Ерга омнес, уставна ревизија и име од предлозите на посредникот Метју Нимиц беа дел од темите на жешката преговарачката маса во седиштето на ОН во Њујорк, на која се разменуваа мислења речиси два дена зад затворени врати, а преговараа шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас за да се дојде до заемно прифатливо решение за наметнатиот спор со нашето уставно име. Иако вчера до затворањето на весникот сѐ уште не беа завршени преговорите, во пресрет на новата рунда разговори за името, која почна во четвртокот во 16.30 часот по македонско време, Димитров и Коѕијас одржаа посебни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на кои, како што пренесоа агенциите, се разговарало за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на светската организација.
Со визија и лидерство на двете страни имаме историска шанса да затвориме еден повеќедецениски, историски спор – порача Димитров по средбата со Гутереш. Грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, пак, по средбата со генералниот секретар на ОН, спроти вчерашната нова рунда разговори со неговиот македонски колега и посредникот Нимиц, изјави дека другата страна треба да покаже прагматизам и реализам за да најде решение. Прашан дали од Нимиц очекува да достави синтетичен предлог од сето она што го доставиле двете страни, Коѕијас вели дека Грција го сторила тоа, но останува отворено прашањето за името.
– Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите – вели шефот на грчката дипломатија и објаснува дека преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи, кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи.
Средбата во Њујорк следува по минатонеделните разговори на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија на кои опцијата „Република Илинденска Македонија“ беше издвоена како најприфатлива од наша страна. Македонската страна пред средбата во Њујорк изјави дека останува на ставот дека тоа е добар предлог за конечно решение, додека грчката го отфрли предлогот и нагласи дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот предлози од Нимиц.
Во меѓувреме вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун, по средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис за грчките медиуми изјави дека во преговорите Грција не оди да го даде името Македонија, како што тврдела грчката опозиција, туку се оди да се земе назад нешто што е дадено пред 70 години.
– Имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак – изјави Ципрас. Грчкиот премиер во исто време не дал информации за актуелните преговори во Њујорк, туку одговорил на обвинувањата на грчката опозиција дека Владата го дава името Македонија.
Паралелно со изјавата на Ципрас вчера се јави и портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, кој смета дека постојат политички и технички предуслови за договор. Во интервју за грчката телевизија Скај, Ѕанакопулос рече дека Владата уште пред неколку дена кажала дека името „Илинденска Македонија“ не е повеќе дел од преговорите, а во исто време избегна да прогнозира каков би бил исходот од новата рунда разговори.
– Мислам дека постојат можности, постојат доста веројатности, но не можам во никој случај да го предвидам исходот на отворените преговори. Но сметам дека постојат и политички и технички предуслови за да стигнеме до договор. Меѓутоа, ова зависи, не само од Грција, туку и од поранешната југословенска Република Македонија. Ние имаме поставено два предуслови на маса, ерга омнес и заемно прифатливо сложено име – рече Ѕанакопулос.
На новинарско прашање за ставот на коалицискиот партнер во Владата и лидер на Независни Грци, кој не прифаќа име со терминот Македонија, Ѕанакопулос истакна дека позицијата на Каменос е веќе позната.
– Мислам дека треба да го почекаме договорот, доколку дојде, да ги видиме конкретните карактеристики и потоа сите политички сили да заземат став – објасни портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.
Инаку, по завчерашната рунда преговори, која траеше речиси седум часа, двајцата министри не дадоа изјави за медиумите. Пред полноќ по македонско време тие ја напуштија зградата на ОН за да ги информираат премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за текот на разговорите. Според грчка „Прототема“, факторот што значително ги обновил преговорите се Американците и Европејците.
– Нивната порака до двете страни беше дека состанокот во Њујорк мора да донесе решение. Тие го предупредија Заев дека ако дојде до ќор-сокак, ПЈРМ со години ќе остане надвор од НАТО и нема да има датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Тие, исто така, ја предупредија Атина дека ако не успеат да заземат конструктивен став, ќе преземат одговорност – пишува грчкиот весник.
Некои од грчките медиуми вчера пишуваа дека на последната рунда ќе се процени дали преговорите имаат иднина, односно дали северниот сосед ќе се согласи на уставни промени, кои грчката страна ги смета за неопходни за успех на решението.
– Атина верува дека топката сега е на теренот на соседната земја. Според сегашните сознанија, Скопје не дава зелено светло за уставна ревизија. Основниот аргумент е дека тоа не може да помине во парламентот – пишува „Прототема“. Весникот се повикува на информации од Њујорк, според кои, ниту една страна не сака да се повлече од договорот, бидејќи целта е да не се изгуби моментот и да се овозможи да се сретнат двајцата премиери.
– Накратко, се прават напори да се создадат услови за приближување, дури и ако нема конечен договор – наведува весникот.