Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, вчера при посетата на Загреб, каде што и официјално се одбележа почетокот на хрватското претседавање со Советот на Унијата, изјави дека Албанија и Македонија ги исполнуваат условите за почеток на преговорите и дека ЕУ не треба да ги менува, туку само да ја подобри методологијата за пристапните преговори.
– Тие ги исполнија критериумите што ние ги баравме и сега не треба да ги менуваме условите – рече Фон дер Лејен.
Но таа додаде дека до самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи во Загреб во мај, методологијата за преговорите треба да се подобри, како што побара Франција.
– Мора да предложиме нова методологија пред самитот и да најдеме начин да го одржиме отворен процесот за Албанија и Македонија да може да ги почнат преговорите – објасни таа.