Очекува ли некој сѐ уште турбулентен политички период по денешната седница на Уставниот суд, на која ќе се расправа и одлучува за иницијативата за оспорување на одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, бр. 08-6054/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 19 октомври 2018 година? Згора на ова, постои ли ваква „турбулентна“ опција во пресрет на седницата на парламентот на Грција во врска со договорот од Мала Преспа? Голем дел од јавноста очигледно е спокоен во врска со претстојниот период, а дел, сепак, стравува од можноста повторно да се влезе во период на политичка криза и „враќање во поранешната состојба“.
Имено, ваквата дилема повторно се појави во домашната јавност во пресрет на одлуката на Уставен суд и во сѐ позачестените изјави на грчките политичари дека „со своето дејствување ќе се обидат да ја блокираат спогодбата со Македонија“.
За што ќе расправа и гласа Уставниот суд?
Според најавите, на денешната седница се очекува Уставниот суд да расправа за две поднесени иницијативи, едната е на Светскиот македонски конгрес, а другата е од приватно лице од Свети Николе, чиј идентитет судот не го открива, по што доколку некоја од овие иницијативи биде прифатена, сето тоа ќе оди на гласање. Деветте уставни судии имаат три можности, да ја отфрлат иницијативата, да ја поништат одлуката за отворање на уставните измени, или пак да донесат привремена мерка до одлучување, со што се суспендираат сите дејства. Тоа би значело дека Собранието треба веднаш да ја запре постапката на уставните измени, која е во тек. Но, судејќи според расположението на уставните судии, кога тие ја отфрлија иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година, малку е веројатно дека тоа ќе се случи. Тогаш против иницијативата гласаа седум уставни судии, а за беа двајца.
Во меѓувреме, процедурата за уставни измени е дојдена до втората фаза, а, според спикерот Џафери, за конечно менување на Уставот и промена на името во Република Северна Македонија ќе се гласа на 15 јануари. Процесот потоа се сели во грчкиот парламент, кој доколку не ја изгласа спогодбата од Преспа, уставните измени нема да важат.
Политички игри за Преспанскиот договор и во Грција
Во контекст на овие актуелни случувања, за обележување се последните неколку дијаметрално различни ставови и изјави на грчките политичари и пишувањата на оваа тема на тамошните медиуми.
Грчкиот весник „Ефимерида“ пишува дека по „торпедата“ истрелани од македонскиот премиер Зоран Заев, во владата на Алексис Ципрас во моментов се пуштени компјутери и се пресметува секој глас – дали ќе се обезбедат 151 пратеник за Преспанскиот договор?
Весникот истакнува дека сега во земјата своја политичка игра почнува и опозициската Нова демократија, а според изјавите на портпаролката Марија Спираки, „сите парламентарни оружја се во игра“, а едно од нив е гласање за доверба на Владата.
„Ефимерида“ во својот текст на темава потсетува дека Ципрас во овие моменти е соочен со домашни проблеми, кои по пожарот во Атика летово само се зголемуваат, а последните во низата се негодувањата на студентите, кои бараат итна средба со премиерот.
Според весникот, анкетите во Грција покажуваат дека политиките на Ципрас се поддржани само од 23 проценти од гласачите, додека пак 68 отсто се против.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Киријакос Мицотакис, за време на промоцијата на новата книга на потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис, изјави дека неговата партија останува на позицијата дека нема да гласа за договорот од Преспа и ќе се бори за да не се ратификува.
– Рековме дека во ниеден случај не можеме да прифатиме договор што на соседната земја ѝ отстапува македонски јазик и македонска националност. Се плашам дека апсолутно беше оправдана оваа наша критика и остануваме строго посветени на оваа наша позиција. Ќе гласаме против договорот од Преспа, кога и да дојде во грчкиот парламент, и ќе се бориме за овој договор да не се ратификува – објасни Мицотакис.
Јоргос Кумуцакос, пак, одговорниот за надворешна политика на истата партија, во изјава за грчкиот весник „Реал њуз“, рекол дека во случај договорот од Преспа да не дојде во грчкиот парламент од оваа влада, тогаш ќе се отвори пат за нови преговори. Кумуцакос го повторил партискиот став дека Нова демократија нема да гласа за договорот, „ниту сега, ниту подоцна, ако Ципрас не го донесе во сегашниот парламент“.
Претходно, пак, зборувајќи за АНТ1, Спирос Данелис, парламентарец на партијата То потами, во однос на преспанската спогодба, вели дека „не би било лоша идеја некоја невладина организација да ја преземе наставата на македонски јазик за Македонците“.
– Договорот од Преспа ѝ става крај на неодговорноста – изјави за медиумите пратеникот Данелис.
Стручната јавност во земјата во сублимиран заклучок тврди дека на домашно, но и на регионално ниво, со сигурност на Македонија сѐ уште ѝ претстои турбулентен политички период, кој директно се поврзува со исполнување на спогодбата од Мала Преспа, а тој ќе прекине во оној момент во кој со сигурност ќе се знае епилогот на почнатиот процес.
Какви се ставовите на политикологот Стефановски и професорката Каракамишева?
Политикологот Милан Стефаноски коментирајќи ги случувањата во Македонија со седницата на Уставен суд, како и состојбите во Грција врзани за спогодбата од Мала Преспа од тамошните политичари, вели дека она што во овој момент со сигурност може да се каже е дека актуелната ситуација историски е најкомплицирана во македонската политика од независноста досега.
Тој вели дека многу е тешко да се прогнозира до кога ќе се задржи ваквата состојба во политиката, бидејќи надминувањето на состојбата во овој момент не зависи само од волјата и способноста на македонските политичари туку и од грчките, па и светски политичари.
Од друга страна, универзитетската професорка Тања Каракамишева како правничка и експертка во оваа област има став дека Уставниот суд повторно има можност, се разбира имајќи ги предвид и ценејќи ги сите елементи во контекст на правото, регулативата и процедурата, доколку одлучи да ја прифати поднесената иницијатива, да донесе одлука за поништување на собраниската одлука што е неуставна и неделовничка и со тоа да ги поништи сите досега преземени дејства, односно да ја врати работата на самиот почеток, или да не ја прифати иницијативата и да одлучи да не постапува натаму.
– Уставниот суд на ваков начин има шанса да ги надмине политиката и политичките притисоци и навистина да биде чувар на Уставот, а не на партиите – вели професорката.