Производителите на лекови ја молат Европската Унија да го ублажи правилото според кое на секој лек што се продава во нејзините рамки треба да има комплетна документација, и тоа на 24 јазици, бидејќи се загрижени дека тоа може да го загрози брзото доставување на стотиците милиони дози на вакцини
Пандемиски мултилингвални маки за ЕУ
Неочекуван проблем се испречи пред медицинските и фармацевтските куќи што вложуваат огромни напори за откривање вакцина против коронавирусот. Во едно нешто се согласуваат сите. Имено, дека е исклучително тешко во рекордно време да се развие вакцината против пандемијата што го нападна светот. Но во пресрет на производството и дефинитивниот изглед на производот (не само содржината на вакцината туку и пакувањето, печатењето, упатството итн.) се најавува како голема нејаснотија јазикот или јазиците на кои ќе биде испечатено упатството. Според ЕУ-регулативите, комплетната документација треба да биде на сите официјални јазици на ЕУ. Имено, од досегашното искуство при подготовката на лековите, долги се и процедурите за преводи и подготовка на упатствата, така што преводите може да го забават појавувањето на вакцината на пазарот?!
Дали е на повидок обичен „технички проблем“, кој дополнително може да го одложи појавувањето на ефикасно „оружје“ во борбата со пандемијата?
Производителите на лекови ја молат Европската Унија да го ублажи правилото според кое на секој лек што се продава во нејзините рамки треба да има комплетна документација, и тоа на 24 јазици, бидејќи се загрижени дека тоа може да го загрози брзото доставување на стотиците милиони дози на вакцини.
– Ни треба договор со властите на ЕУ за јазикот што ќе биде користен на пакувањата и на етикетите на вакцините за ковид-19 – изјави Мишел Стофел, раководител на отсекот за регулаторни работи во „Вакцинес Еуропе“, која ги претставува големите производители како „Глаксо Смит Клајн“, „Санофи“ и „Астра Зенека“.
Исто така, Стофел истакна дека индустријата „врши притисок“ врз европските регулатори да изберат еден јазик за сите 27 земји кога станува збор за пакувањето, етикетите и упатствата за вакцината.
Во јуни Европската комисија вети дека привремено ќе ги олабави правилата, но предлогот сè уште не е ставен на дневен ред.
Еден официјален претставник на ЕУ рече дека се размислува информациите да се отпечатат на ограничен број јазици, а другите да бидат достапни и на Интернет. Фармацевтите сметаат дека на етикетите би имало место најмногу за две верзии.
Организациите за заштита на потрошувачите велат дека изоставувањето на кој било јазик може да им наштети на пациентите, особено на оние што не се навикнати да пребаруваат на Интернет.
– Итноста за производство на вакцините не може да биде изговор на производителите за да ги заобиколат правата на потрошувачите – вели Моник Гојенс од БЕУК, претставник на најголемите европски организации на потрошувачи.