Во Македонија и надвор од земјата постојат структури кои не сакаат оваа држава да стане пристојно место за живеење, кои не сакаат Македонија финално да се стабилизира, и кои не сакаат да успее во своите стратешки приоритети – членка на НАТО и членка на ЕУ.
Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, демантирајќи уште еднаш дека на воениот полигон Криволак се користи муниција со осиромашен ураниум.
– Лага е дека на Криволак се користи осиромашен ураниум и неодговорно е и антидржавно и срамно што некој се обидува да ја злоупотреби. Најостро и најдецидно ја демантирам дезинформацијата со којашто сакаат граѓаните да се уплашат – рече таа во изјава за медиумите на Отворениот ден на АРМ за граѓаните.
Шекеринска истакна дека Македонија повеќе од 14 години учествува во мисиите на НАТО, а над десет години на Криволак се одвиваат и македонски и регионални и вежби на НАТО.
– Зар не е малку чудно што првпат, после овие 10-15 години, во последнава година наеднаш се појавија дезинформации околу можните опасности, праша Шекеринска, додавајќи оти во изминатава година секојпат кога државата ќе забележи успех, тие излегуваат со лаги и дезинформации.
– Ги демантирам и порачувам дека овие лаги нема да нè обесхрабрат, да го работиме тоа што ни го доверија граѓаните – да ја направиме Македонија подобра држава. Ве поттикнувам вас и како новинари и како истражувачи да ги видите линковите, да се обидете да дознаете што е во позадина. Нас нема да нè дефокусираат да се занимаваме со нив, наместо да се занимаваме со нашата задача, имаме стратешки приоритет, имаме државни цели, и фокусирани сме на нив. Меѓутоа факт е дека исти луѓе, иста држава 10-15 години не гледала проблем во сите овие работи, бидејки нема таква опаснос – оцени министерката за одбрана.
Шекеринска рече дека сака државата да е побезбедна и постабилна, а со тоа и еколошки почиста.
– Јас сум државјанин на оваа држава, немам резервни пасоши, немам резервни татковини, немам сметки на Белизе, и единствено нешто што сакам е државата да ми биде подобра, постабилна, побезбедна, па и еколошки почиста. Убедена сум дека никој од нас, такво нешто не би дозволил ниту за себе, ниту за своето семејство, ниту за својата држава, посочи Шекеринска.