Бевме очевидци на ефикасен комунален зафат на службите за одржување на сообраќајниците во метрополата
Снегот што непрекинато паѓаше завчеравечер имаше потенцијал да предизвика главоболка и за надлежните и за граѓаните на Скопје. Сепак, зимската служба реагираше релативно брзо, со оглед на тоа што ниските температури и интензивните врнежи од снег се закануваа целосно да ги блокираат градските сообраќајници.
Зимската служба на градот фрли илјада тони сол низ улиците на градот, а општините користеа сол, но и емулзиска течност.
– Од седум часот утрото на 13 февруари до седум часот наутро вчера, фрлени се вкупно илјада тони сол од три пункта – Железара, Кисела Вода и Ѓорче Петров, со 18 камиони. Продолжуваме со работа со ист интензитет. Службите повеќе работат на гребење на снегот од улиците, бидејќи солта не реагира на температура пониска од -7 степени – ни кажаа претставници од градот.
Бевме сведоци дека и општинските служби работеа на терен. Општина Гази Баба на сите редовни точки низ целата општина прскаше со средство за спречување замрзнување, а на повисоките места се истураа ризла и сол. Триесетина работници на Општина Карпош интензивно работеа на расчистување на пофреквентните пешачки зони, а низ улиците беа истурени 60 тони сол и десет тони емулзиска течност.
И другите општини беа на терен со целата своја расположлива механизација.