Фото: Дарко Андоновски

Лондонскиот самит во НАТО за Македонија се очекува да биде од историско значење, бидејќи првпат македонскиот премиер ќе седне рамноправно на иста маса со преостанатите лидери од земјите-членки на Алијансата

Денеска и утре (3 и 4 декември) во Лондон се одржува самит на НАТО, на кој гласноговорниците на Алијансата настојуваат да му го сведат значењето само на „прослава за 70-годишното постоење“. Аналитичарите од светските медиуми што ги познаваат историјата и актуелната состојба на НАТО заклучуваат дека 70 години постоење е повод што вреди да се слави, но се добива впечаток дека од страна на Алијансата се прават напори од краткиот собир на шефовите на држави и на влади, на периферијата на Лондон, да се намалат очекувањата.

Причината за таквото расположение во НАТО, аналитичарите ја гледаат во растечките тензии меѓу земјите-членки, кои дури и би можеле да ја фрлат во сенка прославата.
Пред нешто повеќе од еден месец, сојузниците во НАТО, САД и во Турција се приближија речиси до степен на конфронтација на северот на Сирија, што сериозно ги потресе односите внатре во Алијансата.

– Одлуката на Турција да се вклучи во воените операции на Блискиот Исток против желбите на повеќето нејзини сојузници, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, и одлуката на Турција да купи руска воена опрема влијае подривачки врз многу земји во Европа – вели Џонатан Ејл од Кралскиот институт на обединетите служби во Лондон.

Притоа тој заклучува дека „НАТО е пред сѐ организација за европската безбедност, а не станува збор за координирање на политиките на Блискиот Исток“.
Членките на НАТО, пак, сметаат дека е подобро да ја има Турција внатре отколку надвор од Алијансата. Доминантен е впечатокот дека случувањата во Сирија и различните интереси и односи на сојузниците на таа територија го предизвикаа францускиот претседател Емануел Макрон да ја каже онаа дијагноза за „мозочната смрт на НАТО“ и да повика Европа да создаде своја безбедносна архитектура. Оваа изјава на Макрон предизвика уште поголема конфузија меѓу НАТО-сојузниците.
На дијагнозата на Макрон одложено реагираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој со тон на остар укор му реплицира на францускиот претседател, нагласувајќи дека „европското единство не може да го замени трансатлантското единство“.

Од друга страна, во НАТО сѐ уште се слуша ехото на претседателот на САД, Доналд Трамп, од самитот пред две години во Брисел, каде што бараше (и сѐ уште бара) европските членки на Алијансата „да го споделат товарот“. Во тој контекст, како гест на добра волја спрема американскиот претседател, Столтенберг пред лондонскиот самит на НАТО изјави дека членките се согласиле да прераспределат некои трошоци.
– Соединетите Американски Држави ќе плаќаат помалку, Германија ќе плаќа повеќе, па сега САД и Германија ќе го плаќаат истото тоа – рече Столтенберг, при што секој ќе придонесе со околу 16 отсто од централниот буџет на НАТО. Претходно Соединетите Американски Држави учествуваа со околу 22 проценти во централниот буџет на НАТО. Промените треба да стапат во сила во 2021 година.

Буџетот за НАТО е одвоен од 2 проценти од бруто-домашниот производ, што секоја членка на НАТО го прифати како своја цел за трошење во одбраната до 2024 година. Дури и да е така, само осум од 29-те земји-членки ја исполнуваат целта од 2 проценти.


Лондонскиот самит од историско значење за Македонија

Лондонскиот самит во НАТО, за Македонија се очекува да биде од историско значење, каде што првпат македонскиот премиер ќе седне рамноправно на иста маса со другите лидери од земјите-членки на Алијансата. Навистина, процедурата до рамноправно членство сѐ уште не е формално завршена, односно протоколот не е изгласан уште во парламентот на Шпанија, поради сѐ уште неформираната влада по неодамнешните избори во таа земја. Имено, сите 29 членки на Алијансата треба да го изгласаат во своите парламенти протоколот за членство во НАТО, за членството да биде полноправно, а за Македонија тоа досега го направија 28 членки. Сепак, на овој самит Македонија ќе биде третирана како рамноправна членка и веќе е истакнато знамето на земјава пред зградата во Лондон, каде што се одржува самитот. Предвидено е премиерот Заев да има свое излагање на панел- дискусијата на самитот, во текот на денешниот ден. Одисејата на Македонија до статусот членка на НАТО беше долга и драматична, што доведе дури и до менување на уставното име на државата поради претходното долгогодишно блокирање од страна на Грција.


Одгласи во светот за улогата на НАТО

Светските медиуми и аналитичари различно гледаат на јубилејот на НАТО
– Ништо не е вечно, ниту најсилната воена алијанса во светот, Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО). Другите регионални тела моделирани според НАТО, како што е Организацијата на договорот од Југоисточна Азија, одамна престанаа да постојат. Сепак, потребата за заедничка, принципиелна, ефективна и приспособлива институција за да им помогне на сојузниците во Северна Америка и Европа да се грижат за нивните одбранбени барања едвај опстанува. Светот останува непредвидливо и, на моменти, насилно место – пишува „Карнеги Јуроп“, по повод 70-те години на НАТО.
НАТО е основан во 1949 година за колективна одбрана на своите членови, поврзувајќи ја безбедноста на Соединетите Американски Држави со своите европски сојузници против Советскиот Сојуз. Беше сведок на крајот на комунизмот, победувајќи го Советскиот блок без да испука куршум. Алијансата влезе првпат во војна на Балканот во 1990-тите години. Потоа тргна по нова патека – т.н. „надвор од областа“ операции над границите на НАТО, особено нејзините операции во Авганистан и пошироката борба против теророт.
И по 70 години и исчезнувањето на причината за неговото основање (Советскиот Сојуз), НАТО сѐ уште ја гледа Русија како најголема закана, по нејзиното присилно анексирање на Крим во 2014 година и тековните кампањи за шпионажа, мрежно војување и дезинформација.
– Европската загриженост во врска со американската посветеност на членот 5 од договорот на НАТО, за колективна одбрана, не е во согласност со фактите на теренот – вели аналитичарот Ејл.