија во врска со говорот на омраза и заштитата на приватноста порано ја правеа изолирана во Европа.
– За нас, заштитата на податоци е фундаментално право врз кое се базирани нашите демократски институции – истакнува Билен.
Ставовите на многу влади кон Фејсбук станаа потврди откога се дозна дека консултантската фирма „Кембриџ аналитика“ ги собрала личните податоци на 87 милиони корисници.
– Постои едно чувство на итност и увереност дека се соочуваме со нешто многу опасно, кое може да го загрози развојот на слободните демократии – вели комесарката за правосудство на Европската Унија, Вера Јурова, која се обидува да најде начин за пресметка со лажните вести и дезинформациските кампањи.
Во Центарот за бришење постои чувство на соучесништво и свест за една заедничка мисија: Нилс вели дека агентите се горди „што помагаат во бришењето на омразата“. П.Р.