Според дел од домашните аналитичари, станува збор за договор за кој, иако е забележливо асиметричен и полн со стапици, ЕУ беше таа што праќаше лобисти и емисари преку кои силно притискаше врз македонските власти да се прифати, ветувајќи дека тој договор е само еден од „техничките“ услови што нашата земја треба да ги исполни, дека треба да го потпишеме со верба во Унијата и оти таа ќе стои зад договорот. Сега излегува дека Унијата е немоќна да ги спроведе ветувањата, а договорот ги покажува своите слабости во полн капацитет
Договорот за добрососедство е како камче фрлено во вода што прави нови и нови кругови од проблеми
Договорот за добрососедство со Бугарија наместо да го отвори патот за македонската евроинтеграција и да ги подобри односите со источниот сосед, стана камен на сопнување меѓу двете земји, отворајќи уште редица нови проблеми за кои се сметаше дека се решени со документот.
Имено, по потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година двете потписнички страни тврдеа дека со тоа се надминати сите проблеми меѓу Македонија и Бугарија и дека двете земји се свртени кон иднината.
Но оттогаш, три години бугарската страна покажува различен приод на толкување на членовите во тој договор, откривајќи ги скриените намери и замки вметнати во тој правен акт. Уште повеќе, со последните барања од страна на официјална Софија за анекси на договорот, како и за изработување целосно нов договор, тие само потврдуваат дека не се задоволуваат со договорот од 2017 г. туку, поддржани од некои челници во ЕУ, бугарските унилатерални барања се прошируваат, односно конкретизираат, а проблемите не се надминуваат, туку се продлабочуваат.
Дополнителен проблем е што многубројните недоречености во договорот македонската страна, во духот на добра волја и доверба за добрососедски односи, ги толкуваше на еден чесен и отворен начин! Но другата страна, недореченостите на договорот ги толкуваше сосема спротивно. Имено, со авансирана поддршка и совети од некои високи функционери и членки на Унијата, официјална Софија доби дополнителен охрабрувачки импулс што овозможи постојано да ја обвинува Македонија за неспроведување на она што е потпишано.
По бугарското вето на министерскиот совет во ноември за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, со право премиерот Зоран Заев се пожали дека Бугарија го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, во кој се вели дека соседот треба да ѝ помага на земјава на патот кон ЕУ.
Од своја страна, Бугарија низ споменатата спорна диоптрија и толкување, посочува неколку члена (токму стапиците во договорот) што Македонија ги прекршила.
Имено, тие се жалат дека земјава ги прекршила точките што се однесуваат на неколку области – формулациите за историјата и јазикот, застој во работата на историската и меѓувладината комисија, поддршка на претензиите за признавање на македонското малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Македонија.
Според бугарското МНР, Бугарија го смета за нарушување на договорот отстапувањето од поимот општа историја во преамбулата и користењето, посочувајќи дека македонските политичари и историчари го користеле терминот споделена историја.
За Софија прекршување на договорот е и употребата на терминот македонски јазик, наместо долгата форма македонски јазик во согласност со Уставот на Република Македонија.
Бугарија уште смета дека е прекршен и членот 8 од договорот, кој предвидува создавање историска комисија за да придонесе за објективно, основано на автентични и основани историски извори, научно толкување на историските случувања. Забелешки има и за составот на македонската комисија.
Од бугарското МНР тврдат и дека има застој и во работата на Меѓувладината комисија, која е формирана во согласност со членот 12 од договорот, а наведуваат и дека е прекршен членот 11 од документот, обвинувајќи ја македонската страна дека продолжува да им дава поддршка на, како што велат, „лица и организации што имаат претензии за постоење на македонско малцинство во Бугарија“.
За Софија е прекршена и точката три од договорот, односно употребата на скратеното име на државата „Северна Македонија“ тие ја сметаат за територијална закана и бараат постојано да се употребува целосното име.
Проблематичен за источниот сосед е и наводниот говор на омраза во земјава, како и неможноста бугарски фирми да работат во Македонија.
Според дел од домашните аналитичари, станува збор за договор за кој, иако е осетно асиметричен и полн со стапици, ЕУ беше таа што силно притискаше врз македонските власти да се прифати, ветувајќи дека тој е само еден од „техничките“ услови што нашата земја треба да ги исполни, дека треба да го потпишеме со верба во Унијата и дека таа ќе стои зад договорот. Сега излегува дека Унијата е немоќна да ги спроведе ветувањата, а договорот ги покажува своите слабости во полн капацитет.
– Договорот за пријателство, добрососедство и пријателство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е сè, само не вистински договор за добрососедство спрема меѓународното право. Тој е асиметричен, правно неиздржан и ако му се направи каква било лингвистичка анализа за двосмислените поими, социолошка или политиколошка, ќе се види дека тој е неправеден кон Македонија и интересите на земјава во меѓународните односи – смета Сотир Костов, политички аналитичар.
Според него, овој договор не ги подобрил односите меѓу двете земји.
– Наместо да ги подобри добрососедските односи, тој стана јаболко на раздор и ги влоши. Бугарската страна многу итро ја навлече македонската страна, вклучувајќи лобисти и ветувања од Унијата. Она што Бугарија сега го бара е „невозможна мисија“ за Македонија, за власта во Македонија и за секој Македонец, да се откаже од јазикот, идентитетот, историјата, традицијата – истакнува Костов.
Тој додава дека Договорот за добрососедство е подметнување кукавичино јајце во меѓусоседските односи, изразувајќи сомнеж во она што во моментот тајно се одвива за одблокирањето на процесот.
– Нешто лошо ни подготвуваат во контекст на интересите на Република Македонија. Не вреди таа Европска Унија, особено со ваков распаднат систем на вредности, за да се откажеме од сè што е македонско и безлични да влеземе во Унијата – нагласува Костов.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, од друга страна, смета дека Македонија потпишала избрзан и лош договор со Бугарија, (намерно или не), „неписмено“ напишан за да остави простор за различни толкувања.
– Во принцип договорите треба да ги поправаат работите, но под услов да се добри. Ова што го имаме со Бугарија е лош договор, неверојатно неписмено напишан и остава простор за различни толкувања – вели професорката Најчевска.
Според неа, тој што го изработувал договорот направил многу пропусти и сега тие пропусти излегуваат на виделина.
– Ова е договор направен без многу размислување и не знам како ќе се извлечеме од тоа – констатира Најчевска, притоа додавајќи дека за разлика од Договорот за добрососедство со Бугарија, Договорот со Грција бил „многу подобро осмислен“.