Кога станува збор за милитантни организации од Блискиот Исток, никогаш државите од Европа, а со тоа и Македонија не треба да го спуштат гардот од потенцијалните опасности, тврдат аналитичарите

РАДИКАЛНИ И МИЛИТАНТНИ ОРГАНИЗАЦИИ КАКО ПОТЕНЦИЈАЛНА ЗАКАНА ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ КОНФЛИКТИ ВО РЕГИОНОТ

Безбедноста на Европа и на Балканот, а со тоа и на нашата држава, би можела да биде загрозена од дејствувањето на блискоисточната терористичка организација Хезболах. Вакви предупредувања неодамна објави телевизијата Евроњуз, која информира дека европските држави што поскоро треба да преземат одредени безбедносно-политички мерки за да го спречат дејствувањето на Хезболах, кое од ден на ден е сѐ посилно на територијата на Стариот Континент.
– Европа треба да преземе акција за да го намали растечкото влијание на Хезболах – пишува Евроњуз.
Медиумот посочува дека од 2019 година, Хезболах е означен како терористичка организација од страна на САД и на Британија, но ЕУ сѐ уште ја дефинира организацијата како милитаристичко крило на политичко движење.
– Хезболах се пробива во Европа преку Медитеранот, од каде што се заканува директно на европската безбедност и на нејзините сојузници. Организацијата веќе е присутна во голем број европски земји, а само во Германија успеала да регрутира повеќе од 1.000 борци за нејзините мотиви. Хезболах ги користи европските земји и да спроведува нелегални трансакции за перење пари, да врши транспорт и продажба на дрога и оружје во тесна соработка со европски криминални организации – информира Евроњуз.
Медиумот потсетува дека база за операции на Хезболах е Кипар, а терористичката организација досега на Балканот спровела неколку терористички напади, при што како позначаен го истакнува оној во Бугарија кога беше подметната бомба во автобус и загинаа шест цивили.
Во меѓувреме, безбедносните аналитичари и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека кога станува збор за милитантни организации од Блискиот Исток, никогаш државите од Европа, а со тоа и Македонија не треба да го спуштат гардот од потенцијалните опасности.

Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев вели дека дејствувањето на терористичките групи преку, условно кажано, франшиза е сериозен предизвик за демократските, но и за другите системи.
– Можноста на интензивираната глобализација, но и бенефициите од технолошкиот развој на терористичките групи им отвораат врата тие да се поврзат со секакви движења на луѓе насекаде во светот, па и во Европа и на Балканот. Тие тогаш креираат, условно кажано, нивни франшизи во секоја земја со кои ги остваруваат своите цели и се афилираат насекаде. Токму овој модел, кој е многу опасен, очигледно засилено функционира – вели професорот.
Тој посочува дека оттука опасноста е голема за Македонија, бидејќи во најголем број случаи институциите при процена на ризикот користат класични матрици за процена на ризик, што е проблем бидејќи тоа не ги вклучува процените за дејствувањето на ваквите групи како Хезболах.
– Такви пропусти имаше во случајот со нападите во Лондон, Мадрид, Париз и низ Европа, вклучувајќи го и последниот напад во Австрија. Дополнителен проблем за овие напади се волците самотници, кои може да се себеидентификуваат со каузата, како што беше случај со нападот во Бугарија со припадник што се идентификуваше токму со оваа група – објаснува Хаџи-Јанев.
Тој резимира дека полициските акции во Берлин неодамна покажаа дека во Европа постојат групи што директно или индиректно се поврзани со Хезболах или се идентификуваат со него, а сето тоа ја прави организацијата сериозен безбедносен предизвик, каде што опасноста може да ескалира во дел од секунда.

Пецо Трајкоски од центарот за стратегиски анализи ЦСИА истакнува дека ако се анализираат последните случувања поврзани со обидите нелегално да се мине нашата државна граница, ќе се забележи дека меѓу стотиците луѓе што од различни причини завршуваат во земјата има и такви што потекнуваат од државите од каде што се активни терористички организации.
Трајковски вели дека во Европа егзистираат придружни бизниси за перење на парите на терористичките организации од Блискиот Исток, а како најактивни се оценуваат оние на милитантните организации од Либан, односно припадниците на исламистичката шиитска организација Хезболах.
– Па, водејќи се по оваа логика, не може, а да не се исклучи и малиот процент на потенцијална опасност што луѓето од тој континент го носат во нашата држава – вели Трајковски. A.С.