Иако овој парламентарен состав може да претрпи и промени, во зависност од тоа кој ќе формира влада и кој од овие избрани пратеници ќе влезе во извршната власт, сепак, според оваа структура најмногу нови имиња има во ВМРО-ДПМНЕ

Многу нови, но и многу познати имиња ќе влезат во новиот парламентарен состав. Некои од нив и по неколку мандати поминале во Собранието.
Иако овој парламентарен состав може да претрпи и промени, во зависност од тоа кој ќе формира влада и кој од овие избрани пратеници ќе влезе во извршната власт, сепак, според оваа структура, најмногу нови имиња има во ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу 44 освоени пратенички места од коалицијата што ја предводи оваа партија, речиси две третини се имиња што досега ѝ се непознати или помалку познати на јавноста. Меѓу познатите имиња во јавноста од оваа коалиција се Гордана Сиљановска Давкова, Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски, Игор Јанушев, Никола Мицевски, Александар Николовски, Ане Лашкоска, Игор Дурловски, Антонијо Милошоски и Рашела Мизрахи, која е првата Еврејка што станува пратеничка во македонското собрание од независноста. Преку оваа коалиција влегуваат и Љупчо Димовски, Љупчо Пренџов, како претставници на СПМ и на ГРОМ.
Во пратеничката група на коалицијата „Можеме“ има повеќе познати имиња, кои беа дел од извршната власт. Никола Димитров, Мила Царовска, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Мухамед Зекири, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Костадин Костадинов, Радмила Шекеринска, Јован Митревски. Преку оваа коалиција во парламентот повторно влегува еден од пратениците со најдолг собраниски стаж, Павле Трајанов.

Преку коалицијата „Можеме“, првпат по 2006 година и партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна ќе има пратеник и тоа Љупчо Балковски, некогашниот министер за транспорт и врски во владата на Георгиевски.
Најголема новина и изненадување секако се пратениците што ги освои Левица. Покрај Димитар Апасиев, во Собранието влегува и Борислав Крумов, кој е историчар на уметноста.
ДУИ, која во овој собраниски состав ќе има 15 пратеници, ќе има четири жени. Првпат пратеник станува поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити. Пратеничко место добива и бизнисменот Исмаил Јаоски. Пратеник стана и поранешниот директор на Институтот за јавно здравје, Арбен Зибери, кој беше разрешен од министерот Венко Филипче пред изборите.
Три жени ќе има и во пратеничката група на коалицијата на Алијанса и Алтернатива, кои освоија 12 пратенички места.

Во овој парламентарен состав, вкупно ќе има 34 пратеници Албанци, што е процентуална застапеност од 28 отсто.
Во овој состав ќе има најмалку претставници на Ромите, односно само една пратеничка, Љатифе Шикоска.
По еден претставник ќе има и од турската заедница преку коалицијата на СДСМ и еден од српската, Иван Стоиљковиќ, преку коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, политичките аналитичари велат дека за да се види каков ќе биде нивниот квалитет треба да помине време.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека квалитетот и капацитетот на пратениците најмногу се гледа кога тие решаваат за кризни состојби или одлучуваат за крупни прашања, зашто во глобала секој од нив ги застапува своите политички линии.
– Она што може да се забележи кај двете поголеми коалиции е дека во нивните редови ќе има пратеници од различни етнички состави. Тоа е позитивно, зашто кај албанските партии составот на пратеници е похомоген – вели Арсовски.


Конститутивна седница по здравствени протоколи

Новиот пратенички состав би требало да се состане на инаугуративна седница, најдоцна на 21 ден по изборите. Претседателот на Собранието од претходниот состав Талат Џафери накратко објасни и како практично ќе функционира законодавниот дом во услови на потенцијална опасност од експанзија на коронавирусот.
– Парламентот ги има неопходните минимални услови за да функционира во согласност со законите и Деловникот. Ги имаме сите техничките услови и процедурални протоколи за да ја свикаме конститутивната седница. Безбедносните протоколи за заштита на здравјето на пратениците ќе се почитуваат не само во собраниската сала туку и во ходниците и во сите простории каде што треба да се сретнуваат парламентарните комисии – посочи Џафери.

[email protected]