Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колегиумот на Уставниот суд повторно не донесе одлука со која ќе ја оцени уставноста на ставот 5 од членот 353 во Кривичниот закон, што се однесува на злоупотребата на службената положба и овластување. Во иницијативата за оценување на уставноста тој член беше оценет како „скриена амнестија за функционери“. Дали тоа ќе остане така, уставните судии сè уште ќе размислуваат

Иницијативата за оценување на уставноста на став 5 од членот 353 во Кривичниот закон за злоупотреба на службената положба, поднесена од адвокатот Еленко Миланов, беше предмет на разгледување на колегиум на Уставниот суд, во текот на вчерашниот ден (19 ноември). Сепак, резултатот од колегиумот на судиите на Уставниот суд е само едно кратко соопштение на официјалната веб-страница, во кое се вели: „Уставниот суд на Република Северна Македонија на ден 19.11.2019 година одржа стручен колегиум на сите судии. На колегиумот се разгледуваше оформениот предмет по иницијативата У.бр. 106/2019, со која е оспорена одредбата од членот 353 став 5 од Кривичниот законик. На седницата на стручниот колегиум сите судии ги изнесоа своите размислувања за неколку важни и спорни прашања отворени на претходната седница. Уставниот суд ќе донесе мериторна одлука на една од наредните седници“. Тоа значи дека дилемата и дебатата за потребата од понатамошно егзистирање на овој член од Кривичниот законик и понатаму остануваат отворени за јавноста,

Во иницијативата на адвокатот, кој брани неколку поранешни функционери во случаи што ги водеше СЈО, се предлага застарување на предметите или намалување на казните во случаи поврзани со злоупотребата на службената должност. Конкретно, Миланов предлага укинување овој член, или да се прифати претходната поблага одредба што била пред 2009 година за овие злоупотреби: минимум четири години затвор. Ако оваа иницијатива се прифати од Уставниот суд, автоматски ќе застарат сите вакви дела за обвинетите функционери од СЈО, а особено големиот број истраги што чекаат да бидат распоредени од државниот обвинител Љубомир Јовески.
Дури и самата иницијатива предизвика негодување во јавноста и беше оценета како „скриена амнестија или јавна манипулација“, а таквата перцепција беше засилена по застарувањето на обвинението на поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Траекторија“. Во меѓувреме, односно во наредните неколку дена, за застарен беше прогласен и предметот „Тенковски делови“, во кој беше обвинет, исто така еден поранешен премиер, Владо Бучковски (иако тој и понатаму инсистира на завршен збор во постапката и ослободителна пресуда).

Сепак, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, најави дека ќе се разговара за оваа иницијатива и ќе биде донесен став.
– Ние во Уставниот суд имаме сериозен пристап за секој предмет. Предметот се одложи минатата седмица. Поради сериозноста на работата закажав колегиум со судиите, на кој детално ќе дискутираме за оваа проблематика. Откога ќе завршиме со колегиумот, ќе заземеме став за понатамошната постапка. Сите судии имаат сериозен пристап по предметот и по колегиумот ќе го утврдиме понатамошниот тек на предметот – изјави Мурати пред седницата, која всушност беше одложена минатата седмица, токму поради интересот на јавноста.

Иницијативата за оценување на уставноста на законската одредба за застарување на делата на функционерите во јавноста веднаш беше споредена со состојбата на граѓаните што со години преживуваат финансиски, социјални и психолошки трауми и борби со извршители, токму поради речиси драконската примена на институтот (не)застареност на долгови, главно за комунални услуги. Притоа, двојниот аршин на правдата, односно нееднаквиот третман на правниот систем во однос на застареноста наједноставно се илустрира со констатацијата дека функционерите (евентуално) ќе бидат ослободени од одговорност за дела со кои многукратно повеќе ја оштетиле државата, додека граѓаните за „ситни пари“ и понатаму ќе преживуваат голготи со извршителите и судските институции.

– Со членот 353 не „страдаат луѓе“, туку функционери. Оваа реченица не е некоја смешна фраза или политички трик – кривичното право познава два типа кривични дела: општи и посебни. Општите дела може да ги стори секое лице, и таму можеме да кажеме дека „страдаат луѓе“. Посебните (помеѓу кои е и 353) може да ги сторат само службени и одговорни лица, односно не секој човек. Така што, другари, мислам дека функционериве и премалку ни „страдаат“, а не обратно. Искрено верувам дека функционерот треба да се тресе и мачно да го мисли секој свој потпис, бидејќи секој негов потпис има огромни последици врз сите нас – пишува на социјалните мрежи поранешниот пратеник Павле Богоевски по повод иницијативата за застарување на судските предмети на функционерите.

Од друга страна, токму деновиве пристигнуваат редица забелешки од странски дипломати, меѓу кои се чини најгласен е францускиот амбасадор Тимоние во врска со функционирањето на правната држава.

– Добро е да нѐ потсети дека имаме Уставен суд. Некако едно време како да заборавивме. Амбасадорот на Република Франција мислам дека е многу темелен во оваа сфера, тоа го покажаа и неговите критики дека во суштина се издржани. Точно ги знае многу слабите места и веќе е навлезен во балканскиот менталитет на проблемите.

Веројатно треба да му се пријде искрено, без да се обидуваме овие критики да ги дисквалификуваме од аспект на тоа дека доаѓаат од Франција, која од нејзини причини направила некаква неправда спрема Македонија и да гледаме на тоа како некаква глобална политичка основа или димензија. Мислам дека критиките во принцип веќе подолго време се навистина издржани и треба да се земат сериозно како еден сериозен партнер за разговор – смета професорот Гордан Калајџиев
Според професорката Солза Грчева, секоја препорака ние ја добиваме со истата забелешка, дека во основа немаме правна држава, дека немаме независна судска власт, дека имаме селективна правда, и тоа го знаеме сите.

– Знаете, луѓето по природа знаат што е правда и што е неправда. Тука најтешко можете да ги изманипулирате. За многу работи можете, но за ова не можете. Веднаш чувствуваат кога им се случува неправда, односно кога се употребува селективна правда. Многу сум скептична дека овие зборови на Тимоние некој навистина ќе ги разбере. Дефинитивно во Македонија ниту имало ниту во скоро време гледам некаква надеж дека ќе имаме едно независно правосудство. Веќе деновиве имавме застарување, замислете, на предмети како што беше оној на Груевски, тенковските делови на Бучковски итн. Кај нас законите се злоупотребуваат. Не се употребуваат, туку се злоупотребуваат, и тоа селективно само за високи функционери. За каква правда тогаш станува збор – запрашува Грчева.


Катица Јанева пуштена во домашен притвор

Апелацискиот суд, земајќи ја предвид здравствената состојба на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета за случајот „Рекет“, во текот на вчерашниот ден, затворскиот притвор ѝ го замени со домашен притвор. Сепак, за Катица Јанева се определени и мерки за претпазливост, односно забрана да комуницира со лицата опфатени во случајот „Рекет“, таа не смее да ја напушти земјава ниту со лична карта, одземен ѝ е пасошот и има забрана за издавање нова патна исправа. За оваа одлука, покрај тоа што судот ја имал предвид здравствената состојба на Јaнева, влијаело и тоа што таа три месеци поминала во притвор, истрагата е завршена и има обвинение, па нејзиното присуство може да се обезбедува и со поблага мерка. Јанева нема да се врати во Гевгелија, туку домашниот притвор ќе го издржува во станот на нејзиниот син. Судењето за Јанева ќе почне на 3 декември.


Предметите и истрагите на СЈО „пловат“ кон заборавот

Во контекст на правната расправа за намалување на законската казна за злоупотреба на службената должност од страна на функционерите, всушност главниот фокус е на предметите и истрагите што ги водеше СЈО. По згаснувањето на специјалното јавно обвинителство, државниот обвинител Љубомир Јовески истрагите за предметите „Империја“, „Поштенска банка“, „Актор“ и „Друмарина“ ги додели на обвинителите што и досега ги работеа. Но засега никој ништо не потпишува, ниту пак размислува за точно 16 случаи на СЈО што се во фаза на истрага. Поведувањето на иницијативата за оценување на уставноста на членот 353, став 5 од Кривичниот законик, создава сомневања дека случаите на СЈО ќе потонат во заборав.
– Една работа треба да ни биде кристално јасна: иницијативата против членот 353, ст. 5 од Кривичниот законик, по која во моментов расправа Уставниот суд, е опасност за случаите на СЈО поголема од бегството на Груевски и „Рекет“ заедно – предупредува поранешниот пратеник и граѓански активист Павле Богоевски.