Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првпат во кариерата на наставникот има звања со кои тој напредува, а на тој начин и се мотивира, велат во Бирото за развој на образованието

НАСКОРО РЕЗУЛТАТИТЕ ОД СЕОПФАТНАТА ОБРАЗОВНА РЕФОРМА ВО СЕГМЕНТОТ НА КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ

Наставниците што сакаат да напредуваат во кариерата и да станат ментори, деновиве се надгледувани од советниците во Бирото за развој на образованието. Тие онлајн ја проверуваат нивната работа наместо на час во училница, со физичко присуство, поради пандемијата, по што ќе следува бодување за секој наставник. Конечната ранг-листа на избраните наставници ментори ќе биде објавена откако ќе се сумираат сите бодови што ги добил наставникот кандидат за ментор.
Како што велат во Бирото, за да се обезбедат непристрасност и објективност во изборот на наставниците ментори, направен е план според кој советник од Западна Македонија оценува односно бодува наставник од Источна Македонија.
– Досега платите на наставниците се зголемуваа линеарно, на сите по 5 отсто, без оглед дали некој заслужил или не. Овој пат се добива многу повеќе, а унапредувањата ќе значат и многу поголема сатисфакција. Изборот нема да биде пристрасен, нема да биде партиски и нема директорот да одбира. Првпат тие што се квалитетни ќе добијат звања, а целта е да почне да функционира системот на образование и кариерен развој и сите да сфатат дека може да напредуваат. Оваа реформа не е парцијална, туку е сеопфатна. Првпат во кариерата на наставникот има звања со кои тој напредува, а на тој начин и се мотивира – велат во Бирото за развој на образованието.

На огласот за наставник ментор, кој го распиша во јануари Министерството за образование и наука, за 355 места се пријавија 991 наставник. Во јавниот повик на МОН беше наведено дека за да се стане наставник ментор е потребно наставникот да има седум години работно искуство, да е вработен на неопределено време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник ментор.
Во првата фаза се одредуваше кои кандидати поминуваат во следното ниво. Потоа се бара мислење од Бирото за развој на образованието, како и од училиштата каде што се вработени, а потоа, во согласност со одредбите во Законот, правилникот, јавниот повик и дефинираната процедура, ќе се објави конечната ранг-листа со наставниците што ќе бидат унапредени.
Има четири нивоа на кои наставниците може да напредуваат: прво се станува приправник, па наставник, па по седум години наставник ментор и наставник советник. Во секое следно ниво, платата е сè поголема.

Наставниците со звање наставник ментор, освен задолженијата што ќе ги имаат како наставници, ќе треба и да менторираат наставници приправници, да им бидат ментори на студенти од факултетите, т.е. на идни наставници, како и да менторираат наставници што имаат поддржан професионален развој. Освен тоа, наставникот ментор ќе треба да користи и иновативни приоди и да им помага на колегите за спроведување акциски истражувања, како и да учествува во подготвување развојни политики на училиштето. За овие дополнителни обврски, менторот ќе има за 2.869 денари повисока месечна плата.