Законот за јазиците ќе биде испратен во „Службен весник“ во соодветно време, повтори вчера претседателот на парламентот, Талат Џафери, на средбата со новинарите, истакнувајќи дека тоа не е негова индивидуална одлука, туку дека станува збор за одлука што треба да ја донесе коалицијата.
Запрашан која е пречката законот да биде испратен до „Службен весник“ Џафери рече дека „се работи за институционално прашање, а не за индивидуално“.
– Треба да се најде форма на крајна реализација – рече претседателот на парламентот.
Во пресрет на за в петокот најавената реконструкција на Владата и зголемување на парламентарното мнозинство, Џафери оцени дека не треба да се размислува за предвремени парламентарни избори.
– Не можам да прогнозирам дали ќе има предвремени избори, меѓутоа во сериозна држава каде што се очекува да се случуваат сериозни работи не би требало ни да се размислува за тоа. Ако некој размислува за тоа, тоа би било теснопартиска политичка желба. Ако се размислува државнички и за иднината на граѓаните тогаш не треба никој да размислува за избори – рече Џафери.
Тој информира и дека на 11 јуни може да се очекува на дневен ред на 47-та седница да биде ставен усогласениот етички предлог-кодекс на парламентот, објавување оглас за избор на членови на ДИК по стариот модел, а можен е и избор на заменик-министер за образование.
Џафери кажа дека до понеделник работната група треба да состави измени и дополнувања на Деловникот за работа на Собранието со веќе усогласените прашања и дека до јули би можело да се очекува партиите да постигнат крајна усогласеност за нив.
Во однос на испразнетите места во независните тела како Антикорупциската комисија, Џафери рече дека дел од надлежностите има и комисијата за прашања на избори и именувања, но оти предлози за нови членови може да дадат и пратеници или Владата. П.Р.