Фото: Игор Бансколиев

За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзината набавка и да се обезбедат соодветен транспорт и услови за нејзино чување. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди, а разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Лесно расипливата храна, како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чува долго време во автомобилите. Лекарите советуваат да се избегнува консумацијата на слатки, затоа што претставуваат поволна средина за раст и размножување на разни микроорганизми

Труењето со храна во врвот на приоритетите за превенција во текот на жешкиот летен период

Под влијание на високите температури, сега храната многу лесно се расипува и токму затоа треба да бидеме особено внимателни во овие жешки летни денови за да спречиме да не дојде до труење со храна. Лекарите велат ако некој почувствува тегоби како гадење, повраќање и пролив, тоа може да се знаци на труење со храна, предизвикани со бактерии или вируси присутни во консумираната храна. Во тој случај треба да се започне со диета (варен компир или морков), со многу течности за рехидрирање и пробиотици за стабилизирање на цревната флора. Ако тоа не ја подобрува здравствената состојба, треба да се побара лекарска помош, особено ако се јави кај мали деца или стари лица, кои се особено чувствителни. Но како да спречиме труење со храна, односно инфекции поврзани со храната, побаравме одговор од компетентни лица од Институтот за јавно здравје, а со свои совети неодамна излезе и Агенцијата за храна и ветеринарство.
За да ја спречиме појавата на алиментарни токсинфекции или алиментарни интоксикации, популарно познати како труења со храна, покрај колективните мерки за превенција, потребно е секој од нас да преземе индивидуални мерки за да ги заштити своето здравје и здравјето на своето семејството. Секој од нас може да го спречи размножувањето на микроорганизмите во храната преку следење на препораките на „Петте клуча“ за побезбедна храна, а тие се однесуваат најпрво на одржување на хигиената, потоа важно е да се оддели суровата од приготвената храна, третата препорака е дека приготвувањето (термичка обработка) на храната треба да е доволно, а секако важно е и чувањето на храната на безбедни температури, како и користењето безбедна вода и свежи продукти.

Не помалку важно во овие жешки денови се и одржувањето на хигиената, миењето на рацете пред да се ракува со храната и честото миење додека таа се приготвува. Измиени и чисти треба да бидат и сите површини и приборот што се користи за приготвување храна. Храната и кујнските површини мора да се заштитат од инсекти, штетници и други животни и затоа задолжително треба да се исчисти додека се приготвува храната, така што микроорганизмите нема да имаат можност да растат и да се размножуваат. Посебно внимание треба да се посвети и на чистотата на приборот за јадење, пиење и готвење на местата каде што имало контакт со суровата храна или устата. Не треба да се заборава дека користената опрема треба добро да се исчисти и исуши, бидејќи микроорганизмите растат многу брзо на влажна подлога – вели професорката д-р Гордана Ристовска од Институт за јавно здравје, од секторот за здравствена екологија.
Таа порачува во фрижидерот да се чуваат суровото месо, живината и морската храна, под храната што е веќе приготвена за јадење или да се подредува храната на начин што ќе спречи вкрстена контаминација. Исто така храната мора да биде сместена во соодветни покриени садови, со што ќе се одбегне контактот меѓу суровата и готвената храна. Кога вели дека храната треба добро термички да се обработи, тоа значи дека се достигнати минимум 70 Целзиусови степени, како при приготвувањето супи или други варива, а исто така соодветно добро треба да биде и загревањето на веќе приготвената храна.
И од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираа дека високите температури се закана за безбедноста на храната.
За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзината набавка и да се обезбедат соодветен транспорт и услови за нејзино чување. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

Да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна што се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Во фрижидерите, храната да се чува на температура пониска од 5 Целзиусови степени, и тоа на најгорните полици зготвената храна, а на подолните суровата. Термичката обработка на храната да се врши на температура повисока од 60 Целзиусови степени. Овошјето и зеленчукот пред употребата темелно да се измијат. Ако се јаде во угостителски објекти, да се води сметка тоа да се оператори со храна што водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се одбегнува да се користат додатоци што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи и слично. Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја – порачуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Граѓаните кога купуваат замрзната храна треба да внимаваат таа да биде добро замрзната, односно да не започнал веќе процесот на одмрзнување. Ова особено се однесува на сладоледите што се продаваат во оригинално пакување. Лекарите советуваат да се избегнува консумацијата на слатки, затоа што претставуваат поволна средина за раст и размножување на разни микроорганизми.


Вонредни и засилени контроли на АХВ

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство пред почетокот на летната туристичка сезона велат дека спроведуваат вонредни, засилени контроли на операторите со храна во туристичките центри каде што фреквенцијата на луѓе поради годишните одмори во наредниот период, очекувано, ќе биде поголема.
За спречување евентуални труења и инфекции што лесно може да се случат како последица на високите температури, со вонредните контроли се опфатени хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе-барови, маркети, летни тераси и други објекти на оператори со храна. Во рамките на редовните и вонредните контроли во првиот квартал од годинава, АХВ спроведе приближно 12 илјади контроли и уништи над 67 тони небезбедна храна. Преку Одделението за заштита на потрошувачите, во Агенцијата само во првите пет месеци од годинава се поднесени вкупно 173 претставки. Од нив, 74 се однесуваат на безбедноста на храната. Постапувајќи по претставките, донесени се 13 решенија за отстранување утврдени недоследности, изречени се осум глоби, две мерки едукација, а поднесена е и една кривична пријава. Како небезбедна, постапувајќи по овие 74 претставки, уништени се 3.356 килограми храна. Во овој временски период, преку поднесените претставки, граѓаните алармирале за присуство на контаминенти во храната, храна на која ѝ е истечен рокот на употреба, а која се нашла во промет, но и за прашања што се однесуваат на здравствената заштита и благосостојбата на животните – информираат од АХВ.