А како поинаку да се доживеат изјавите на отворена сцена на одредени политичари од албанскиот блок во Владата, но и на историчари, со кои се фрла сомнеж на обединувачкиот и ослободителниот карактер на Илинденското востание?
Наместо продлабочување на илинденското заедништво, нови обиди за внатрешни поделби
Обединувачка е суштината на празнувањата на национално важни историски настани! Сепак, од некои опскурни причини и заднина што постојано сака да разнебити, празнувањата и чествувањата на национално важни историски настани постојано се ставаат на искушение, на тестирање, со „барање потврда на нивната смисла во современата општествена реалност“?!
Отровни стрели на поединци од албанскиот кампус
Обид за инфицирање и труење на јавноста со наметнување ставови за „преиспитување на празнувањето и чествувањата на нашиот најголем празник Илинден“ беа лиферувани и годинава. Уште повеќе, годинава се чини дека таквите обиди беа доминантно присутни на годинешново чествување на 2 Август, македонскиот национален празник Илинден (носечки столб на македонската државност преку востанието од 1903-та и Првото заседание на АСНОМ од 1944-та). Како масло на оган беа доживеани изјавите на одредени политичари од албанскиот блок во Владата, но и на историчари, со кои се фрла сомнеж на македонскиот карактер на востанието.
– Онака како што преку Охридскиот рамковен договор ја зацврстивме внатрешната интеграција, онака како што преку Договорот од Преспа ги надминавме разликите со нашиот сосед Грција, така и преку имплементација на Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија – изјави во своето видеообраќање, по повод Илинден, министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека „Илинден е важен ден и за нашите соседи во Република Бугарија“.
Понатаму во пораката, Османи констатира дека, за жал, во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка што ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е, како што вели Османи, од Илинден да направиме токму тоа – точка што ќе нѐ поврзе, празник што ќе нѐ обедини, историски настан преку чие заедничко одбележување ќе покажеме меѓусебна почит и меѓусебно признание! Toj изразува јасна волја да им се обезбеди на сите оние граѓани на Македонија што себеси се чувствуваат како дел од бугарскиот народ, слободно да ја изразат таа волја, почитувајќи го притоа и нивниот различен поглед кон заедничката историја.
Но тоа на ниту еден начин не смее и не може да прерасне во наметнување на овој поглед врз нашите граѓани што имаат различна перспектива кон заедничката историја. Посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик претставуваат реалност во секоја смисла, а Македонците, како и сите други народи, имаат право на сопствени чувства, на сопствени убедувања и сопствен поглед кон историските настани и контексти – колку и да се тие заеднички. Затоа е Илинден важен и денес. Затоа што преку одбележување на историските настани што нѐ поврзуваат, изразуваме почит кон современите посебности – кажа Османи.
Мистификација и извртување на вистината
Ова илинденско обраќање на македонскиот министер за надворешни работи, сепак, предизвика реакција во научно-историските кругови, најмногу поради истакнувањето на важноста на Илинден за соседна Бугарија, но и неговото поврзување со Охридскиот договор, како и со Преспанскиот и Договорот за добрососедство.
– Да не се лажеме, Илинден (1903) и Илинден (1944) – Првото заседание на АСНОМ – имаат заеднички датум 2 Август, оттаму е и значењето на овој национален (државен) празник. Спомнувањето на рамковниот договор (2001), Договорот за (не)добрососедство (2017) и топорењето на овој македонски историски датум како значаен и за Бугарија е мистификација и намерно извртување на вистината, заради нејзино релативизирање во политичките намери на „северната“ власт! Не може така, за среќа уште нè има нас Македонците и ќе нè има со своја свест и меморија за суштинскиот историски опстој! – реагираше на социјалните мрежи Наташа Котлар, универзитетска професорка од Институтот за национална историја.
Професорката Котлар категорично истакнува дека Илинденското востание е македонско востание по својата идејност – ослободување и создавање на македонската држава, накратко воспоставена со Крушевската Република, но и заради суштината или, како што вели поетот Н. Вапцаров, „со крвта на простиот народ в Илинден влеавме наша содржина“. Идеите и начелата за кои се борат овие македонски првоборци добиваат реализација во борбата на новата генерација Македонци. Тие се учесници во борбата против тогашните моќни политички и воени сили – Германија, Бугарија, Италија, правилно определувајќи се за борба против фашизмот (1941 – 1945). И во антифашистичката војна, македонскиот народ настапува со определбата за национално, политичко, воено, културно и економско ослободување и создавање своја држава. Оваа историска прокламација, најмоќно прозвучува на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, кое станува „единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава“…
– Ова е основата на македонската државност и ништо друго, без варијации и зборови заради прагматични политички намери – порачува историчарката Наташа Котлар.
Неби Дервиши: Во Илинденското востание учествувале Бугари и воопшто немало Македонци?!
Како своевидно фрлање отровни стрелички во контекстот на релативизирање на македонскиот карактер на Илинденското востание од 1903-та се надоврзуваат „сознанијата“ на професорот по историја на Тетовскиот универзитет (финансиран од македонската држава), Неби Дервиши, кој тврди дека за време на Крушевската Република, Албанците обезбедувале оружје, а во Илинденското востание учествувале Бугари и воопшто немало Македонци! Тој, во изјавата за Втората програма на албански јазик на Македонската телевизија, на 2 Август, изнел тврдења (кои се оценуваат и како своевиден историски фалсификат) дека во органите на Крушевската Република биле избрани претставници на секој од трите народи – православни Албанци, Бугари и Власи, а Албанците дале голем придонес во востанието, обезбедувајќи оружје и муниција за востаниците. Според него, во Илинденското востание учествувале и православните Албанци тогашни жители од Крушево. Професорот од Тетовскиот универзитет упорно тврди дека „придонесот на Албанците во овој период е неспорен и има илјадници документи од овој период, кои треба да бидат објавени“.
Македонскиот историчар Александар Литовски и поранешен член на заедничката историска комисија со Бугарија оценува дека ваквите контроверзни изјави на албанските историчари во Македонија не одат во прилог ниту на вистината, ниту на заедничкиот соживот.
– Како прво, Бугарија нема врска со Илинденското востание, односно тоа нема значење за бугарската држава. Илинденското востание има недвосмислено македонски карактер. Тоа што бугарската држава помагала во одредена мера со вооружувањето не го менува македонскиот карактер на востанието. Бугарија има други востанија со кои ја добила својата современа државност, кои, од друга страна, не се релевантни за македонската идеја и воопшто за Македонија. А тоа што албанските историчари провоцираат со изјави за Илинденското востание се бесмислици, кои дури нема ни смисла да им се одговара од научно гледиште. Секако, таквите изјави не одат во прилог ниту на вистината, ниту на денешното општествено етничко заедништво – вели професорот Александар Литовски.