Граѓанското движење на Ромите – АВАЈА1 претставува иницијатива која има за цел да ги артикулира потребите на заедницата и да ги застапува решенијата кои се во насока на подобрување на положбата на Ромите пред сите засегнати страни за време на избори и после избори како клучни периоди за ветување и реализирање на програмите.
АВАЈА е граѓанска иницијатива, односно Гласот на Народот, која што пред се работи во интерес на заедницата и нема поврзаност со ниту една политичка партија. АВАЈА ги застапува барањата на Ромската заедница од 17 општини за искористување на нивното право на глас и информиран избор.
Во текот на кризата предизвикана од ковид-19, Аваја организираше локални дијалози во 15 општини, каде што присуствуваа повеќе од 5.000 Роми кои јавно ги истакнаа нивните ургентни потреби во однос на економски последици, пристап до мерки, пристап до вода, канализациона мрежа, патна инфраструктура и други потреби. Исто така, АВАЈА дополнително оддели буџет од 17.000 долари за ублажување на економските последици од кризата.
Во пресрет на парламентарните избори, АВАЈА ќе продолжи со кампањата „Мојот Глас – Твоја Должност“ која има за цел да ги застапува интересите и приоритетите на Ромската заедница на парламентарни избори и да ја подигне политичката култура за информиран избор на ромската заедница.
АВАЈА во пресрет на парламентарните избори подготви Програма за Роми и во текот на изборите активно ќе го следи целиот изборен процес, при што ќе организираме јавни сослушувања помеѓу кандидатите за пратеници од различните политичките партии за претставување на нивните програми и планови за Ромската заедница за наредните 4 години. Воедно, активно ќе ја следиме изборната кампања, ветувањата на политичките субјекти, спроведувањето на изборите при што ќе известуваме за сите нерегуларности.
Ние како иницијатива очекуваме дека после јавното сослушување на кандидатите за пратеници , ромската заедница самостојно ќе одлучи за кого ќе го даде својот глас и апелираме до заедницата активно да придонесе во овој дел со искористување на своето право на глас. Оттука ги повикуваме сите политичките партии да го почитуваат Кодексот за фер и демократски избори во рамките на своите кампањи, максимално почитување на здравствените мерки и високо ниво на политичка култура. Воедно, апелираме до сите политички партии да не ги користат Ромите и нивната позиција за
било какви изборни манипулации.
Како граѓанска иницијатива, остануваме посветени на барањата на Ромската заедница и активно ќе го следиме процесот на реализација на ветувања користејќи ги сите демократски средства.